Иако сè уште ниту летото не е официјално започнато, но знаејќи дека нè очекува тешка година, токму сега е време за да ги истражиме сите опции за што поекономично, а по можност и “почисто” домашно затоплување во следната грејна сезона.
Во светло на тековната енергетска криза, добро е да се знае колкава е цената на еден киловатчас топлинска енергија, добиена од разни видови енергенси.
Во втората колона се дадени цените по еден литар, по еден киловатчас или еден просторен метар енергенс, а во седмата колона е цената сведена на еден киловатчас топлинска енергија.
Земен е предвид и степенот на корисност на ложиштето кај разни видови горива, односно коефициентот на перформанси кај клима уредите (SCOP). Тој покажува колку киловатчасови топлинска енергија се добиваат просечно од еден киловатчас електрична енергија. Овој коефициент зависи од типот на клима уредот, а највисок е кај современите инвертер клима уреди. Зависи и од климатската зона, односно средната зимска температура. Во Скопје, поради потоплите зими овој коефициент е повисок и цената на топлинската енергија од клима уредот е пониска, а во Битола е обратно – поради постуденото време SCOP е понизок а топлинската енергија од клима уредот е релативно поскапа.
Како што гледаме, греењето на екстра лесно масло (нафта за домаќинства) е најдобро да го заборавиме. Дури ни греењето на ТНГ (втечнет гас од бензинските пумпи) не е многу поевтино, како ни греењето на електрична енергија со греалки, особено во високата тарифа.
Најисплатливо е греењето со инвертер клима уреди и тоа во ниската тарифа. Со овие цени на електричната енергија сé уште се исплати овој вид на греење и потегот на локалните власти во Битола за замена на печките на тврдо гориво со инвертер клима уреди сé уште се покажува правилен.
Греењето на дрва спаѓа меѓу најевтините начини, но поради проблемот со загадувањето, не се препорачува и најдобро е да се избегнува.
Повеќе за тематиката греење и за различните типови на греење може да прочитате во "Греење 1: Физиолошки услови и пренесување на топлина" (ЕМИТЕР 9/2010); "Греење 2: Термотехничка пресметка" (ЕМИТЕР 10/2010); "Греење 3: Греење со цврсти горива" (ЕМИТЕР 11/2010); "Греење 4: Греење на струја" (ЕМИТЕР 12/2010); "Греење 5: Греење на нафта и гас (LPG и NG)" (ЕМИТЕР 1/2011)