Новите сателитски мерења потврдуваат дека циклусот на водата се забрзува. Причината: климатските промени предизвикани од глобалното затоплување.
Циклусот на водата е еден од оние природни механизми коишто, во помал или поголем обем, се изучуваат уште од основно училиште и коjшто веќе ни е познат. Водата испарува под дејство на сонцето, влегува во атмосферата во форма на пареа, станува облак, паѓа на тлото како воден талог, се слива во реките, се враќа во езерата, морињата и океаните, а потоа циклусот одново започнува. Проблемот е во тоа што, како што предвидуваат многу од климатските модели и како потврдува и студијата објавена неодамна во Scientific Reports, глобалното затоплување го забрзува овој механизам. Како резултат на ова солените води стануваат сè посолени а слатките води стануваат послатки. Какви се ефектите од оваа промена? Катастрофални, се разбира.
Естреља Олмедо од Институтот за океанографија (Institut de Ciències del Mar) во Барселона го спроведе истражувањето користејќи нов метод за мерење на соленоста на океаните. Имено, салинитетот е основен параметар и е директно поврзан со климата. Наместо да се потпира на поставените инструменти – специјални пловци кои ја мерат соленоста неколку сантиметри под површината на водата – Олмедо користела сателитски податоци, кои овозможуваат мерење на соленоста на површината од водата.
Упростен приказ на циклусот на водата во природата
Зошто разликата од неколку сантиметри е толку битна? Бидејќи зголемувањето на глобалните температури доведува до зголемување на површинското испарување, кое се случува побрзо (бидејќи површината е потопла) и затоа остава помалку време за површинските слоеви од водата да се измешаат со подлабоките. Размената е подеднакво забавена и поради фактот што во многу области е намален и интензитетот на океанските ветрови. Со други зборови, соленоста измерена под површината не ја одразува соленоста на површината и користењето на тие податоци може да биде погрешно.
Што точно значи зголемувањето на испарувањето на површината? Освен обемната промена на салинитетот, ова пред сè значи дека огромни количества вода, во форма на пареа, влегуваат во атмосферата. Овој вишок од вода, порано или подоцна, мора да падне во вид на воден талог – забрзувањето на водниот циклус со себе ќе донесе зголемување на обемот на врнежите и други екстремни атмосферски феномени во многу делови од светот.
Друг ефект што никако не треба да се потцени е зголемувањето на дождот на половите (за ова види тука, тука и тука), што помага да се забрза топењето на мразот кој завршува во морето, дополнително „покачувајќи ги“ параметрите на температурата и соленоста.
Според Олмедо, резултатите од нејзините истражувања треба да се земат предвид при креирањето на сите идни климатски модели, кои за да имаат поцелосен увид во ефектите од глобалното затоплување врз глобалната клима, мора да ги интегрираат сателитеските податоците за соленоста од површината на водите.