Рубрика: Астрономија и астронаутика
Артемида 1 – кога најрано треба да очекуваме нов обид за лансирање?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.09.2022 - 15:00

Администраторот на НАСА Бил Нелсон ги објаснува причините за одложувањето на лансирањето

НАСА не планира да ги искористи прозореците за лансирање што се отвораат секој ден до 6 септември. Почеток на мисијата Артемида 1 и лансирање кон Месечината може да ги очекуваме најрано од 19 септември, но многу веројатно е тоа да се случи дури наредниот месец.

Откако по втор пат беше прекинат обидот за лансирање на Артемида, поради истекување во 8 милиметарската линија – доводот што ја снабдува Space Launch System (SLS) ракетата со течен водород, НАСА одлучи да се откаже од искористување на прозорците за лансирање во почетокот на септември. Техничарите 3 пати се обиделе да го санираат проблемот што бил детектиран при овој втор обид, но откако нивните напори биле залудни процесот на лансирање беше откажан.

SLS ракетата заедно со капсулата Орион на плаформата 39Б на вселенскиот центар Кенеди. Снимено на 1 септември (фото: NASA)

Денес тимот техничари треба да ги испита причините за дефектот на лансирната рампа 39Б на вселенскиот центар Кенеди, а како главниот “осомничен” е вентил на споменатата линија. Паралелно ќе се процени и дали потребните интервенции можат да се изведат на самата „рампа“, додека на неа е присутна SLS ракетата или ќе биде неопходно таа привремено да се врати  во хангар, односно во Vehicle Assembly Building (VAB).

Ако тимот за лансирање заклучи дека може да го замени проблематичниот хардвер на лице место, потоа мошне веројатно би следело тестирање со делумно полнење на гориво во ракетата што би обозможило да се утврди интегритетот на поправката. Овој тек на настаните би ја задржал SLS ракетата со капсулата на подлогата и би можел да овозможи лансирање на поблизок датум. Но, ако се процени дека ваквата брза поправка е невозможна, работите ќе се усложнат...

Прозорците“ за лансирање на Артемида 1 во септември и октомври 2022 година. Деновите во кои се исполнети условите, поврзани со механиката на орбитите на Земјата и Месечината, неопходни за програмирање на лансирањето. Притоа, прозорецот за лансирање трае околу околу два часа во деновите обележани како поволни. Ако лансирањето се случи во датумите обележани со зелена боја, мисијата на Артемида 1 би имала пократко времетраење (26 - 28 дена. Лансирање во деновите обележани си темно зелена боја значи времетраење од 28 - 42 дена за мисијата Артемис 1. (извор: NASA)

Имено, од причини поврзани со сертификацијата на FTS системот наменет за прекин на летот (Flight Termination System), којшто во случај на нужда се активира веднаш по лансирањето и чијашто намена е да ја “катапултира” капсулата Орион на безбедносна висина ако биде детектирана опасност, ракетата не може да остане на рампата повеќе од 25 дена. По изминување на овој временски период таа мора да се врати во VAB за да се „ресетираат“ батериите што го напојуваат системот, со што значително се намалува веројатноста да видиме лансирање овој месец.

Повеќе за мисијата Артемида на порталот на ЕМИТЕР може да најдете тука, тука, тука, тука, тука и тука

Клучни зборови:
Администраторот на НАСА Бил Нелсон ги објаснува причините за одложувањето на лансирањето

Администраторот на НАСА Бил Нелсон ги објаснува причините за одложувањето на лансирањето на Артемида I за време на конференцијата за печат, во вселенскиот центар Кенеди на НАСА.

SLS ракетата заедно со капсулата Орион на плаформата 39Б на вселенскиот центар Кенеди

SLS ракетата заедно со капсулата Орион на плаформата 39Б на вселенскиот центар Кенеди. Снимено на 1 септември (фото: NASA)

Деновите во кои се исполнети условите, поврзани со механиката на орбитите на Земјата и Месечината, неопходни за програмирање на лансирањето.

„Прозорците“ за лансирање на Артемида 1 во септември и октомври 2022 година. Деновите во кои се исполнети условите, поврзани со механиката на орбитите на Земјата и Месечината, неопходни за програмирање на лансирањето. Притоа, прозорецот за лансирање трае околу околу два часа во деновите обележани како поволни. Ако лансирањето се случи во датумите обележани со зелена боја, мисијата на Артемида 1 би имала пократко времетраење (26 - 28 дена. Лансирање во деновите обележани си темно зелена боја значи времетраење од 28 - 42 дена за мисијата Артемис 1.