Врнежи од дожд биле регистрирани на највисоката точка на Гренланд, нешто што не се случило во последниве неколку децении, а колку што им е познато на научниците, вакво нешто не се случило ниту порано.
На 14 август, на највисоката точка на ледената покривка на Гренланд врнеше дожд. Ваков атмосферски настан не бил забележан никогаш порано, односно барем од 1980 -тите години, од моментот кога започнало собирањето метеоролошки податоци за регионот. Но, според симулациите направени врз основа на овие податоци, вакво нешто се чини дека не се случило ниту некогаш порано. Ова е уште еден знак дека нешто се менува (на полошо) на Арктикот, каде температурата се зголемува побрзо отколку на кое било друго место во светот.
Научната станица Самит лоцирана на Гренланд
Кога ќе кажеме дека врнело, мора да нагласиме дека не се работело за само неколку капки, туку за пороен дожд кој траел неколку часа. Станицата Самит, која го забележа метеоролошкиот настан, се наоѓа на оддалеченост од околу 800 километри северно од Арктичкиот круг и на надморска височина од преку 3000 метри. Во оваа точка на овој дел од светот термометарот мошне ретко покажува над нулата. Пред 21. век, тоа се случило само шестпати во период од две илјади години. Но, во последниве десет години, температури над 0°С биле регистрирани дури трипати – во 2012 година, во 2019 година и оваа година. Според научниците овие настани се чини дека ќе бидат сè почести, што е јасен сигнал за тоа колку климатските промени влијаат на Гренланд.
Дождот настанал поради тоа што брзото воздушно струење, т.н. џетстрим, наместо да се движи од запад кон исток, како што би било нормално, се движело на југ кон североисточна Канада, носејќи со себе воздух со низок притисок над потоплите води, од кои ја собирал топлината и пареата. Потоа “загреаната“ воздушна маса повторно се преселила на север, носејќи покачување на температурата на воздухот и предизвикувајќи врнежи. Според некои експерти, овие отстапувања во нормалниот проток на воздушните џетстрим струења можеби претставуваат последица од климатските промени. Но, ова сè уште не е во целост потврдено.
Што му претходеше на дождот на Гренланд
Ледената покривка на Гренланд достигнува дебелина од над 3000 метри и зафаќа површина од околу 650 000 квадратни километри. Последниве децении зголемена е стапката на топење на мразот што пак придонесува за зголемување на нивото на морето. Површината на калотата секоја година се зголемува, бидејќи акумулацијата на снегот е поголема од површината што се топи. Сепак, загубите на мраз се генерално поголеми од зголемувањето на масата кое настанува поради снегот. Во последниве дваесет години, Гренланд секоја година губеше околу 300 милијарди тони мраз, а ситуацијата продолжува да се влошува.