Рубрика: Информатика
Жената што го создаде алгоритамот за фотографијата на црната дупка
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.04.2019 - 11:30

Вчерашниот ден, без сомнение, ќе остане забележан како ден на едно од големите откритија, рамо до рамо со денот на потврдата за постоењето на хигс-бозонот, гравитациските бранови, потврдата за вода на Марс, стапнувањето на човекот во вселената и на Месечината, да спомнеме само неколку вакви настани од поновата историја... И додека траеше еуфоријата околу нашиот прв директен поглед во една црна дупка, на социјалните мрежи почна да се споделува сликата од жената која е меѓу најзаслужните за ова откритие.

Да нема недоразбирање, фотографијата е производ на големата меѓународна научна соработка што обедини низа од осум радиотелескопи низ светот за создавање на виртуелниот телескоп EHT (Event Horizon Telescope). Но, за добивање на прецизна фотографија, огромното мноштво податоци добиени од осумте моќни телескопи, требаше компјутерски да се обработи, обедини и координира со помош на посебен алгоритам. Е, токму тука главната улога ја одигра Кејти Бауман (Katie Bouman), асистент професор за компјутерска наука на Калтек (Институтот за Технологија на Калифорнија).

Кејти, којашто има дипломирано на познатиот технички факултет МИТ (Институт за технологија на Масачусетс), ја разви програмата додека сè уште студираше. Заедно со останатите инженери и научници во тимот, таа помогна во добивањето на првата слика на црна дупка. Таа исто така го водеше и тестирањето за потврда на добиените фотографии.

Дел од популарноста на Кејти се должи на појавата на две фотографии, коишто вчера се ширеа на социјалните мрежи. На едната фотографија, чијшто извор е BBC, се гледа како Буман стои покрај маса натрупана со мноштво од тврди дискови, во коишто се лоцирани петабајтите информации што треба да се обработат за добивање на сликата. Како што забележаа повеќе луѓе, фотографијата неодоливо потсетува на фотографијата од програмерката Маргарет Хамилтон од 1969 година, на којашто таа стои до топ хартија на која е испечатена програмата употребена во мисијата Аполо 11, што беше напишана од неа и програмерскиот тим што таа го предводеше.  

Уште една причина зошто нејзиното име како пламен се ширеше низ социјалните мрежи е тоа што, сè до неодамна, жените научници ретко го добиваа заслуженото признание, погледнете го само филмот Hidden Figures инспириран од вистински ликови и настани, за жените математичарки од почетоците на НАСА.

За нејзината инстант-популарност на социјалните медиуми Бауман ја даде следнава изјава за CNN, ”Никој од нас не можеше ова да го направи сам. За оставарување на целта беа потребни мноштво различни луѓе од различни профили”.

Пред неполни 3 години, во декември 2016 година, Бауман учествуваше на еден независен TEDx настан со своето излагање “Како да се фотографира црна дупка”. Овој говор може да го проследите подолу.

Клучни зборови:
Кејти Буман, лево и Маргарет Хамилтон, десно.

Кејти Буман, лево и Маргарет Хамилтон, десно.