Каков звук би имала црната дупка кога би можеле да ја слушнеме? Можеби некако слично на оваа мрачна „елегија“ забележана во галактичкиот кластер Персеј...
Благодарение на фотографиите снимени од мрежната опсерваторија на телескопот Хоризонт на настани (Event Horizon Telescope – EHT) веќе имаааме претстава како изгледаат црните дупки (повеќе тоа може да прочитате тука, тука, тука и тука). Но, дали некогаш сте се запрашале каков звук испуштаат овие галактички “гладници”? На почетокот од овој месец НАСА делумно ја задоволи оваа љубопитност објавувајќи аудио датотека на којашто може да се слушне длабокото “грчење” на црната дупка во центарот на галактичкото јато Персеј, оддалечено околу 240 милиони светлосни години од нас.
Верувањето дека вселената е неизмерно тивка произлегува од фактот што на звучните бранови им е потребен физички медиум низ којшто тие ќе се шират – вода, воздух, дрво, стакло... но иако ова не е далеку од вистината, сепак, не е ниту сосема точно. Секако, во длабоката вселена сигурно не би имале можност да ги слушнеме звуците толку добро како на Земјата, сосема веројатно нема да можеме да ги слушнеме воопшто, но тоа не значи и дека ги нема.
Веќе 20 години научниците знаат во кластерот Персеј одекнуваат звуци што не можеме директно да ги слушнеме. Уште во 2003 година, вселенската опсерваторија Чандра на НАСА, која набљудува во x-зрачното подрачје, откри дека низ огромните пространства исполнети со гас што ја опкружуваат супермасивната црна дупка во центарот на јатото, се шират акустични бранови со екстремно ниска фреквенција. Имено, податоците од радиотелескопот открија докази за бранови на притисок што формираат брановидни структури во црвено-жешките гасови на јатото – пертурбации што може да се преведат во “ноти”.
Овој “превод” се случи неодамна, како дел од иницијативата на НАСА да ги збогати своите прекрасни слики од вселената со нова сензорна димензија. Резултатот е оваа далечна песна, налик на повик од кит во длабочините на космосот.
Звукот е манипулиран за да стане чуен за човечкото уво. Звучните бранови предизвикани од дејството на црната дупка се поместени за 57 и 58 октави погоре и се измешани со други податоци. Во практиката, како што информираат од НАСА, ова значи дека “звучните бранови што се слушаат се 144x1015 и 288x1015 пати повисоки од нивната првобитна фреквенција“.
Звучните бранови би можеле да играат фундаментална улога во еволуцијата на галактичките јата. Како што се шират во меѓугалактичкиот медиум, тие го загреваат, бидејќи носат енергија низ плазмата. И бидејќи температурите го регулираат формирањето на ѕвездите, ова движење на топлина придонесува за создавање на нови ѕвезди. Топлината е исто така она што му овозможи на Чандра да ги открие звучните бранови во кластерот во 2003 година, бидејќи интрагалактичкиот медиум е толку жежок што свети во брановата должина на x-зраците.