Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 12/13 август
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 12.08.2020 - 21:30

Во овој времеплов ги славиме родендените на австрискиот физичар и нобеловец, Ервин Шредингер, и на британскиот биохемичар и двоен нобеловец, Фредерик Сангер. Се сеќаваме на лансирањето на првиот пасивен комуникациски сателит на НАСА и му оддаваме почит на Вилијам Шокли, таткото на транзисторот.

 

12.8.1887 – Роден е Ервин Шредингер, австриски физичар и нобеловец

Ервин Шредингер (1887-1961) е еден од поставувачите на темелите на квантната теорија, којашто потоа ќе стане основа за брановата механика. Тој ја формулира брановата равенка и го открива идентитетот на неговиот развој на формализмот и механиката на матрици. Секако, она по што е најпознат е претставувањето на парадоксот на шредингеровата мачка, како одговор на копенхагеншкото толкување на квантната механика. Според ова толкување, таа не дава опис на објективната реалност, туку само можности за нејзино набљудување, мерење, различни аспекти на кванти на енергија, и објекти кои не се ниту честици ниту бранови во класична смисла. Токму на овој начин мачката затворена во кутија со смртоносна доза на радијација може истовремено да е и мртва и жива. Шредингер е автор на голем број трудови од повеќе области на физиката: статичката механика и термодинамиката, физика на диелектрици, теорија на бои, електродинамиката, општата релативност и космологијата и направил неколку обиди за формирање на теорија којашто ќе ги обедини сите сфери на физиката. (Н. С.)

 

12.8.1989 – Починал Вилијам Шокли, американски физичар и добитник на Нобелова награда

Вилијам Шокли (William Shockley) е американски физичар и пронаоѓач. Шокли бил раководител на истражувачката група во која биле вклучени Џон Бардин (John Bardeen и Волтер Братејн (Walter Brattain). Тројцата научници во во 1956 година ја добиваат Нобеловата награда за физика “за нивната истражувачка дејност на полето на полуспроводниците и откритието на транзисторскиот ефект”.

Шокли е роден на 13 февруари 1910 година, од американски родители во Лондон.  Пораснал во родниот град на неговото семејство Пало Алто, Калифорнија. Се стекнал со диплома на Универзитетот Калтек (Caltech – California Institute of Technology) во 1932 година и докторирал на МИТ (MIT – Massachusetts Institute of Technology) во 1936 година. По докторирањето Шокли се придружил на истражувачката група предводена од Клинтон Дејвисон (Clinton Davisson) во Bell Labs во Њу Џерси. Следните неколку години биле продуктивни за Шокли. Објавил голем број трудови за физиката на цврсти тела. Во 1938 година, тој го добил својот прв патент за “уред за празнење електрони“, на мултипликатори на електрони.

Кога избувнала Втората светска војна, Шокли се вклучил во истражувањето на радарската технологија во Лабораториите Бел во Менхетн (Њујорк). Во мај 1942 година, станал раководител на истражувачката група при универзитетот Колумбија која работела на пронаоѓање начини за борба против подморници. Непосредно по завршувањето на војната (1945) во Лабораториите Бел била формирана група чија задача била да бараат алтернатива на кревките стаклени вакуумски засилувачи со електронски ламби. Првиот функционален работен уред што бил направен бил транзистор со точкест спој, измислен во 1947 година од страна на американските физичари Бардин и Бретаин додека работеле под раководство на Вилијам Шокли во Лабораториите Бел.

Во 1951 година, на 41 година бил избран во Националната академија на науките. Две години подоцна, бил избран за добитник на престижната награда Comstock за физика  и бил добитник на многу други награди и почести.

Во 1963 година бил назначен за професор по инженерство и применета наука на универзитетот Стенфорд, каде работел до неговото пензионирање во 1975 година.

Шокли починал од рак на простата на 12.8.1989 година на 79-годишна возраст.  (Д. М.)

12.8.1960 – НАСА  го лансира сателитот Ехо 1  (Echo 1)

Ехо 1 е првиот пасивен комуникациски сателит. Во основа тој претставувал балон изработен од милар, вид полиестерска смола со издржлива на високи температури. Балонот бил поставен во ниска орбита со намера да ги пренесе радиобрановите и микробрановите сигнали од земските станици зад линијата на хоризонтот. Токму поради ова луѓето кои биле вклучени во проектот овој сателитот/балон на шега го нарекувале и сателон (satelloon).

Ехо 1 постигнал максимална орбита од 1684 километри и бил во функција нешто помалку од 8 месеци. Во атмосферата навлегол на 24 мај 1968 година, по што се урнал. (Н. С.)

 

13.8.1918 – Роден е Фредерик Сангер, британски биохемичар добитник на две Нобелови награди

Британскиот биохемичар Фредерик Сангер (Frederick Sanger) е еден од ретките лауреати, досега вакви се само четворица, кои ја имаат освоено двапати Нобеловата награда, а воедно е и еден од двајцата нобеловци на кои им тргнало од рака да ја освојат двапати наградата во иста категорија.

Нобеловата награда за хемија Сангер ја добил првпат во 1958 година за неговото објаснување на конституциската структура на молекулот инсулин и неговата работа во доменот на секвенционирање на протеините. Втората Нобелова награда за хемија ја освојува во 1980 година, за неговите истражувања на структурата на ДНК и оваа награда ја дели заедно со Пол Берг и Волтер Гилберт.

Сангер успеа да ја помине целата своја научна кариера во истражување. Никогаш не  не бил професор односно не предавал и не држел настава. Во одделни прилики тој признал дека смета дека неговите административни способности и способноста за предавања се многу мали и дека затоа претпочитал да работи сам. Тој не сакал ни да се обиде да смислува експерименти кои други ќе треба да ги спроведуваат. (Н. С.)

Клучни зборови:

Ервин Шредингер

Ервин Шредингер

Ервин Шредингер

Ервин Шредингер

Ервин Шредингер

Вилијам Шокли

Вилијам Шокли

Вилијам Шокли

Вилијам Шокли

Вилијам Шокли

Вилијам Шокли

Сателонот Ехо 1

Сателонот Ехо 1 за време на тестирањата

Сателонот Ехо 1 и дел од учесниците во проектот

Сателонот Ехо 1 и дел од учесниците во проектот

Фредерик Сангер

Фредерик Сангер

Фредерик Сангер

Фредерик Сангер