Рубрика: Астрономија и астронаутика
Претставени првите фотографии на црна дупка
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 10.04.2019 - 15:15

Денес, на симултаната светска презентација, пред пошироката јавност се претставени првите резултати од меѓународната соработка Event Horizon Telescope (EHT) . Прес конференциите се одржуваа истовремено во Брисел и Вашингтон (на англиски јазик), Лингби (на дански јазик), Сантјаго (на шпански јазик), Шангај и Тајпеј (на мандарински јазик) и во Токио (на јапонски јазик)

Откритието беше најавено во серија од шест научни труда објавени денес во специјалното издание на The Astrophysical Journal Letters. Сликата ја открива црната дупка, односно светлината од нејзиниот хоризонт на настани, сместена во центарот на објектот Messier 87, огромна галаксија во близина на галактичкото јато Девица (Virgo). Црната дупка е оддалечена 55 милиони светлосни години од нас и нејзината маса е за 6,5 милиони пати поголема од онаа на Сонцето.

Проектот EHT, Event Horizon Telescope поврза повеќе телескопи ширум светот за формирање на виртуелен телескоп со големина на Земјата, со огромна чувствителност и резолуција. EHT е резултат на повеќегодишна меѓународна соработка. Проектот им овозможува на научниците нов начин за проучување на најекстремните објекти во космосот чиешто постоење беше предвидено уште пред цел век, од страна на Ајнштајн во неговата Општа теорија на релетивитетот.

Црните дупки се невообичаени космички објекти со огромна маса но екстремно компактни димензии. Присуството на овие објекти влијае на нивната околина на естремен начин – го извитоперува време-просторот и го супер-загрева околниот материјал.

Во проектот EHT се вклучени телескопите ALMA, APEX, 30 метарскиот телескоп IRAM, телескопот James Clerk Maxwell, Large Millimeter Telescope Alfonso Serrano, Submillimeter Array, Submillimeter Telescope, како и South Pole Telescope. Петабајтите податоци на крајот беа прочешлани од високоспецијализираните суперкомпјутери на Max Planck Institute for Radio Astronomy и MIT Haystack Observatory.

Овој пример на глобална тимска работа беше овозможен со блиската соработка на истражувачите вклучени во него, ширум светот.

Сите заинтересирани конференциите можеа да ги следат на следните линкови

Клучни зборови: