Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој петти дел од серијата зборуваме за темата: „Зошто не отишле повторно на Месечината?“
5. Зошто не отишле повторно на Месечината?
Ова е скратената верзија на прашањето „Ако тогаш можеле да одат, зошто сега повторно не (можат да) одат на Месечината?“, кое го поставуваат „верниците“ во теријата на заговор дека астронаути не стапнале на Месечината. Имплицитната порака на ова прашање е дека иако денес технологијата е многу поразвиена, сепак речиси 50 години никој не отишол на Месечината, па тоа е „доказ“ дека ни сега не се во можност да одат на Месечината, а уште повеќе е „доказ“ дека и пред 52 години не биле на Месечината!? Иако „верниците“ тоа не го сфаќаат, одговорот на ова прашање е повеќедимензионален и задира во повеќе различни области – сите неповолни по „верниците“.
Првото што веднаш удира во очи е погрешната логика, односно нелогичноста која овие „верници“ не ја воочуваат – сè додека не им се „плесне“ во лице. Оваа погрешна логика е прилично раширена, а ја сретнавме и неодамна во коментарите на некои посетители на Фејсбук страницата на ЕМИТЕР. Велам посетители а не читатели (на ЕМИТЕР), бидејќи не верувам дека нашите читатели се толку глупави. За да им укажам колку им е глупава логиката („Ако сега не одат, тоа е доказ дека ни тогаш не биле“), на тие посетители им го дадов за размислување следниов полуфиктивен, но сосема реален пример: Пред 52 години, како дете, сум бил во Грција прв и последен пат, а оттогаш, еве веќе 51 година не сум отишол повторно. Но тоа не значи дека не сум бил во Грција пред 52 години!
И тука дискусијата по тоа прашање веднаш запира, по што „верниците“, посрамени, ни за жива глава не сакаат да признаат дека погрешиле, па веднаш се префрлаат на некое друго прашање од нивниот арсенал („А ова другово...?“).
Ако основното прашање „Зошто не отишле повторно на Месечината?“ се сфати како обична, чиста љубопитност, тогаш одговорот е многу посложен, бидејќи треба да се има предвид целата сложена ситуација тогаш, пред повеќе од половина век, па да се поврзе со ситуацијата денес. Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, САД и Советскиот сојуз ги заробија останатите резерви од германските ракети V2 и ги „киднапираа“ водечките германски научници вклучени во тој проект. САД го добија генијалниот Вернер фон Браун и дел од неговата екипа, додека Советскиот сојуз собра некои помалку познати научници па мораше повеќе да се потпре на сопствените сили, под водство на еднакво генијалниот Сергеј Королев. Интересот на САД и Советскиот сојуз за ракетите не беше наивен – нив ги гледаа, пред сè, како најмодерно и најмоќно воено оружје, во облик на интерконтинентална ракета способна да носи атомска бомба. И така, војските на САД и Советскиот сојуз тивко си работеа на развивањето на своите нови „играчки“, сè до наглиот пораст на геополитичките тензии кои доведоа до „Ладната војна“, поттикната од формирањето на НАТО во 1949 година, а потврдена со формирањето на Варшавскиот пакт во 1955 година. Веќе не беше доволно да се фалат со ракетите на нивните воени паради, требаше да направат нешто спектакуларно за да добијат поени пред пошироката публика и да испратат силна политичко-воена порака до спротивната страна. И навистина беше спектакуларно – на 4 октомври 1957 година Советскиот сојуз го лансира Спутник 1, првиот вештачки земјин сателит, кој имаше маса од 83,6 кг. Тоа беше големо изненадување за западниот свет и голем политичко-воен поен за Советскиот сојуз, кој покажа дека во секое време може да лансира интерконтинентална ракета (опремена со хидрогенска бомба) способна да досегне која било точка на Земјината површина. Претходно, на 21 август 1957 година тимот на Сергеј Королев тајно ја лансираше првата во светот инерконтинентална балистичка ракета R7, која досегна далечина од 6.000 km. Истата ракета R7 послужи за лансирање на Спутник 1, 2 и 3, а подоцна, со дополнителни степени, и за лансирање на Восток, Восход и Сојуз мисиите.
Изненадени од успехот на Спутник 1, САД, во паника, пренасочија огромни пари во развој на ракетите, за да имаат и тие таква воена интерконтинентална ракета способна да носи атомска бомба. САД побрзаа да покажат што имаат пред својот народ, но обидот за лансирање на Vanguard TV3, на 6 декември 1957 година, беше спектакуларен неуспех директно пренесуван во живо пред американската ТВ публика – ракетата се подигна само едно метро и експлодира. Огромно разочарување! Погледнете го видеото од тој настан:
Првиот успешно лансиран американски сателит беше Explorer 1, лансиран на 1 февруари 1958 година, со помош на ракетата-носач Juno I. Но, тоа се случи дури после успешниот лет на Спутник 2, со кучето Лајка, на 3 ноември 1957. Советскиот Сојуз (СССР) повторно ги претрка - тоа беше втората изгубена битка на САД. Не само што повторно задоцнија, туку што е уште поважно - нивната ракета Juno I можеше да носи товар од само 30 kg (сателитите од серијата Explorer), што значеше дека реално, САД ни тогаш немаа воена интерконтинтентална ракета способна да носи атомска бомба! За разлика од СССР... И така започна „Вселенската трка“ – САД и Советскиот сојуз не жалеа пари и ресурси за да покажат пред светот кој е поспособен. Во текот на таа трка се роди и идејата за праќање луѓе на Месечината. Но тоа не се случи така наеднаш, како што им се чини на „верниците“ во теориите на заговор – тие имаат погрешен впечаток, како резултат на нивните огромни незнаења од историјата на астронаутиката, дека пред мисијата Аполо 11 ништо не се случувало. Напротив, еволуцијата од првите суборбитални летови па сè до Аполо 11 е една непрекината, тешка борба со техничките ограничувања, водена чекор по чекор кон сè поголеми дострели и исполнета со бројни феноменални успеси и само еден единствен трагичен настан (Аполо 1).
Пред воопшто да започне програмата Аполо, Американците се мачеа да пратат свој човек во орбита околу Земјата, тука Советскиот сојуз повторно ги претрка на 12 април 1961 кога Јуриј Гагарин во Восток 1 ја облета Земјата. Тука САД ја изгубија и третата битка – СССР успеа да го испрати првиот човек во орбита околу Земјата. Медиумите играа круцијална улога во „Ладната војна“ меѓу САД и СССР и секој поен во јавноста беше многу важен. Првиот Американец во суборбитален скок беше Алан Шепард (Alan Shepard) кој на 5 мај 1961 во ракетата Mercury MR-3 направи скок во височина од само 187 km. Вториот беше Вирџил Грисом (Virgil Grissom) кој на 12 јули 1961 во ракетата Mercury MR-4 се искачи на височина од 190 km. На 20 февруари 1962 Џон Глен (John Glenn) стана првиот Американец кој орбитираше околу Земјата со мисијата Mercury MA-6, успевајќи да направи 3 круга околу Земјата. Претходно, на 6 август 1961 Советскиот сојуз го имаше веќе својот втор човек во орбита околу Земјата, космонаутот Герман Титов, кој со мисијата Восток 2 комплетираше 17 орбити.
Во 1962 и 1963 година следеа орбитирањата околу Земјата на леталата Меркјури – Mercury MA-7, Mercury MA-8 и Mercury MA-9 – со по еден астронаут – Малком Карпентер (Malcolm Carpenter), Волтер Шајра (Walter Schirra) и Гордон Купер (Gordon Cooper) во нив.
Џон Глен во капсулата Меркјури MR-6
После три страшни порази, САД мораа да измислат нешто ново, во кое евентуално би го победиле СССР - испраќање луѓе на Месечината (мисијата Аполо), а како преоден проект беше покрената мисијата Џемини (Gemini) која траеше од 8 април 1964 до 11 ноември 1966. Првите два лета Gemini 1 и Gemini 2 беа без човечки екипаж, а останатите 10 беа со по двочлен екипаж кои орбитираа околу Земјата. Во некои од екипажите беа и Армстронг, Колинс и Олдрин, но не заедно.
Едвин "Баз" Олдрин за време на мисијата Џемини 12
Ретко кој знае дека програмата Аполо практично започна на 26 февруари 1966, кога беше лансирана мисијата AS-201 (без човечки екипаж) со ракетата Saturn IB која го носеше сервисниот и командниот модул – најбитните модули на Аполо мисиите кон Месечината. Мисијата AS-201 иако се искачи на 492 km височина, не направи ниту еден круг околу Земјата (т.н. суборбитален лет), туку беше веднаш насочена назад кон површината за да се тестира ефикасноста на топлотниот штит на командниот модул – дел од суштинска важност за заштита на астронаутите при нивното враќање низ земјината атмосфера. Следните суборбитални летови без човечки екипаж беа извршени во јули и август 1966 – тоа беа мисиите AS-202 и AS-203 кои тестираа одредени делови од ракетниот систем. Првата мисија со човечки екипаж требаше да биде AS-204, планирана да полета на 21 февруари 1967. Планот беше трочлениот екипаж да биде 14 дена во орбита околу Земјата и потоа безбедно да се спушти назад. На 27 јануари беше планиран тест на командниот модул со трочлениот екипаж внатре, но без лансирање. Астронаутите Гас Грисом (Gus Grissom), Ед Вајт (Ed White) и Роџер Чафи (Roger Chaffee) влегоа во кабината од командниот модул, ја заклучија вратата и започнаа со тестирањето. Ракетните степени беа без гориво (ова беше тест само за командниот модул), но атмосферата во модулот беше од чист кислород, што беше огромна конструкторска грешка - беше доволно само едно мало искрење за да се случи трагедија. Пожарот молневито брзо се прошири во командниот модул, убивајќи ги тројцата астронаути. Во чест на тројцата херои, мисијата AS-204 беше применувана во Аполо 1. Трагедијата ја одложи 20 месеци следната Аполо мисија со човечки екипаж. Во меѓувреме беа направени бројни измени и подобрувања, а летовите без човечки екипаж продолжија без поголеми застои. На 9 ноември 1967 полета мисијата Аполо 4 (без екипаж) со ракетата Сатурн 5 и со комплетно сите степени предвидени за лет до Месечината. Мисијата направи три орбити околу Земјата, со најголема оддалеченост од 18.000 km. Последната орбита го испрати командот модул кон површината со брзина и агол идентичен на планираниот по враќање од Месечината, при што командниот модул успешно слета неоштетен во Тихиот океан.
Следните мисии без човечки екипаж беа Аполо 5 и Аполо 6, лансирани на 22 јануари и 4 април 1968, кои орбитираа околу Земјата тестирајќи ги Лунарниот, Сервисниот и Командниот модул.
Првиот човечки екипаж од мисијата Аполо кој орбитираше околу Земјата беше Аполо 7, со астронаутите Schirra, Cunningham и Eisle, лансирани на 11 октомври 1968. На 21 декември 1968 беше лансиран Аполо 8 со астронаутите Borman, Lovell и Anders кои стасаа до Месечината, ја обиколија 10 пати и успешно се вратија на Земјата. Првиот детален тест на сите модули беше направен со Аполо 9 кој само орбитираше околу Земјата, но затоа трочлениот екипаж McDivitt, Scot и Schweickart успешно го изведе комплицираниот маневар со лунарниот и командно-сервисниот модул, неопходен за слетувањето на Месечината и полетувањето од неа. На 18 мај 1969 беше лансиран Аполо 10 со екипажот Stafford, Young и Cernan, кои ги изведоа сите фази од летот на следниот Аполо 11, освен самото спуштање на Месечината. Лунарниот модул од Аполо 10 се спушти на височина од само 15 km над месечевата површина!
Месечевиот модул (лево) и командниот сервисен модул (десно) на мисијата Аполо 10
Интересно е што ниту еден „верник“ во теоријата на заговор дека астронаутите од Аполо 11 не се спуштиле на Месечината ни збор не изустува за мисијата Аполо 10, која во сè е идентична со Аполо 11, освен самото спуштање на површината на Месечината. Тоа е најверојатно затоа што ниту еден од тие „верници“ не ни знае за постоењето на Аполо 10! Понатаму е веќе добро познато, барем за интелектуалците, што се случувало во мисиите од Аполо 11 до Аполо 17.
Кога ќе се погледне што сè се случувало во тој непрекинат развој на астронаутиката, кој историјат сепак не е познат секому, воопшто не зачудува незнаењето на „верниците“ кои се чудат како е можно Аполо 11 така „наеднаш“ да слета на Месечината, па наједноставно им е да го негираат тоа.
Да се вратиме на прашањето „Зошто не отишле повторно на Месечината?“. Мисијата Аполо ги исполни сите очекувања, Советскиот сојуз беше победен во „Вселенската трка“, беа направени потребните научни истражувања на Месечината и понатаму секое ново одење ќе беше само непотребно фрлање пари (Аполо програмата чинеше 156 милијарди сегашни долари!), а парите беа потребни за новиот проект на НАСА – Спејс Шатл програмата. Да повторам - примарно беше да се победи СССР во таа трка и да се претстави пред светот „супериорноста на западната демократија“, а научните истражувања беа на второ место. За испраќање луѓе на Месечината се потребни огромни пари. Бидејќи целите на САД беа исполнети и медумската војна беше добиена, веќе не беше лесно владината американска пропаганда понатаму да го оправдува брцањето во џебовите на американските граѓани на име на трошоци за (наводно) научно истражување на вселената, а всушност за развој на големи интерконтинентални ракети способни да носат нуклеарни бомби. Кој не може да ја сфати тогашната атмосфера на Ладната војна и важноста на медумската пропаганда, јалово ќе го повторува прашањето „Зошто повторно не испратија луѓе на Месечината“? Ете едноставно објаснување зошто немаше ново одење до Месечината!
Поврзано со овие огромни трошоци е и огромниот човечки ресурс употребен во Аполо програмата – се смета дека биле ангажирани вкупно над 400 000 луѓе! Затоа е несфатливо зошто „верниците“ не се чудат како тоа ниту еден од тие 400 000 луѓе, а особено ниту еден астронаут, не изјавил дека спуштањето на Месечината било лажирано!? При толкава бројка на луѓе би било логично некој да „се излае“ (со докази) за таа „голема ујдурма“. Ама ништо од тоа! Цели 7 години по завршувањето на мисиите Аполо никој не реагирал, сè до појавата на оној психијатриски случај Бил Кејсинг и неговите бладања дека астронаутите не стапнале на Месечината.
Повеќе за мисиите Аполо и за теориите на заговор околу нив можете да прочитате во претходните броеви на ЕМИТЕР: 4-6/2019, 7-8/2009 и 9/2004.
Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid0e5z9sCq1Phcin3omBdGY...