Рубрика: Електроника
Почина Гордон Мур – технолошкиот пионер кој ја револуционизираше ИТ индустријата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.03.2023 - 13:45

Гордон Мур е секако најпознат по Муровиот закон со кој се забележува дека бројот на транзистори во интегрирано коло се удвојува на секои две години. Ова повлекува дека транзисторите, основните клетки на микропроцесорите и дигиталното доба, ќе чинат сè помалку, а нивните перформанси експоненцијално ќе се зголемуваат. Во далечната 1965 година, кога тој ги поставил основите на она што денес го знаеме како Муров закон, тој не можел ниту да претпостави како оваа идеја ќе го промени светот.

Гордон Ерл Мур е роден на 3 јануари 1929 година, а во животот постигнал навистина многу – бил бизнисмен, инженер, соосновач на две од највлијателните компании во индустријата за полуспроводници – Fairchild Semiconductor и Intel, бил почесен претседател на корпорацијата Интел, добитник е на мноштво признанија и награди, а своето знаење и богатство го споделил со остатокот од човештвото меѓу другото и со неговата филантропска дејност.

Кога Мур го започнал своето школување во 1935 година, бил опоменуван поради неговата интровертна личност. Во 1938 година, кога неговиот татко прифатил унапредување во заменик шериф, Мур и неговото семејство се преселиле во Редвуд Сити, Калифорнија. Во 1940 година, Мур како божиќен подарок добил детски комплет за хемиски експерименти, што го инспирирало и влијаело на неговата одлука да стане хемичар. Така од 1946 до 1947 година, тој најнапред се запишал и студирал хемија на државниот колеџ Сан Хозе, а потоа се префрлил на Универзитетот на Калифорнија, Беркли, каде дипломирал во 1950 година. По ова Мур се запишал на Калифорнискиот институт за технологија (Калтек), каде во 1954 година ќе се стекне со докторат по хемија.

Вооружен со докторатот по хемија, Мур бил регрутиран од Вилијам Шокли (пронаоѓачот на транзисторот – види тука, тука и тука) за да се приклучи на неговата компанија Shockley Semiconductor Laboratories. Мур бил дел од младинскиот тим на инженери кои станаа „cause célèbre“ кога го напуштија Шокли и ја основаа компанијата Fairchild Semiconductor, по што станаа познати како „осумтемина предавници“.

Ендру Гров, Роберт Нојс и Гордон Мур во просториите на Интел во 1978 година

Во 1965 година, кога Мур работел како директор за истражување и развој во Fairchild Semiconductor списанието „Електроникс“ од него побарало мислење во врска со иднината на индустријата за полуспроводнички компоненти во следните десет години. Во статијата објавена на 19 април 1965 година, Мур забележува дека бројот на компоненти (транзистори, отпорници, диоди или кондензатори) во густо интегрирано коло се удвојува отприлика секоја година и шпекулира дека овој тренд ќе продолжи барем во наредните десет години. Во 1975 година тој ја ревидирал неговата прогноза поставувајќи ја стапката на минијатуризација и развој на приближно на секои две години. Оваа прогноза била подоцна наречена Муров закон. Муровиот закон е аспирација, не закон на природата. Тој е овозможен од армија луѓе кои ги туркаат основните закони на физиката. Предвидувањето стана цел за минијатуризација во индустријата за полуспроводници и имаше широко распространето влијание во многу области на технолошки промени. Духот на иновација поттикнат од него продолжува да ја трансформира не само технолошката индустрија, туку и светот.

Во 1968 година Мур заедно со Роберт Нојс го напуштија Ферчајлд и ја основаат компанијата Интел во која, најнапред како потпретседател, а потоа и претседател останал сѐ до неговото пензионирање во 2006 година. Под водство на Мур и Нојс, а подоцна и Енди Гроув, Интел претстави повеќе нови технологии во доменот на компјутерската меморија, интегрираните кола и дизајнот на микропроцесори, ефективно заземајќи го местото на предводник во ИТ индустријата. Во 2021 година, во чест на нивниот основач, Интел го преименува нивниот главен кампус Ронлер Акрес во Хилсборо, како Гордон Мур Парк, а зградата којашто порано беше позната како RA4, во Мур Центар.

За време на својот живот Гордон Мур добил многу почести и награди за неговата работа. Во 1976 година тој бил избран за член на американската Националната академија за инженерство, во 1990 година му бил доделен американскиот Национален медал за технологија и иновации, во 1998 година бил примен како член на Музејот за компјутерска историја, во 2001 година го добил златниот медал Othmer за исклучителен придонес во напредокот во хемијата и науката, во 2002 година станал добитник на Претседателскиот медал на слободата, највисокото цивилно признание на Соединетите Држави, а во 2003 година, бил избран за член на Американското здружение за унапредување на науката, по што во 2005 година бил избран и како член на Американското филозофско друштво. Во 2008 година ја добил можеби и најзначајната награда – Медал на честа на IEEE за „пионерски технички улоги во обработката на интегрирани кола и лидерство во развојот на MOS меморијата, микропроцесорскиот компјутер и индустријата за полупроводници“. Последниот медал со којшто Мур беше награден е UCSF медалот во 2016 година.

Во 2009 година, Мур беше примен во Куќата на славните националните пронаоѓачи, а во 2010 беше награден со наградата Ден Дејвид за неговата работа во областа на компјутерската техника и телекомуникациите.

Библиотеката во Центарот за математички науки при Универзитетот во Кембриџ е именувана по него и неговата сопруга Бети, како и зградата на Лабораториите Мур во Калтек и зградата на Истражниот оддел за материјали во Стенфорд. Американското електрохемиско друштво секоја втора година доделува и награда којашто го носи неговото име – Медалот Гордон Е. Мур за извонредни достигнувања во науката и технологијата.

Мур го искористи своето богатство за да финансира и мноштво филантропски активности за зачувување на природната средина, тој беше еден од првите што предупреди за човечкото загадување на океаните. Во 2000 година, Мур и неговата сопруга ја основаа фондацијата Гордон и Бети Мур.

Гордон Мур почина на 24 март оваа година.

Клучни зборови:
Ендру Гров, Роберт Нојс и Гордон Мур во просториите на Интел во 1978 година

Ендру Гров, Роберт Нојс и Гордон Мур во просториите на Интел во 1978 година