По 2 одлагања конечно се случи – утринава, со помош на најмоќната ракета во светот, успешно беше изведено лансирањето на вселенското летало Орион кое сега е на пат кон Месечината, како дел од програмата Артемида. Лансирањето се случи во 7 часот и 47 минути по македонско време, од лансирната рампа 39B во вселенскиот центар Кенеди на НАСА во Флорида.
За потсетување, мисијата Артемида 1 досега имаше два откази на ласирниот процес – на 29 август поради неисправен температурен сензор и на 4 септември поради истекување на течен водород на приклучокот помеѓу ракетата и мобилниот лансирен систем. По овие несреќни обиди, тимовите успешно го поправија истекувањето и ги ажурираа процедурите за полнење на ракетата со гориво. Во периодот кога целиот систем беше на повторна “генералка” инженерските тимовите извршија стандардно одржување за да ги поправат малите оштетувања на пената и плутата од системот за топлинска заштита и да ги наполнат или заменат батериите во целиот систем.
Како што и претходно пишувавме (види тука, тука, тука, тука и тука) лансирањето е првата етапа од мисијата во која се планира Орион да патува нешто помалку 50.000 километри “зад” Месечината и да се врати на Земјата по 25,5 дена. Мисијата Артемида I е критичен дел од процесот низ кој ќе се тестираат и утврдуваат чекорите за следниот подолг пат на човештвото од Месечината до Марс. Се работи за важен тест пред летот со човечки екипаж на мисијата Артемида II.
Откако ја достигна својата почетна орбита, Орион ги распореди своите соларни низи и инженерите започнаа со извршувањето проверки на системите на вселенското летало. Околу 1,5 часа по летот, моторот од горниот степен на ракетата успешно работеше приближно 18 минути создавајќи доволно голем потисок што ќе овозможи Орион да излезе надвор од орбитата на Земјата и да се упати кон Месечината. Потоа Орион успешно се одвои од горниот степен и веќе се наоѓа пат кон Месечината, погонуван од неговиот сервисен модул, чиишто мотори ги обезбеди Европската вселенска агенција (ЕСА).
Во текот на следните неколку часа, од прстенот што го поврзуваше горниот степен со вселенското летало Орион, ќе биде распоредена серија од 10 мали летала – CubeSats, кои освен како технолошка демонстрација имаат и научноистражувачка цел. Секое од CubeSat леталата има своја мисија со потенцијал да пополни некои од празнините во нашето знаење за Сончевиот систем или, пак, да демонстрира технологии што би биле корисни при идните вселснски мисии, како за истражување на Месечината, така и подалеку.
Приближно осум часа по лансирањето сервисниот модул на Орион е планирано да ја изврши првата од неколкуте серии вклучувања што ќе овозможат леталото да се задржи на патеката кон Месечината. Во наредните денови, контролорите на мисијата во вселенскиот центар Џонсон на НАСА, во Хјустон, ќе спроведат дополнителни проверки и корекции на курсот по потреба. Орион се очекува да го направи неговиот прв прелет крај Месечината на 21 ноември, при што откако ќе се приближи до месечевата површина ќе се упати кон заземање на далечна, високо стабилна ретроградна орбита неколку илјади километри подалеку од Месечината.
Со мисиите Артемис на НАСА, планирано е за некоја година да ги посведочиме и првите чекори на првата жена и првата обоена личност на површината на Месечината, но што е многу побитно ќе го следиме процесот што ќе отвори пат кон долгорочно, постојано присуство на човекот Месечината што потоа треба да послужи како отскочна штица за астронаутите на нивниот пат кон Марс.