Веќе ги знаеме неверојатните роботи на Бостон Дајнамикс кои го свртеа вниманието на сите со видеа коишто ги демонстрираат нивните можности и агилност (види тука). Но, многу пред нив луѓето се обидуваат да создадат робот којшто по сè ќе наликува на човек (види тука и тука, на пример). Па до каде сме со оваа работа, м?
Првата изведба на хуманоиден робот е Херберт Телевокс на компанијата Westinghouse Electric and Manufacturing, создаден некаде на почетокот од многу далечната 1927 година од Рој Венсли. Роботот, којшто повеќе наликувал на панел од картон, бил заснован на неколку претходни патенти на Венсли и имал мошне ограничени можности – можел да прифати телефонски повик со подигнување на слушалката од телефонот, да контролира едноставни процеси со користење на прекинувачи, да мафта со рацете и да “испушта” неартикулирани зуења и грофтања. Од 1927 до денес работите напредуваа навистина многу.
Првиот 'хуманоиден робот', Херберт Телевокс, од 1927 година и неговиот творец
Замислете си робот што со леснотија репродуцира човечки изрази на неговото лице. Не, сигурно не е Сони од филмот “Јас Робот”, но е мошне блиску. “Чудото” се вика Амека (Ameca) и е дело на компанијата Engineered Arts од Оклахома, САД.
Во неговата способност на прикажување неверојатно човечки изрази на лицето може да се уверите во видеото подолу.
Сценариото е мошне добро осмислено. На почетокот Амека се буди и е збунет, прикажувајќи реална низа на емоции, од конфузија во фрустрација сè дури не ги отвори очите. Потоа се фокусира на рацете. Полека ја приближува раката за набљудување и се чини дека е фасциниран од неа – ја отвора устата, проследено со кренати веѓи во израз на зачуденост и љубопитност. Видеото завршува со сцена во којашто роботот гледа директно кон камерата, односно кон нас, воздивнува од изненадено и го продолжува со своето 'истражување', пo што во последните неколку моменти се насмевнува и му подава рака на гледачот за добредојде.
Демонстрација на можностите на Амека
За разлика од низата хуманоидни роботи во последниве 20-тина години, почнувајќи од Асимо на Хонда до роботите на Бостон Дајнамикс, роботот на компанијата Инџинирд Артс не може да се движи, но од компанијата неодредено најавуваат дека таа способност ќе биде додадена некогаш во иднина. Во моментов тие се фокусирани на креирањето ултра реални тела и.. ништо друго.
Но, Амека не е единствениот хуманоиден робот со можност за ултрареални “фацијални експресии” од оваа компанија. Запознајте го Мезмер (Mesmer). Со оглед на тоа што неговото “лице” е обложено со латекс во боја на кожа, овој бот е ултра реален и многу поубедлив. Начинот на којшто тој ја стекнал способноста за репликација на човечки изрази е преку користење на 3D скенови од вистински луѓе. Како резултат на тоа, роботот има соодветна коскена структура, текстура на кожата и реални изрази на лицето.
Демонстрација на можностите на Мезмер
Роботот Амека се управува со Tritium OS. Овој оперативен систем е развиен специјално за компаниите ангажирани во развојот на роботиката и им овозможува да ги тестираат своите технологии. Така и Амека, засега, претставува платформа која ќе се користи за тестирање на повеќе други роботски технологии.
Замислете си сега робот којшто ги комбинира карактеристиките на Мезмер со оние на ботовите на Бостон Дајнамикс? Во ист момент и чудесно и длабоко вознемирувачки.
Како што се најавува Амека ќе може да се види во живо на претстојниот CES 2022 којшто традиционално се одржува во јануари во Лас Вегас.