Рубрика: Медицина
Прашања и одговори за Ковид-19 (2)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.03.2020 - 19:00

Во наредниве неколку дена ви ги пренесуваме информациите со коишто располага Светската здравствена организација (СЗО) во врска со новото заболување коешто го парализира светот. Информациите се врзани како со тековната состојба така и со препораки до коишто треба да се придржуваме сите за поуспешно справување со оваа невидлива закана.

 

Колку е веројатно дека ќе се заразам со Ковид-19?

Ризикот зависи од тоа каде сте, поточно, дали во тој географски реон има жариште на Ковид-19.

За повеќето луѓе на повеќето локации во светот ризикот од зараза со Ковид-19 е сè уште низок. Сепак, сега постојат места низ целиот свет (градови или области) кадешто болеста се шири. За луѓето кои живеат или престојуваат во овие области, ризикот од зараза со Ковид-19 е поголем. Владите и здравствените власти преземаат енергични активности секој пат кога ќе се идентификува нов случај на Ковид-19. Почитувајте ги сите локални ограничувања за патувања, движење или за големи собири. Следејќи ги залагањата за контрола на болеста ќе го намалите ризикот од префаќање или од ширење на Ковид-19.

Жариштата на Ковид-19 можат да бидат ограничени и преносот да биде запрен, како што се покажа во Кина и во некои други земји. За жал, многу бргу може да се појават нови епидемии. Важно е да бидете свесни за состојбата во регионот во којшто се наоѓате или каде што имате намера да одите. СЗО секојдневно објавува ажурирања за состојбата со Ковид-19 ширум светот.

 

Дали треба да се грижам за Ковид-19?

Болеста којашто настанува како последица на инфекција со Ковид-19 е генерално блага, особено кај деца и млади. Сепак, може да предизвика сериозни заболувања: приближно 1 човек на секои 5 заразени лица има потреба од болничка нега. Затоа е сосема нормално луѓето да се грижат за тоа како епидемијата на Ковид-19 ќе влијае врз нив и нивните најблиски.

Можеме да ги насочиме нашите грижи кон активности за заштита на себеси, нашите најблиски и на нашите заедници. Прва и најзначајна меѓу овие активности е редовното и темелно миење на рацете и добра респираторна хигиена. Второ, информирајте се и следете ги советите на локалните здравствени власти, вклучително и сите применети ограничувања за патувања, движење и собири.

 

Кој е изложен на ризик од развој на тешка болест?

Иако сè уште учиме за тоа како Ковид-19 влијае врз луѓето, се чини дека постарите лица и лицата со претходно постоечки медицински состојби (како што се висок крвен притисок, срцеви заболувања, заболувања на белите дробови, рак или дијабетес) развиваат сериозна болест почесто од другите.

(продолжува)

Извор: СЗО

 

Останатите делови од овој серијал написи можете да ги прочитате на следниве локации:

Прашања и одговори за Ковид-19 (1)

Прашања и одговори за Ковид-19 (3)

Прашања и одговори за Ковид-19 (4)

Клучни зборови:
Податоци од 16 март

Податоци од 16 март 2020