Рубрика: Астрономија и астронаутика
Следете го денешното лансирањето на Артемида 1 во живо
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.08.2022 - 12:00

Ете, конечно дојде и “Д” денот за мисијата Артемида 1. Како што веќе пишувавме (види тука, тука, тука и тука), мисијата Артемида I (Artemis 1) го претставува првиот чекор пред долгоочекуваното враќање на астронаутите на Месечината. Овој прв лет од мисијата ќе биде реализиран без човечки екипаж, но е значаен бидејќи е прв лет што ги комбинира новата SLS ракета и капсулата Орион. Одбројувањето е веќе во тек, а масивната SLS ракета ќе се “одлепи” од тлото во прозорецот од 14 часот и 33 минути до 16 часот и 33 минути.

Артемида I е првата од серијата посложени мисии. Се работи за тест-лет без екипаж што треба да обезбеди основа за човечко истражување на длабоката вселена и да ја демонстрија посветеноста и способноста на НАСА да ги врати луѓето на Месечината, но уште побитно – да обезбеди трајно присуство на човекот на нашиот најголем природен сателит што понатаму ќе овозможи впуштање во уште подалечни мисии со човечки екипаж во длабоката вселена.

Летот на мисијата Артемида 1 е планирано да трае вкупно 42 дена, 3 часа и 20 минути. Притоа вселенскиот брод Орион ќе влезе во далечна ретроградна орбита околу Месечината, изминувајќи околу 2,1 милиони километри. По ова вселенскиот брод ќе се врати на Земјата, спуштајќи се во водите на Тихиот Океан, во близина на калифорнискиот брег и американската поморска база во Сан Диего.

Орион ќе остане самостојно во вселената подолго од кое било човечко вселенско летало досега – бродот нема да се докира на вселенска станица. Оваа прва мисија треба да ги утврди практично можностите и на Орион и на SLS ракетата, тестирајќи ја нивната способност безбедно да орбитираат околу Месечината и да се вратат на Земјата.

Со Артемида I, НАСА ја поставува сцената за човечко истражување во длабоката вселена, каде што астронаутите ќе градат и ќе започнат со тестирање на системите во близина на Месечината потребни за мисии на површината на Месечината и истражување до други дестинации подалеку од Земјата, вклучувајќи го и Марс.

SLS и Orion ќе бидат лансирани од лансирната рампа 39B во модернизираното вселенско пристаниште Кенеди на НАСА. Моќната SLS ракета поседива пар бустер од пет сегменти и четири мотори RS-25, ракетата ќе го достигне моментот со најголем потисок во рок од 90 секунди. Цврстите ракетни засилувачи ќе го изгорат низ нивното гориво и ќе се одвојат по приближно две минути, а основната фаза и RS-25 ќе го истрошат горивото по приближно осум минути. По откачувањето на бустерите , панелите на сервисните модули и системот за прекин на лансирањето, моторите од основната фаза ќе се исклучат и таа ќе се одвои од вселенското летало, оставајќи го Орион прикачен за привремената криогена погонска фаза (ICPS) која ќе го движи кон Месечината.

Додека вселенското летало прави орбита околу Земјата и ги распоредува своите соларни панели, ICPS ќе му обезбеди на Орион доволно голем потисок за да ја напушти орбитата на Земјата и да отпатува кон Месечината. Овој маневар, познат како транслунарна инјекција, прецизно ќе го насочи кон точка на Месечината која ќе го одведе Орион доволно блиску до неа за да биде “фатен” од гравитацијата на Месечината.

Орион ќе се одвои од ICPS приближно два часа по лансирањето. ICPS потоа ќе распореди десет мали сателити, од типот CubeSat, од кои дел ќе ја проучуваат Месечината а дел ќе се упатат уште подалеку  во длабоката вселена.

Додека Орион е на пат од орбитата на Земјата кон Месечината, тој ќе биде придвижуван од сервисниот модул обезбеден од Европската вселенска агенција, кој ќе го коригира курсот по потреба. Сервисниот модул го снабдува главниот погонски систем и моќноста на вселенското летало. Излезното патување до Месечината ќе трае неколку дена, време кое инженерите ќе го употребат за проценка на системите од вселенското летало.

При неговото неговото најблиско приближување Орион ќе се најде на околу 97 километри над површината на Месечината, а потоа ќе ја искористи гравитационата сила на Месечината за да се придвижи во далечна ретроградна орбита, патувајќи околу 64 000 километри покрај Месечината. Ова растојание е за 48 000 километри подалеку од претходниот рекорд поставен за време на Аполо 13 и е најдалечна точка во вселената во која ќе се најде едно летало конструирано за човечки екипаж.

За повратното патување на Земјата, Орион ќе добие уште една гравитациска помош од Месечината додека го прави вториот близок прелет, вклучувајќи ги моторите во точно вистинско време за да ја искористи гравитацијата на Месечината и да забрза назад кон Земјата, поставувајќи се на траекторија за влез во атмосферата на нашата планета.

Мисијата ќе заврши со тестирање на способноста на Орион безбедно да се врати на Земјата. Орион треба да влезе во атмосферата на Земјата патувајќи со брзина од околу  40 000 км на час. Атмосферата на Земјата ќе го забави вселенското летало до брзина од околу 480 км на час, при што триењето ќе генерира температури од приближно 2800 степени Целзиусови, што ќе ја стави на тест издржливоста на топлинскиот штит.

Откако вселенското летало ќе ја помине оваа екстремна фаза од летот, предниот капак што ги штити неговите падобрани ќе биде исфрлен. Најнапред ќе се активираат два падобрани на Орион, на висина од 7600 метри, по што за една минута Орион ќе забави на брзина од околу 160 км на час. По ова овие “падобран-кочници” ќе бидат отфрлени по што треба да се испуштат три пилот падобрани што че ги извлечат  трите главни падобрани што ќе обезбедат за меко спуштање на Орион во водите на Тихиот Океан.

Приклучете ни се во следењето на првиот чекор од оваа нова истражувачка авантура на човештвото. Директниот пренос може да го следите на официјалниот сајт на НАСА но и тука, на сајтот на ЕМИТЕР.

 

НОВО: Поради проблем со еден од моторите, што не можеше да се реши до зададеното време, денешното лансирање е напуштено. Инженерите од НАСА сè уште собираат податоци за проблемот и работат на негово решавање, но сè упатува на тоа дека лансирањето е одложено најрано за 2 септември, кога е првиот следен прозорец со поволна конфигурација за пат кон Месечината.

Клучни зборови: