Рубрика: Астрономија и астронаутика
Фотографиите од црната дупка откриваат како таа се менува
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 14.10.2020 - 12:30

Најверодостојна фотографија на црна дупка

Да се потсетиме, црните дупки се релативно млади космички објекти, коишто за првпат се сретнуваат во равенките на Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот. Во историјата на науката познати се мал број случаи во кои некоја теорија е толку детално разработена, како што е теоријата за црните дупки пред да се докаже дека тие реално постојат. Меѓутоа, како нивното постоење може да се докаже кога, според теоријата, тие се невидливи?

Сепак, иако се невидливи, видливо е нивното силно гравитациско дејство врз материјата од гас и прав околу дупката, којашто тие ја вшмукуваат во себе, па таа паѓајќи спирално во дупката го формира т.н. „акреционен диск“ околу неа. Притоа материјата енормно се загрева поради силното меѓусебно триење на нејзините честички под дејство на огромната гравитациска сила на дупката, и тогаш таа материја емитува забележлива радијација во целиот нејзин спектар. Токму таа радијација од акрециониот диск би можела да се фотографира, како доказ за постоење на црните дупки.

Од пред десетина години започна да се применува поинаква тактика за фотографирање на акрециониот диск околу некоја црна дупка. Имено, тогаш беше формиран меѓународниот состав Event Horizon Telescope (EHT), во превод “TТелескоп на хоризонтот на настани“. ЕХТ претставува здружување на повеќе поединечни телескопски опсерватории во една единствена целина, со задача да направи првата фотографија на радијацијата од акрециониот диск околу некоја црна дупка. (Повеќе за ова пишувавме тука) Во прво време, од 2009 до 2013 година, во составот на EHT беа вклучени опсерваториите од Аризона, Хаваите и од Калифорнија, и во тој период започна неговата прелиминарна дејност. На мета на составот беше супермасивната црна дупка М87, оддалечена околу 55 милиони светлински години од нас, лоцирана во центарот во галаксијата Messier 87.

Во 2013 година, кон составот се приклучи и опсерваторијата во Чиле, но, интензивната дејност на составот ЕХТ датира од 2017 година, кога тој се прошири до вкупно 7 опсерватории, од Северна и Јужна Америка, Европа и од Хаваите. Принципот на нивната дејност беше сите опсерватории во исто време фотографски да следат ист космички објект – наведената црна дупка М87, и потоа меѓусебе да ги споредат сите собрани материјали. Овој систем на работа резултираше со најверодостојната слика на наведената црна дупка, што беше претставена лани во почетокот на април. Така беше собрано големо количество материјал, кој беше транспортиран во центарот за обработка. По долготрајна исцрпна анализа, истражувачите ја конструирале првата најверодостојна слика на една црна дупка, дупката М87, поточно кажано, слика на нејзиниот акреционен диск. Трудот објавен на 23 септември во списанието Astrophysical Journal открива дела најсветлата точка на фотографијата ја менува својата локација со текот на времето. 

На сликата е воочливо дека акрециониот диск околу таа дупка емитува радијација со различен интензитет вдолж целата негова површина. Имено, на неговиот долен дел тој покажува извесен светлински максимум, всушност радијација со најсилен интензитет. Тој радијациски максимум според научниците се должи на турбулентните бури што постојано беснеат во дискот. Знаејќи дека тие бури ја менуваат нивната локација во дискот, истражувачите го споредиле својот наод со материјалот собран во претходниот почетен период 2009-2013 година и на тој начин составиле мапа на изгледот на акрециониот диск во целиот период, почнувајќи од 2009 година наваму.

Но, вообичаено е при секое ново научно откритие, меѓу научниците да постојат и скептици; во случајов тие потсетуваат дека таа мапа е креација од компарација меѓу релативно понова фотографија направена во 2017 година и стари материјали собирани во периодот 2009 – 2013 година. Но, еве ја и изјавата на Џефри Бауер, академик на  Институтот за астрономија и астрофизика на Хаваите, и член на екипата EHT: „Во 2019 и 2020 година, екипата  беше зафатена со анализа на материјалот, па не можеше да врши набљудувања, но планираме нив да ги обновиме во 2021 година за да присобереме поквалитетни сликовити податоци за поместувањето на радијацискиот максимум“.   

Клучни зборови:
Најверодостојна фотографија на црна дупка

Најверодостојна фотографија на црна дупка

Поместување на радијацискиот максимум на акрециониот диск

Поместување на радијацискиот максимум на акрециониот диск