Рубрика: Медицина
Прашања и одговори за Ковид-19 (4)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.03.2020 - 19:00

Во последниве неколку дена ви ги пренесувавме информациите со коишто располага Светската здравствена организација (СЗО) во врска со новото заболување коешто го парализира светот. Информациите се врзани како со тековната состојба така и со препораки до коишто треба да се придржуваме сите за поуспешно справување со оваа невидлива закана.

 

Колкав е периодот на инкубација за Ковид-19?

“Период на инкубација“ претставува времето помеѓу префаќање на вирусот и појавата на симптоми на заболувањето. Повеќето проценки за траењето на периодот на инкубација за Ковид-19 се движат од 1 до 14 дена, а најчесто околу пет дена. Овие проценки ќе бидат ажурирани согласно со податоците што секојдневно пристигнуваат.

 

Може ли луѓето да се заразат со Ковид-19 од животински извор?

Коронавирусите се големо семејство на вируси кои се чести кај животните. Повремено, луѓето се заразуваат со овие вируси коишто подоцна може да се пренесат кај други луѓе. На пример, вирусот SARS-CoV се поврзуваше со еден вид цицачи од Азија (мачката циветка), додека вирусот MERS-CoV го пренесуваат едногрбите камили. Сè уште не се потврдени можни животински извори на Ковид-19.

За да се заштитите, на пример, при посета на сточни пазари, избегнувајте директен контакт со животните и допир со површините што се во контакт со животните. Постојано применувајте добри безбедносни практики за храната. Водете сметка при работа со сурово месо, млеко или животински органи за да избегнете загадување на незготвената храна и избегнете консумирање на сирова или недоволно зготвена храна од животинско потекло.

Може ли да префатам Ковид-19 од моето милениче?

Иако во Хонг Конг постои еден случај на заразено куче, до денес, нема докази дека куче, мачка или кое било домашно милениче може да биде преносител на Ковид-19. Ковид-19 главно се пренесува преку капките што ги исфрла заразено лице кое кашла, кива или зборува. За да се заштитите, мијте ги рацете често и темелно.

СЗО продолжува да ги следи најновите истражувања на оваа и на други теми во врска со Ковид-19 и ќе ја ажурира оваа листа на совети согласно со новите наоди.

 

Колку долго време вирусот може да опстане на некоја површина (предмет)?

Засега не е сигурно колку долго вирусот којшто предизвикува Ковид-19 може да преживее на некој предмет, но се чини дека се однесува како и другите коронавируси. Истражувањата укажуваат дека коронавирусите (тука вклучувајќи ги и првичните информации добиени за вирусот SARS-CoV2) може да опстанат на површините од предметите од неколку часа до неколку дена. Периодот може да варира во зависност од различните услови (на пример, типот на површина, температурата или влажноста на околината).

Ако се сомневате дека некоја површина можеби е заразена, исчистете ја со едноставна дезинфекција за да го убиете вирусот и да се заштитите себе си и другите. Измијте ги рацете со средство за суво миење врз основа на алкохол или измијте ги со сапун и вода. Избегнувајте допирање на очите, устата или на носот.

 

Дали е безбедно примањето пакет од која било област со присутна Ковид-19?

Да. Веројатноста заразено лице да ја зарази трговската стока е мала и ризикот од префаќање на вирусот којшто ја предизвикува Ковид-19 од пакет што бил преместуван, патувал и бил изложен на различни услови и температури е, исто така, мала.

 

Постои ли нешто што не треба да направам?

Следниве мерки НЕ СЕ ЕФИКАСНИ против Ковид-2019 и дури можат да бидат штетни:

• Пушење

• Носење повеќе маски

• Земање антибиотици (Во врска со ова погледни ја секцијата " Дали постојат лекови или терапии што можат да го спречат или лекуваат Ковид-19?")

Во секој случај, ако имате треска, кашлица и отежнато дишење навреме побарајте лекарска помош за да го намалите ризикот од развој на потешка инфекција и не заборавајте да ја споделите вашата неодамнешна историја на патувања со вашиот давател на здравствени услуги.

 

Извор: СЗО

 

Ова беше последниот дел од серијата препораки и насоки за однесување коишто ги дава Светската здравствена организација. Секако дека овие информации СЗО ги подновува на дневна основа, зависно од новите откритија и искуства добиени од тековните интензивни истражувања како и од искуствата на здравствените работници кои деноноќно работат на негата на заболените и превентивата на останатата популација. Воедно ве информираме дека редакцијата на ЕМИТЕР подготвува и поопширен напис во врска со болеста Ковид-19, којшто ќе биден објавен во новото издание од списанието коешто е во подготовка.

 

Останатите делови од овој серијал написи можете да ги прочитате на следниве локации:

Прашања и одговори за Ковид-19 (1)

Прашања и одговори за Ковид-19 (2)

Прашања и одговори за Ковид-19 (3)

Клучни зборови: