Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој шестти дел од серијата зборуваме за темата: „Како астронаутите прошле живи низ Ван Аленовиот појас?“
6. Како астронаутите прошле живи низ Ван Аленовиот појас?
Прашањето, ќе се сложите, е многу глупаво, но токму тоа е прашањето што го поставуваат „верниците“ во теоријата на заговор дека астронаути не стапнале на Месечината. Тие „верници“, во своето епски широко и длабоко незнаење, мислат дека „ништо живо не може да пројде низ радијацијата од Ван Аленовиот појас“ и дека „потребен е оловен штит од пола метар за да се запре таа радијација, па ракетата не ни може да полета со таа огромна тежина“. Последица на тоа плиткоумно „размислување“ е нивниот „заклучок“ дека астронаутите не ни дошле до Месечината.
Кога ќе ги прашате тие „верници“ каква е таа радијација во Ван Аленовиот појас – нема да знаат да објаснат! Тие кутри луѓе не знаат каква е таа радијација, од што е составена, ниту колкава енергија има. Ама „знаат“ дека е смртоносна!? Тука повторно ги гледаме последиците од нашиот урнисан образовен систем, кој не ги поттикнува учениците логички да размислуваат, туку се задоволува само со папагалско повторување на меморирани факти и бројки. А тие „папагали“ запомниле само дека оловото е ефикасна заштита од Гама и Рентген/Х (икс) радијацијата. Ама не знаат какви сè радијации постојат освен Гама и Х (икс) радијацијата. Па еве една кратка лекциичка за нив:
Постојат два главни вида радијација (зрачење): нејонизирачка и јонизирачка. Нејонизирачката радијација нема доволно голема енергија да влијае на клетките на живите организми (освен локално загревање, евентуално) па овде нема да ги разгледуваме. Јонизирачката радијација предизвикува откинување на електроните од обвивката на неутралните атоми, конвертирајќи ги во јони, што претставува особено голем проблем по клетките на живите организми. Можна е заштита од јонизирачките зрачења (колку-толку), но таа е различна за секој вид зрачење. Јонизирачката радијација/зрачење опфаќа: Алфа, Бета, Гама, Х (икс), ултравиолетова и космичка. Алфа радијација се случува при радиоактивното алфа распаѓање на потешките елементи, при што се емитуваат јадра на хелиум (два протона и два неутрона) – тие јадра на хелиум се наречени алфа честички. Алфа честичките се движат со голема брзина, и до 5% од брзината на светлината, што заедно со нивната +2 јонска наелектризираност дава огромна јонизациона моќ кога ќе се судрат со други атоми и молекули на својот пат, предизвикувајќи голема штета во клетките на живите организми (мутации на ДНК). Заради таа голема активност, алфа честичките многу брзо се апсорбираат во материјалите – во воздух нивната продорност е само неколку центиметри, а во кожата можат да продрат во слој дебел само неколку клетки. Но штетата што ја прават при тоа е многу голема – приближно 20 пати повеќе од Икс (рентгенското) зрачење со еднаква енергија!
Бета радијацијата настанува со бета распаѓањето на потешките елементи, при што, неѓу другото, се емитира електрон (или позитрон) со многу голема брзина, која може да достигне блиску до брзината на светлината. Таквиот емитиран електрон се нарекува бета честичка, која заради својата голема брзина (и енергија) може во воздух да продре неколку метри, а во различни материјали од неколку милиметри до неколку центиметри. Во живото ткиво продира повеќе од 1 cm.
Гама и Икс радијацијата се електромагнетно зрачење со мала бранова должина и меѓу нив нема јасна граница, но обично се смета дека Гама зраците имаат бранова должина помала од 0,01 nm, додека Икс зраците се меѓу 0,01 и 10 nm. Сепак, постои широко преклопување во брановите должини, па за да нема недоразбирања, прифатена е дефиницијата според потеклото – Гама зраците потекнуваат од процесите во јадрото на атомите, додека Икс зраците потекнуваат од интеракција на електроните со други атоми (во рентген апаратите Икс зраците се добиваат со бомбардирање на електрони врз волфрамова анода). Гама зрачењето има најголема продорност од сите радијации и него најдобро го запираат густи материјали, како што е оловото.
Космичката радијација/зрачење е мешавина од екстремно брзи честички: 89% протони, 9% алфа честички (јадра на хелиум), 1% јадра на потешки елементи, 1% бета честички (електрони) и многу мала количина на неутрони, позитрони и друго. Како дополнение на космичкото зрачење, можеме да го вброиме и сончевото зрачење во форма на т.н. сончев ветер, кој главно се состои од протони, алфа и бета честички.
Слика 1: Ван Аленов појас
Но кои од овие различни зрачења/радијации постојат во Ван Аленовиот појас? Пред да одговориме на ова прашање, да видиме што е тоа Ван Аленов појас? На сликата 1 прикажан е шематски пресек на Ван Аленовиот појас околу Земјата, кој е составен од два дела: внатрешен и надворешен. Се протега од височина од 640 km до некаде околу 58.000 km. Ван Аленовот појас е високоенергетска зона на наелектризирани честички – протони, електрони, и во помала количина јони, заробени во земјиното магнетно поле (магнетосфера). Овие наелектризирани честички потекнуваат од сончевиот ветар и од космичкото зрачење. Внатрешниот Ван Алченов појас е составен од опасни високоенергетски протони, додека надворешниот појас е составен од високоенергетски електрони (бета-радијација). Интересно е што бета-радијацијата најлошо ја запираат најтешките метали (оловото, на пример), а најдобра заштита даваат најлесните метали, како што е алуминиумот – кој, види чудо, се користи како материјал за изработка на обвивката на ракетите!
Слика 2: Пресек на ѕидот на командниот модул на Аполо
Како што гледате, во Ван Аленовиот појас не постои Гама или Икс зрачење, такашто нема потреба од пола метар оловен штит околу ракетите за заштита на астронаутите! Сепак, останува реалната опасност од електроните (бета зрачењето) и протоните. На сликата 2 даден е пресек на обивката на Командниот модул (каде се сместени астронаутите) од програмата Аполо. Надворешната обвивка од алуминиум дава одлична заштита од бета радијацијата, а саќестата сендвич структура со средишен фиброзен полиетиленски материјал дава одлична заштита од протоните и од многу високите температури осветлени од Сонцето, но и од екстремно ладните температури на деловите од ракетата во сенка. Сепак, за максимално да се намали дејството на радијацијата врз астронаутите, вселенските бродови од мисијата Аполо имале таква траекторија што потполно ги избегнувале најгустите делови од внатрешниот Ван Аленов појас, кој инаку е составен од опасни високоенергетски протони, а поминале низ тенкиот дел од надворешниот појас – слика 3. Овој графикон е само проекција во вертикалната рамнина, вистинската траекторија е тродимензионална и покомплицирана, но сепак е доволно да даде чиста слика како се избегнале најпроблематичните делови од Ван Аленовиот појас. Црвените точки означуваат 10-минутни интервали од патувањето на ракетата – се гледа дека целиот Ван Аленов појас е поминат за само 90 минути, што резултирало во многу мала примена доза на радијација кај астронаутите.
Слика 3: Траекторијата на Аполо 11
Но колкава радијација примиле астронаутите? Единица мерка за еквивалентна апсорбирана јонизациска доза е сиверт (Sv). Колку да добиете претстава, рентген снимање на еден заб е 0,09 mSv, а мамографија е 1 mSv, а компјутерска томографија на мозокот е 1,6 mSv, на срцето е 1,7 mSv и на градниот кош е 6 mSv. Астронаутите од Аполо 11 примиле доза од 1,8 mSv – исто колку скен на срцето, што не е нешто страшно. Тоа е многу пониско од дозволените годишни апсорпциски дози кај рентген-техничарите или посадите на авионите, што изнесува 50 mS. Сончевите емисии (сончевиот ветер) се многу променливи, па астронаутите од мисијата Аполо 14 примиле повисока доза од дури 11,4 mSv – сепак далеку од наводните "смртоносни дози".
Бонус линк: https://inis.iaea.org/collection/NCLCollectionStore/_Public/04/055/4055328.pdf
Тука можете да прочитате извештај од 1972 година за преземените мерки во Аполо програмата за заштита од радијацијата во Ван Аленовиот појас. Овој извештај е долг 526 страници, преполн со пресметки и измерени податоци. Споредете го со онаа една единствена мизерно бедна реченица „астронаутите не можат да го преживеат зрачењето во Ван Аленовиот појас“ без ниту еден податок како поткрепа, која папагалски ја повторуваат „верниците“ во теоријата на заговор дека астронаутите не слетале на Месечината.
Повеќе за мисиите Аполо и за теориите на заговор околу нив можете да прочитате во претходните броеви на ЕМИТЕР: 4-6/2019, 7-8/2009 и 9/2004.
Линка за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid031zeML2GdYDGDoy6LEBW...