Рубрика: На граница на науката
Луѓе на Месечината – подвиг или измама? (2)
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 07.07.2021 - 14:30

Нема ѕвезди на Месечевото небо – доказ дека слетувањето е снимено во студио?

Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој втор дел од серијата зборуваме за темата: Зошто нема ѕвезди на фотографиите на „небото“ над месечевиот хоризонт?

 

2. Зошто нема ѕвезди на фотографиите на „небото“ над месечевиот хоризонт?

Ова е еден од главните „докази“ на верниците во теориите на заговор дека тие фотографии се снимени во студио, овде на Земјата, но наводно Стенли Кјубрик заборавил да ги стави ѕвездите на месечевото црно „небо“ над астронаутите и месечевиот пејсаж. И навистина, на ниту една фотографија направена од астронаутите на Месечината не се гледа ниту една ѕвезда! Верниците во оваа теорија на заговор тврдат дека ѕвезди би морало да има на фотографиите, бидејќи на Месечината нема воздух (атмосфера), па при „ден“ на Месечината, нејзиното „небо“ ќе биде потполно црно и нема да ја има онаа има дисперзирана светла плава боја која комплетно ја затскрива и прекрива слабата светлост од ѕвездите – како што тоа се случува на Земјата дење. Но тоа нивно размислување е потполно погрешно – на тие фотографии е невозможно да има ѕвезди на месечевото црно „небо“!

Првата фотографија направена од Нил Армстронг на Месечината – на небото не се гледаат ѕвездите.

Само донекаде можам да го сфатам и оправдам незнаењето на поновите, помлади генерации од овие „верници“, кои од фотографската технологија се сретнале само со дигиталната, и тоа најчесто во форма на „идиот-фотоапарати“ (тука спаѓаат и смартфоните). Тоа значи дека тие луѓе не размислуваат за тоа колкава експозиција и бленда да одберат за правилно да го снимат кадарот, туку само ќе го притиснат копчето на „идиот-фотоапаратот“ или на екранот на смартфонот – и толку, кадарот е совршено снимен! Во времето на мојата младост не постоеја дигитални фотоапарати, а иако најдобрите аналогни фотоапарати имаа автоматско одредување на снимањето со „приоритет на бленда“ или со „приоритет на експозиција“, секому пред очи му беа основните правила на фототехниката – од почетниот избор на осетливоста на филмот пред самото снимање (дали да биде 100 ASA/21º DIN или 400 ASA/27º DIN), до правилниот избор на времето на експозиција и отворот на блендата. Сепак, новиве генерации „верници“ барем би требало да ја користат логиката – ако на нивните сопствени ноќни снимки не се гледаат ѕвезди на небото, зошто очекуваат да ги има на снимките направени на Месечината, при тамошно силно „дневно“ светло?! Ги предизвикувам овие „верници“ да снимат обична ноќна фотографија, да кажеме на луѓе што се на плоштад или улица, па самите да се уверат дека нема да има ѕвезди на небото!

Фотографија на ноќно небо направена при осетливост 6.400 ISO, експозиција 15 секунди и бленда 1,8.

Поентата е што потребното време на експозиција за да се снимат ѕвездите на нашето ноќно земјено небо е од редот на најмалку неколку секунди, дури и при одбрана висока осетливост од 1600 ASA/ISO и голем отвор на бленда од 2 или 2,8. Ова го знаат само оние малкумина кои се занимаваат со уметничка ноќна фотографија и, се разбира, оние уште помалубројни астрономи-аматери. А фотографиите снимени на Месечината беа направени со фиксна експозиција од 1/250 секунда (0,004 секунди!), бленда од 5,6 до 11, при мала осетливост на колор филмот од само 64 ASA (Kodak Ektachrome MS): совршено за снимање астронаути и месечеви пејсажи, добро осветлени од Сонцето – потполно исто како при снимање на дневни фотографии на Земјата! Нормално, при вакви фотографски услови апсолутно невозможно е да се појават ѕвезди на фотографскиот филм.

Ноќна фотографија со стандардна кратка експозиција – на небото нема ѕвезди!

На крај, потребно е да напомнам дека атмосферата на Земјата речиси воопшто не го слабее светлото кое доаѓа од ѕвездите – експозицијата за да се појават ѕвездите на фотографиите би била потполно иста и кога Земјата не би имала атмосфера, односно експозицијата за добра фотографија е потполно иста и на Месечината и на Земјата!

 

Бонус информации:

Фотоапаратот што го користеле астронаутите при нивните прошетки на Месечината бил Hasselblad 500 EL со објектив Zeiss Biogon 60 mm, кој користел фотографски филм широк 70 mm сместен во касета, сo електромоторче за повлекување на лентата од филмот и затегнување на затворачот. Фотоапаратот бил модифициран – за да се добие што помала тежина биле отстранети украсните кожни обвивки, надворешноста била обоена со рефлективна сребрена боја за да не се прегрева фотоапаратот на силното сонце, биле употребени специјални масти за подмачкување кои можеле добро да функционираат во вакуум и на екстремни промени на температура, биле зголемени рачките за местење на блендата и далечината за да може астронаутите лесно да ги користат и покрај дебелите ракавици, итн.

Фотоапаратот што го користеле астронаутите на Месечината – Hasselblad 500 EL со објектив Zeiss Biogon 60 mm (лево) и Касетата со филмот со налепница – потсетник за нагодување на блендата во однос на светлосните услови (десно)

Далечината наместо континуално се местела во три чекори: блиску, средно и далеку. Блендата исто така имала само три можности за отвори: 5,6; 8 и 11. На задниот дел од касетата со филмот имало налепница – потсетник за нагодување на блендата во однос на светлосните услови. Фотоапаратот бил фиксиран на градниот дел од вселенското одело – астронаутот морал со целото тело да се заврти кон сцената што сакал да ја фотографира. Тоа не можело да биде изведено особено прецизно, па дел од фотографиите не го содржеле во кадарот сè она што требало да се сними. Така, онаа позната фотографија на која е Едвин Олдрин и одразот на Нил Армстонг од неговиот шлем, реално завршува на горната линија од неговиот скафандер, па затоа над него е додадена црна лента (без ѕвезди!) за да се добие убаво кадрирана фотографија, а потоа сликата е заротирана малку за да се исправи фигурата на Олдрин и месечевиот хоризонт и пејсаж да си дојде во својата реална линија, па така таа фотографија е претставена на јавноста – ете како НАСА ги „лажирала“ фотографиите!

Оригиналната фотографија од Едвин Олдрин со одразот на Нил Армстонг од неговиот шлем (лево) и обработената фотографија од Едвин Олдрин (десно)

За да може да собере што е можно повеќе фотографска лента во касетата, од фабриката Kodak била нарачана специјална серија на Ektachrome MS, со потенка лента. Астронаутите од Аполо 11 снимиле 1539 колор фотографии. Со цел да се намали тежината на товарот кој се враќа на Земјата, биле вратени само касетите со снимените филмови, а Hasellblad фотоапаратите биле оставени на Месечината. Така, по завршувањето на сите Аполо мисии, на Месечината останале 12 прекрасни, нови, сосема малку употребувани Hasellblad фотоапарати – ваши се бесплатно, само треба да си ги соберете од Месечината!

На овој линк можете да го прочитате извештајот од НАСА од 1970 година за сите снимки направени од екипажот на Аполо 11: https://cms-assets.theasc.com/19720010768.pdf

Повеќе за мисијата Аполо и за теориите на заговор околу нив можете да прочитате во претходните броеви на ЕМИТЕР: 4-6/2019, 7-8/2009 и 9/2004.

Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid0TjmVQaSkum8hrGbBHrow...

Клучни зборови:
Нема ѕвезди на Месечевото небо – доказ дека слетувањето е снимено во студио?

Нема ѕвезди на Месечевото небо – доказ дека слетувањето е снимено во студио?

Првата фотографија направена од Нил Армстронг на Месечината

Првата фотографија направена од Нил Армстронг на Месечината

Фотографија на ноќно небо направена при осетливост 6.400 ISO, експозиција 15 секунди и бленда 1,8.

Фотографија на ноќно небо направена при осетливост 6.400 ISO, експозиција 15 секунди и бленда 1,8.

Ноќна фотографија со стандардна кратка експозиција – на небото нема ѕвезди!

Ноќна фотографија со стандардна кратка експозиција – на небото нема ѕвезди!

Фотоапаратот што го користеле астронаутите на Месечината – Hasselblad 500 EL со објектив Zeiss Biogon 60 mm

Фотоапаратот што го користеле астронаутите на Месечината – Hasselblad 500 EL со објектив Zeiss Biogon 60 mm

Касетата со филмот со налепница – потсетник за нагодување на блендата во однос на светлосните услови

Касетата со филмот со налепница – потсетник за нагодување на блендата во однос на светлосните услови

Оригиналната фотографија од Едвин Олдрин со одразот на Нил Армстонг од неговиот шлем

Оригиналната фотографија од Едвин Олдрин со одразот на Нил Армстонг од неговиот шлем

Обработената фотографија од Едвин Олдрин

Обработената фотографија од Едвин Олдрин