Црните дупки се релативно нов тип небески објекти кои во науката се појавиле во равенките на Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот и оттогаш станале предизвик за научниците. Па, така, теоријата за црните дупки станала детално развиена математички уште пред да се докаже дека такви дупки реално постојат. Да се потсетиме, црни дупки се нарекуваат објектите со огромна густина на материјата, поради којашто тие имаат огромна гравитациска привлечност, од која ништо, па дури ниту светлинските кванти, не можат да “избегаат” доколку се доближат до неа над одредена граница т.н. хоризонт на настани (event horizon). Но, гледајќи од аспект на квантната физика, во теоријата за црните дупки се појавуваат извесни парадокси, па научниците сметаат дека е неопходно да откријат некој нов, пореален доказ за нивното постоење.
Со оваа задача се зафатил еден интернационален тим составен од астрономи и инженери, кои се фокусирале на оптичко набљудување и на реализација на првата висококвалитетна фотографија во гроплан на монструозната црна дупка Sigitarius A, лоцирана во центарот на нашата галаксија, при што на таа фотографија јасно ќе се препознава хоризонтот на настани којшто ја обвиткува црната дупка. За реализацијата на оваа мисија екипата ја користела неколку опсерватории во рамките на експериментот EHT (Event Horizon Telescope). Најосетливата од нив, опсерваторијата АЛМА, лоцирана во пустината Атакама во Чиле, се наоѓа на височина од 5000 m и содржи вкупно 54 антенски сегменти. Сите радиотелескопи од проектот EHT се спрегнати во една единствена целина, со што се постигнува голема чувствителност и голема резолуција неопходни за фотографирање детали. Експериментот треба да ја сними во гроплан досега најјасната фографија на црна дупка заедно со нејзиниот хоризонт на настани, кој на фотографијата треба да биде видлив како светол прстен наспроти темната заднина, нешто слично како уметничката визија покажана подолу. За волја на вистината, хоризонтот на настани и досега бил мета за снимање, но на сите тие фотографии тој едвај се распознавал како нешто посјаен, но наполно нејасен заматен дел.
Екипата ја започнала мисијата во 2017 година и досега направила голем број фотографии поврзани со хоризонтот на настани на дупката Sigitarius A. Исто така, таа собрала голем број податоци за црните дупки. Заради суперкомпјутерска обработка, сиот материјал беше дистрибуиран во два истражуачки центри – Опсерваторијата Хејстак (Haystack Observatory) на МИТ, лоцирана во Масачусетс, САД, и Институтот за астрономија Макс Планк, сместен во Германија. Конечниот резултат од обработката сè уште не е објавен. Научниците најавија за денес неколку прес-конференции во повеќе земји на коишто ќе ги претстават резултатите.
Емитер ќе го следи натамошниот тек на оваа интересна мисија!