Во средата, на 21 септември, мисијата на НАСА го заврши клучниот тест за полнење гориво на SLS ракетата (Space Launch System), ги помина сите негови фази и покрај малиот почетен застој. Агенцијата објави дека ги постигнала целите што биле поставени, но по анализата на податоците од тестот и за временската прогноза сепак се реши да се откаже од лансирање на 27 септември 2022 година.
Тестот извршен минатата недела беше нужен за да се процени дали поправката, извршена по случајот на протекување течен водород што ги стопираше претходните обиди за лансирање, била ефикасна и дали новите дополнети процедури за полнење го намалуваат ризикот од истекување.
За време на полнењето гориво на централната етапа на ракетата, сепак, се случила мала загуба, со исти карактеристики како онаа што доведе до откажување на лансирањето од 3 септември. Загубата била регистрирана при полнењето на истиот сегмент и во исто време од процедурата – при премин од бавно кон побрзо полнење на ракетата со течен водород. Овој пат, сепак, проблемот бил решен „во од“ и обемот на загубата бил намален од 7% на 0,5% (според поставените стандарди безбедносниот праг што не треба да се надмине изнесува 4%). Тимот на крај успеал целосно да ги наполни резервоарите со течен водород и кислород.
Проблемите што се случија при претходните обиди за лансирање биле надминати со примена на побавни варијации во температурата и притисокот при процесот на полнење гориво. Техничарите на НАСА конечно успешно го завршиле ладењето на моторите (kick-start bleed) неопходно за намалување на нивната температура пред лансирањето.
Во саботата НАСА објави дека нема да се обиде да ја лансира мисијата до Месечината на 27 септември поради тропската бура Јан, која се очекува да премине во ураган пред да пристигне на Флорида во текот на оваа недела. Подготовките за привремено враќање на ракетата назад во хангар се во тек, иако конечната одлука за ова сè уште не е донесена – денес треба да биде објавено дали инженерите процениле дека ракетниот систем и бродот ќе може да останат уште на лансирната рампа или не. Како и да е, трета мајка за лансирање на Артемида 1 може да очекуваме најрано на 2 октомври.