Рубрика: Астрономија и астронаутика
Како да препознаете вонземско ѓубре на небото. Сериозно! :)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 18.03.2019 - 11:15

Иридиумските облесоци се позната глетка за сите набљудувачи на ноќното небо. Тоа се оние силни блесоци што се последица на одбивањето на сончевите зраци од соларните панели на некој од 66-те сателити на системот за комуникација Иридиум, поставени во ниска орбита. Неодамна, еден истражувач вклучен во потрагата по вонземска интелигенција (проектот СЕТИ) си го постави прашањето што би значеле набљудувањата на одблесоци налик на иридиумските, лоцирани на нешто поголема оддалеченост од Земјата. Дали се работи за некој блескав вонземски артефакт или, пак, за вселенско летало направено од човекот?

Одговорот на ова прашање, во вид на сериозен научен труд, може да се проследи на серверот за претпечат arXiv, кадешто чека на објава.

Истражувачот најнапред направил пресметки во врска со тоа како би изгледал сјајниот одблесок на објект со јасен технички “потпис". За почеток, напоменува дека иако рефлективната површина на објектот може да се забележи оддалеку, нашата способност да ја видиме од Земјата зависи од големината на оваа површина, правецот во којшто таа е поставена наспроти нас, потоа дали таа се врти и конечно, зависи и од чувствителноста на самиот телескоп со којшто се набљудува. Па, така, на пример, 1,8-метарскиот телескопот на Pan-STARRS1 (Panoramic Survey and Rapid Response) којшто се наоѓа на Халеакала, на Хаваите, и секојдневно го ‘скенира’ небото во потрага по објекти коишто би претставувале потенцијална закана за Земјата, може да забележи огледало со големина на DVD диск на оддалеченост од 1 астрономска единица, доколку тоа се врти забавено. За потсетување, 1АЕ го претставува растојанието помеѓу Сонцето и Земјата. Но, за Pan-STARRS1 да забележи брзоротирачки рефлективен објект на истото растојание, објектот треба да биде со големина на тениско игралиште!

Имајќи ги предвид овие податоци, истражувачот проценил дека треба да има милиони огледала распослани во внатрешната зона од Сончевиот систем за Pan-STARRS1 во една експозиција да забележи само едно од нив. Забележливоста може нешто да се подобри ако набљудувањето се фокусира на точките Лагранж, коишто како своевиден гравитациски “магнет” би привлекле голем дел од евентуалниот вонземски отпад.  Па така, ако во овие точки има само неколку стотини рефлективни објекти, дури и со помал телескоп би можеле да забележиме еден од нив.

Фактот што досега не сме забележале вакви одблесоци можеби укажува на тоа дека сите вонземски посетители, коишто евентуално поминале низ Сончевиот систем, веројатно се еколошки свесни, та си го собираат сето свое ѓубре зад себе wink .

Клучни зборови:
Иридиумски блесок

Иридиумски блесок