Рубрика: Медицина
Прашања и одговори за Ковид-19 (3)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 18.03.2020 - 21:30

Во последниве неколку дена ви ги пренесуваме информациите со коишто располага Светската здравствена организација (СЗО) во врска со новото заболување коешто го парализира светот. Информациите се врзани како со тековната состојба така и со препораки до коишто треба да се придржуваме сите за поуспешно справување со оваа невидлива закана.

 

Дали антибиотиците се ефикасни во спречувањето или лекувањето на Ковид-19?

Не. Антибиотиците не сузбиваат вируси, тие се ефикасни само при бактериски инфекции. Ковид-19 е предизвикан од вирус, така што антибиотиците немаат ефект за негово сузбивање. Антибиотиците не треба да се користат како средство за превенција или третман на Ковид-19. Тие треба да се користат само на начинот којшто претходно го посочил лекарот, за лекување на бактериска инфекција.

 

Дали постојат лекови или терапии што можат да го спречат или да го лекуваат Ковид-19?

Иако некои од лековите што се користат во западната, традиционалната или во домашната медицина може да обезбедат олеснување и да ги ублажат симптомите на Ковид-19, засега нема докази дека современата медицина во моментов може да ја спречи или да ја лекува болеста. СЗО не препорачува самолекување со какви било лекови, вклучително и антибиотици, како превенција или лек за Ковид-19. Сепак, постојат неколку тековни клинички испитувања кои вклучуваат лекови и од западната и од традиционалната медицина. СЗО ќе продолжи да дава навремени информации веднаш штом бидат достапни клиничките наоди.

 

Дали постои вакцина, лек или третман на Ковид-19?

Сè уште не. До денес, нема вакцина и нема специфичен антивирусен лек за спречување или лекување на Ковид-2019. Сепак, заболените треба да добијат нега за ублажување на симптомите. Луѓето со сериозна клиничка слика треба да бидат хоспитализирани. Повеќето пациенти се опоравуваат благодарение на укажаната нега.

Mожните вакцини и некои специфични третмани со лекови сè уште се во фаза на испитување. Тие се тестираат преку клинички испитувања. СЗО ги координира напорите за развој на вакцини и лекови за спречување и лекување на Ковид-19.

Најефикасен начин да се заштитите себеси и другите од Ковид-19 се честото миење на рацете, покривање на устата со рака или марамче при кашлање и одржување на растојание од најмалку 1 метар од луѓето кои кашлаат или киваат (За ова погледнете ја секцијата за основни заштитни мерки против новиот коронавирус тука).

 

Дали Ковид-19 е исто што и САРС?

Не. Вирусот којшто ја предизвикува болеста Ковид-19 и оној што ја предизвика појавата на сериозниот акутен респираторен синдром САРС во 2003 година, се генетски поврзани еден со друг, но болестите што ги предизвикуваат се многу различни. Болеста САРС беше посмртоносна, но многу помалку заразна од Ковид-19. Од 2003 година до сега нема појава на САРС. 

 

Дали треба да носам маска за да се заштитам?

Маска треба да носите само ако сте болни и имате симптоми на Ковид-19 (особено ако кашлате) или ако се грижите за некој којшто може да е заболен од Ковид-19. Маската за лице, наменета за еднократна употреба, може да се искористи само еднаш. Ако не сте болни или не згрижувате некој кој е болен, тогаш залудно ја трошите маската. Постои недостаток од маски во светот, па СЗО ги повикува луѓето мудро да ги користат достапните маски.

СЗО советува рационално користење медицинските маски за да се избегне непотребно трошење на скапоцени ресурси и нивно погрешно користење (за ова поопширно во Совети за употреба на маски).

Најефективен начин да се заштитите себеси и другите од Ковид-19 е честото миење на рацете, покривање на устата при кашлање (со рака или марамче) и одржување на растојание од најмалку 1 метар од луѓето кои кашлаат или киваат. За повеќе информации погледнете ги основните заштитни мерки против новиот коронавирус.

 

Како да ја ставите, користите, извадите и да ја фрлите искористената маска?

1. Запомнете, маска треба да користат само здравствените работници, негувателките и лицата со респираторни симптоми, како што се треска и кашлица.

2. Пред да ја допрете маската, измијте ги рацете или со средство за суво миење врз коешто содржи алкохол или со сапун и вода.

3. Земете ја маската и проверете дали е скината или дупната.

4. Проверете која страна треба да биде ориентирана нагоре (ова е страната каде што е поставена металната лента).

5. Осигурете се дека соодветната страна на маската се наоѓа нанадвор (тоа е обоената страна).

6. Ставете ја маската на лицето. Прицврстете ја металната лента или тврдиот раб од маската притиснувајќи ја нежно, така што таа ќе ја следи формата на носот.

7. Повлечете го дното на маската за да ги покрие устата и брадата.

8. По употреба, тргнете ја маската; извадете ги еластичните јамки од зад ушите додека маската ја држите подалеку од лицето и облеката, за да избегнете допирање на потенцијално загадените површини на маската.

9. Отстранете ја маската во затворен сад за ѓубре, веднаш по употребата.

10. Извршете хигиена на рацете по допирање или отфрлање на маската – користете средство за суво миење врз основа на алкохол или, ако сте видливо извалкани, измијте ги рацете со сапун и вода.

 

(продолжува)

Извор: СЗО

 

Останатите делови од овој серијал написи можете да ги прочитате на следниве локации:

Прашања и одговори за Ковид-19 (1)

Прашања и одговори за Ковид-19 (2)

Прашања и одговори за Ковид-19 (4)

Клучни зборови: