Познатиот и сè уште мистериозен Wow! сигнал, што накратко беше забележан во текот на ноќта на 15 август 1977 година, можеби дошол од ѕвезда слична на Сонцето, оддалечена околу 1 800 светлосни години од нас и сместена во соѕвездието Стрелец.
Wow! сигналот се сметаше за најдобар кандидат за радиосигнал што потекнува од некоја вонземска цивилизација во потрагата на SETI. Беше детектиран со радиотелескопот Big Ear на Државниот универзитет во Охајо, сигналот бил извонредно силен, но мошне краток – траел сè на сè 1 минута и 12 секунди, како што стои во извештајот на астрономот Џери Ехман. Токму тој откако го видел отпечатокот од аномалијата го нашишал исконското Wow! (Леле!) во маргините на страницата. Сега веќе непостоечкиот Big Ear телескоп бил посветен на барање пораки во електромагнетниот фреквентен опсег од 1420,4056 мегахерци, којшто ги создава елементот водород. Логиката е дека со оглед на тоа што водородот е најзастапен елемент во универзумот, интелигентната вонземна цивилизација што би сакала да привлече внимание кон себе сосема извесно би емитувала силен сигнал во тесниот фреквентен опсег или во близина на фреквенцијата на неутралната водородна линија.
Од првата дектекција на Wow! сигналот до денес, истражувачите постојано бараа сличен последователен сигнал од истото место на небото, но овие очекување не се исполнија. Ова значеше дека Wow! сигналот веројатно е последица на некој вид природен настан, и дека неговото потекло можеби и не е поврзано со вонземјани, но сомнежот останува... Особено ако се има предвид дека и ние, човештото со радиотелескопот Аресибо имаме испратено краткотраен единечен сигнал како своевидна поздравна порака до вонземјаните, во правец на глобуларното ѕвездено јато М13 во 1974 година.
Со цел да го прецизира потеклото на Wow! сигналот и знаејќи дека двата приемници од телескопот Big Ear биле насочени кон соѕвездието Стрелец ноќта кога сигналот бил детектиран, астрономот аматер Алберт Кабаљеро направил пребарување низ ѕвездите каталогизирани со помош на сателитот Гаја на Европската вселенска агенција. Притоа тој открил и една ѕвезда слична на Сонцето. Објектот со ознака 2MASS 19281982-2640123 е оддалечен околу 1 800 светлосни години, и има температура, дијаметар и сјајност речиси идентични со оние на нашиот ѕвезден придружник. Наодите на Кабаљеро биле претставени на почетокот од овој месец во International Journal of Astrobiology.
Иако живи организми може да опостојуваат во широк спектар на средини, дури и околу ѕвезди сосема различни од нашето Сонце, Кабаљеро избрал да се фокусира на ѕвезди слични на нашата бидејќи како што објаснува тој „ние бараме живот онаков каков што го знаеме“. Со оглед на неговите резултати, тој смета дека „можеби е добра идеја да се направи претрага [околу посочената ѕвезда] за населиви планети, па дури и цивилизации“.
Но, дали потрагата по вонземски живот треба да биде ограничена саомо на ѕвезди слични на Сонцето? Луѓето имаат една почетна податочна библиотека врз којашто ги засноваат очекувањата за вонземските цивилизации, а тоа сме ние самите. Кога размислуваме за видовите технологија што евентуалните вонземјани можеби ги поседуваат очекуваме тие да бидат нешто налик на она што го поседуваме или што можеме да го предвидиме со нашите досегашни сознанија. Но, ова не би требало да не обесхрабри.
Повеќе за историјатот на SETI и досегашната потрага по вонземска цивилизација во Историја на SETI (1): Раѓањето на идејата за контакт, Историја на SETI (2): Влијанието на Френк Дрејк, Историја на SETI (3): Врвните достигнувања на SETI, Историја на SETI (4): SETI, од своето реформирање до денес, SETI@home, Дали сме сами во вселената?, Како да препознаете вонземско ѓубре на небото. Сериозно! :), Вонземјани – според дрејковата и сиџеровата равенка