Дождот би можел да ги замени снежните врнежи на Арктикот неколку децении порано отколку што тоа се мислеше, се тврди во трудот објавен оваа недела во списанието Nature. Авторите предупредуваат дека промената предизвикана од глобалното затоплување сосема веројатно носи последици и за остатокот од светот.
Арктикот се загрева многу побрзо од остатокот на планетата, морскиот мраз се топи и расте влагата во воздухот, што сосема веројатно ќе ги зголеми врнежите од дожд.
Споредувајќи ги најновите проекции со претходните климатски модели, во трудот објавен во научното списание Nature Communications се проценува дека преминот од доминација на снежни врнежи во доминација на дождот на годишно ниво, ќе се случи “една или две децении порано“.
Притоа авторите предупредуваат дека “Промените ќе бидат посериозни” и дека освен што ќе се случат многу порано од предвиденото “ќе имаат огромни импликации за животот во и надвор од Арктикот“.
Но, сè зависи од степенот на глобалното затоплување.
Со сегашната стапка на затоплување, дождот би можел да доминира над снегот на Арктикот веќе кон крајот на овој век, се вели во студијата. Но, исто така се истакнува и ограничувањето на глобалното загревање на 1,5ºC, што е најамбициозната цел која беше поставена во Парискиот климатски договор од 2015 година, може да значи дека на Арктикот снежните врнежи ќе останат доминантни.
Многумина сметаат дека трудoт не докажува дека промената со сигурност ќе се случи порано од очекуваното, но дека сепак треба да се преземе акција за да се избегнат најлошите сценарија, што може да се постигне “ако земјите се усогласат со наведените намери за намалување на емисиите во согласност со договорот од Париз“.
Кога и да се случи оваа клучна промена на врнежите од снег во дожд во овој регион ќе има големи ефекти како врз арктичкиот екосистем така и пошироко.
Доминацијата на дождот којшто ќе пага врз на сегашната снежна покривка би можеле да придонесе за зголемување на површинскиот мраз што ќе ги оневозможи поларните елени – карибуите и ирвасите, да дојдат до соодветна количина на храна.
Помалата снежна покривка, исто така, значи дека Арктикот ќе изгуби дел од својот капацитет да ја рефлектира сончевата топлина и светлина од површината на Земјата, а ова ќе придонесе за поголема стапка на глобалното затоплување.