Античкиот град Тал ел-Хамам, во долината на реката Јордан, се смета дека бил уништен од астероид кој навлегол во атмосферата на Земјата со брзина од околу 60 000 километри на час и експлодирал на околу четири километри над површината. Пред 3 600 години, Тал ел-Хамам бил голем град, дури трипати поголем од неговите современици Ерихон и Ерусалим. Градот бил важен урбан центар сè додека, во 1 650 година п.н.е., не бил целосно уништен – најверојатно од експлозивната енергија која била со јачина еквивалентна на околу илјада атомски бомби слични на онаа фрлена врз Хирошима.
Местоположбата каде се наоѓал градот Тал ел-Хамам на Блискиот Исток обележана на сателитска снимка и на фотографија од местото.
Според истражувањето објавено неодамна во Nature, научниците дошле до овој заклучок по анализа на прилично необичните материјали пронајдени меѓу остатоците од јорданскиот град: тули и парчиња дрво чијашто состојба укажувала изложеност на температури од над 2 000 °C , коишто е невозможно да биле постигнати со тогашните алатки. Едно од најчудните откритија е минералот наречен “ударен кварц“, којшто бил пронајден во еден од слоевите на градските урнатини. Според податоците од истражувањето, постоењето на ударниот кварц може да се објасни речиси единствено со претпоставеното дејство на промена со многу висок притисок, сосема во склад со промената што настанува при експлозија на астероид во воздухот.
Покрај ова постојат докази дека промената на притисокот поврзана со експлозијата можеби предизвикала подигање на голема количина сол од земјата, што би го објаснило значителното количество од натриум хлорид пронајдено во урнатините и во Мртвото Море. Поради високата концентрација на сол и другите градови во долината Јордан, исто така, морале да бидат напуштени некаде околу истиот датум, поради штетата на земјоделството која била предизвикана со вишокот сол која паднала врз почвата.
Едно од зданијата во Тал ел-Хамам Горе: уметничка визија заснована на докази за тоа како изгледала зградата висока 4-5 ката пред уништувањето. Долу: ископините од палатата којашто послужила за уметничка реконструкција, лоцирани во и остатоците од Тал ел-Халам
Меѓу другото, научниците откриле и остатоци од коски во таква состојба којашто укажувала на “екстремна дисартикулација и фрагментација на скелетите на многу луѓе кои се наоѓале во близина на местото на настанот“. Сè укажува на тоа дека во Тал ел-Хамам загинале околу 8 000 луѓе, како и голем број животни.
Надвор од научните податоци, сега се отвори и дебата за библискиот настан раскажан во “Книгата на Постанокот”, во којашто се раскажува за Содом, град уништен од експлозии што дошле од небото. Дали е можеби е опишан токму овој настан?
Се смета дека уништувањето на градот Тал ел-Хамам веројатно се должи на експлозија од астероид. Доказите за ова се кријат во слоевите од урнатините
Научниците сметаат дека е голема веројатноста настанот во којшто Тал ел-Хамам исчезнал да започнал да се раскажува и пренесува по пат на усни преданија сè дури конечно не бил запишан во Библијата. Меѓутоа, треба да се истакне дека засега нема докази дека Тал ел-Хамам е некој од библиските градови Содом или Гомора, иако има некои совпаѓања што упатуваат во таа насока, како што е, на пример, библискиот извештај за луѓе што биле во момент трансформирани во статуи од сол.
Конечно, студијата исто така открива дека експлозијата би била слична на онаа што се случи во областа Тунгуска во Сибир во 1908 година, кога комета експлодираше на височина од околу 20 километри, притоа уништувајќи 2 000 квадратни километри шума. (Повеќе за Тунгуската експлозија може да прочитате во ЕМИТЕР7-8/2003 – “Енигмата на Тунгуската експлозија од 1908 година”; ЕМИТЕР 9/2008 – “100 години од тунгуската експлозија”; и ЕМИТЕР 10/2013 – “Енигмата на тунгуската експлозија разрешена?”)
Во секој случај, обата овие настани се своевидно предупредување за кревкоста на животот на Земјата кој во секој момент може да го снема при некој ненадеен космички настан или “удар од небесата”.
Местоположбата каде се наоѓал градот Тал ел-Хамам на Блискиот Исток обележана на сателитска снимка и на фотографија од местото. (слика: NASA, elab. Ted Bunch and all 2021)
Едно од зданијата во Тал ел-Хамам Горе: уметничка визија заснована на докази за тоа како изгледала зградата висока 4-5 ката пред уништувањето. Долу: ископините од палатата којашто послужила за уметничка реконструкција, лоцирани во и остатоците од Тал ел-Халам (слика: NASA, elab. Ted Bunch and all 2021)