За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
13.2.2013 – Светски ден на радиото
Во 2013-та година, Генералното собрание на Обединетите Нации ја одобри прокламацијата на УНЕСКО со којашто 13-ти февруари е прогласен за Светски ден на радиото. На овој ден радиото се слави како медиум што едуцира, обезбедува информации и ја промовира слободата на изразување во различните култури. Целта на одбележувањето на овој ден е да се зголеми свеста на јавноста и медиумите за значењето на радиото, да се поттикнат носителите на одлуки да воспостават и да обезбедат слободен пристап до информациите преку радиото, како и да се зајакне вмрежувањето и меѓунарорната соработка меѓу радиодифузерите.
Радиото претставува универзален медиум што досега до различни заедници и маргинализирани групи, притоа нудејќи забава, едукација, можност за слободно изразување, поттикнување и спроведување на јавни дебати итн.. Како такво радиото е составен дел од секојдневието на многумина.Милијарди луѓе од целиот свет и натаму секојдневно се слушаат радио, а тоа сè уште го држи приматот на најбројна и најголема медиумска платформа.
Секоја година Светскиот ден на радиото се фокусира и поддржува одредена тема. Темата на Светскиот ден на rадиото 2020 е “Радиото и разноликоста” и се фокусира на разновидноста и повеќејазичноста. На овој начин овој важен медиум го слави човечкиот род во сета негова разноликост истовремено обезбедувајќи платформа за демократска дебата. (Н. С.)
13.2.1787 – Почина Руѓер Бошковиќ
Хрватскиот научник Руѓер Бошковиќ е познат по објавување бројни расправи од областа на математиката, оптиката, физиката и астрономијата. За разлика од Њутн, тој ги сметал просторот и времето за релативни, па според тоа, тој е познат е како предвесник на Ајнштајн.
Роден е 1711 година во Дубровник, а умира на денешен ден во 1787 година. Сестран хрватски научник. Негово поле на интерес се математиката, физиката, астрономијата, филозофијата и уметноста. Се школувал во престижни римски колегиуми. Неговите дисертации се од сферите на математиката, геофизиката, механика, оптика, астрономија и геодезија. Навистина сестран гениj. Покрај многуте филозофски расправи пишувал и поезија. Потекнувал од средно имотно семејство. Најпознато негово дело е прочуената “Теорија на природната филозофија“, каде што на оригинален начин, комплетно го изложил својот систем на природната филозофија. (П. Л.; Т. С.)
13.2.1910 – Роден е Вилијам Шокли
Вилијам Шокли (William Shockley) е американски физичар и пронаоѓач. Шокли бил раководител на истражувачка група во која биле вклучени Џон Барден и Валтер Братајн. Тројцата научници во 1947 година го создаваат транзисторот, а во 1956 година ја добиваат Нобеловата награда за физика “за нивната истражувачка дејност на полето на полуспроводниците и откритието на транзисторскиот ефект”.
Обидот на Шокли да го комерцијализира новиот дизајн за транзисторот во педесетите и шеесетите години од минатиот век делумно придонел за оформувањето на "Силиконската Долина" во Калифорнија, којашто станува (и останува) жариште на иновациите од областа на електрониката. Во неговиот подоцнежен живот Шокли станал професор по електротехника на Универзитетот Станфорд. (Н. С.)
13.2.1923 – Роден е Чак Јегер
Чак Јегер (Chuck Yeager) е американски ас од Втора светска војна, тест-пилот, а подоцна и генерал на Воените сили на САД. На 14 октомври 1947 година, при контролиран хоризонтален лет на авионот Bell X-1 на височина од 13 700 метру, ја надмина брзината на звукот постигнувајќи мах-1 и стана првиот човек кој леташе побрзо од звукот. (Н. С.)
13.2.1980 – Основана е Apollo Computers
На денешен ден пред 40 години е основана компанијата Apollo Computers која ги создаде првите работни станици (workstation computers) – мали, но моќни компјутери кои најмногу се применуваа во инженерингот. Девет години подоцна, во 1989, Hewlett-Packard го купи Apollo за сума од 476 милиони американски долари. (З. И.)