Рубрика: Медицина
Прашања и одговори за Ковид-19 (1)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.03.2020 - 14:30

Во наредниве неколку дена ви ги пренесуваме информациите со коишто располага Светската здравствена организација (СЗО) во врска со новото заболување коешто го парализира светот. Информациите се врзани како со тековната состојба така и со препораки до коишто треба да се придржуваме сите за поуспешно справување со оваа невидлива закана.

 

Што е коронавирус?

Коронавирусите се големо семејство на вируси коишто можат да предизвикаат заболувања кај животни или кај луѓе. Кај луѓето познати се неколку коронавируси коишто предизвикуваат респираторни инфекции, од обична настинка до потешки заболувања како што се Средноисточниот респираторен синдром (Middle East Respiratory Syndrome – MERS) и Тешкиот акутен респираторен синдром (Severe Acute Respiratory Syndrome – SARS). Новооткриениот коронавирус ја предизвикува коронавирусната болест Ковид-19 (COVID-19).

 

Што е Ковид-19?

Ковид-19 (COVID-19) е заразна болест којашто ја предизвикува неодамна откриениот коронавирус (SARS-CoV2). Овој нов вирус и болест беа непознати пред избувнувањето на заразата во Вухан, Кина, во декември 2019 година.

 

Кои се симптомите на Ковид-19?

Најчести симптоми на Ковид-19 се треска, замор и сува кашлица. Некои пациенти може да имаат нелагодност и болки, запушен нос, течење на носот, болки во грлото или дијареја. Вообичаено овие симптоми се благи и започнуваат постепено. Некои луѓе се заразуваат, но не развиваат никакви симптоми и не се чувствуваат болно. Повеќето луѓе (околу 80%) закрепнуваат од оваа болест без да имаат потреба од посебен третман. Кај 1 од секои 6 лица кои заболеле од Ковид-19 болеста добива сериозен тек и се јавува отежнато дишење. Постарите луѓе, како и оние со основни медицински проблеми како што се висок крвен притисок, проблеми со срцето или дијабетес, има поголема веројатност да развијат сериознo заболувањe. Луѓето со треска, кашлица и отежнато дишење треба да побараат лекарска помош.

 

Како се шири Ковид-19?

Луѓето можат да префатат Ковид-19 од други луѓе носители на вирусот. Болеста може да се шири од личност до личност преку мали капки од носот или устата кои се шират кога некое лице со Ковид-19 ќе се искашла или издивне. Овие капки слетуваат врз предмети и површини околу заразеното лице. Потоа, другите луѓе го префаќаат вирусот на Ковид-19 со допирање на овие предмети или површини, по што ги допираат очите, носот или устата. Луѓето, исто така, можат да се заразат и ако вдишат капки со Ковид-19 од лице кое кашла или ги лансирало капките при издишување. Ова е причината зошто е важно да останете на повеќе од 1 метар растојание подалеку од лице коешто е болно.

 

Мерки за заштита на сите

Следете ги најновите информации поврзани со Ковид-19, достапни на веб-страницата на СЗО и преку вашиот национален и локален орган за јавно здравје. Многу земји ширум светот искусија случаи на Ковид-19, а неколку од нив бележат епидемии. Властите во Кина и во некои други земји, успеаја да ја забават или да ја стопираат локалната зараза кај нив. Сепак, ситуацијата е непредвидлива, затоа следете ги редовно најновите вести.

Шансите да бидете заразени или да ширите Ковид-19 можете да ги намалите со преземање неколку едноставни мерки за претпазливост:

• Редовно и темелно триење на рацете со течност за суво миење којашто содржи алкохол или измијте ги со сапун и вода. Зошто? Миењето на рацете со вода и сапун или со алкохолен раствор ги убива вирусите коишто можеби се пренеле на вашите раце

• Одржувајте растојание од најмалку 1 метар помеѓу себе и секој којшто кашла или кива. Зошто? При кашлање или кивање, во воздухот се распрскуваат мали течни капки од носот или устата коишто можеби содржат вирус. Ако лицето што кашла е болно, а вие сте премногу блиску, може да ги вдишете капките заедно со вирусот Ковид-19.

• Избегнувајте допирање на очите, носот и устата. Зошто? Рацете допираат многу површини и притоа можат да “зафатат” врз нив вируси. Откако еднаш ќе бидат загадени, рацете можат да го пренесат вирусот до очите, носот или устата. Оттука, вирусот може да навлезе во вашето тело и да ве разболи.

• Осигурете се дека вие и луѓето околу вас спроведувате добра респираторна хигиена. Ова значи да ги покриете устата и носот со рака или марамче кога кашлате или кивате. Искористеното марамче фрлете го веднаш. Зошто? Капките шират вирус. Спроведувајќи добра респираторна хигиена ги заштитувате луѓето околу вас од вируси, како што се настинка, грип и Ковид-19.

• Останете дома ако се чувствувате лошо. Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош и повикајте однапред. Следете ги упатствата на вашиот локален здравствен орган. Зошто? Националните и локалните власти располагаат со најновите информации за состојбата во вашата област. Повикувањето однапред ќе му овозможи на давателот на услуги на здравствена заштита брзо да ве упати во соодветната здравствена установа. Ова истовремено ќе ве заштити и ќе помогне да се спречи ширењето на вируси и на други инфекции.

• Бидете во тек со најновите жаришта на Ковид-19 (градови или локални области кадешто болеста слободно се шири). Ако е возможно, избегнувајте патувања кон овие места – особено ако сте постара личност или имате дијабетес, срцеви или белодробни заболувања. Зошто? Имате поголема шанса да се заразите со Ковид 19 во една од овие области.

 

Мерки на заштита за лица кои се во или неодамна, во последните 2 недели,  посетиле области каде што се шири Ковид-19

Следете ги упатствата наведени погоре (мерки за заштита на сите)

• Ако почнете да не се чувствувате добро самоизолирајте се останувајќи дома, сè додека не закрепнете, дури и ако имате благи симптоми, како што се главоболка, благо покачување на телесната температура (37,3°C или повеќе) и протекување на носот. Ако е важно да се сретнете со некој што ви носи намирници или треба да излезете, на пр. за да купите храна, тогаш носете маска за да избегнете инфицирање на други луѓе. Зошто? Избегнувањето контакт со други луѓе и посети на медицински установи ќе им овозможи на овие установи да работат поефикасно и да помогнат во заштитата на вас и на другите од можна инфекција со Ковид-19, но и со други вируси.

• Ако развиете треска, кашлица и отежнато дишење, веднаш побарајте лекарски совет, затоа што состојбата може да е последица од респираторна инфекција или од друга сериозна состојба. Јавете се однапред и информирајте го здравствениот работник за какви било ваши неодамнешни патувања или контакти со патници. Зошто? Јавувањето однапред ќе му овозможи на давателот на здравствена заштита брзо да ве упати во соодветната здравствена установа. Ова истовремено ќе помогне да се спречи можното ширење на Ковид-19 и на други вируси.

СЗО ги следи тековните истражувања за начините на ширење на Ковид-19 и ќе продолжи со редовно споделување на новите наоди.

 

Извор: СЗО

 

 

Останатите делови од овој серијал написи можете да ги прочитате на следниве локации:

Прашања и одговори за Ковид-19 (2)

Прашања и одговори за Ковид-19 (3)

Прашања и одговори за Ковид-19 (4)

Клучни зборови:
Телефонски броеви за медицински контакт во случај на симптоми на Ковид-19

Телефонски броеви за медицински контакт во случај на симптоми на Ковид-19 (Извор: Министерство за здравство)

Препораки за ризичната група

Препораки за ризичната група (Извор: Министерство за здравство)

Симптоми на Ковид-19

Симптоми на Ковид-19 (Извор: Министерство за здравство)

Препораки за патниците

Препораки за патниците (Извор: Министерство за здравство)

Телефони за контакт во случај на нужда

Телефони за контакт во случај на итна потреба (Извор: Министерство за здравство)