Примопредавателот Таурус 20 се покажа како мошне популарен проект за самоградба меѓу радиоаматерите од Македонија, па постепено се формира голема галерија на фотографии од нивните извонредни изведби.
Пред некоја година на страниците на ЕМИТЕР се најде популарниот проект за самоградба на трансиверот Таурус 20. Се работи за исклучителен проект на радиоаматерот од Полска, Влодек Салва (SP5DDJ), а написот за ЕМИТЕР го подготви нашиот соработник м-р Миле Кокотов (Z33T).
“Таурус 20” е едноставен QRP SSB трансивер за 20-метарскиот радиоаматерски опсег (14 MHz), со кој можат да се одржуваат врски од дома, но исто така многу е погоден за мобилна работа, на излет, прошетка во парк, планина, плажа и слично. Приемникот има повеќе од доволна чувствителност и селективност и едноставен систем за автоматска регулација на засилувањето со која се избегнува дисторзијата од јаките сигнали на локалните радиостаници.
Токму поради овие карактеристики Таурус 20 се покажа како мошне популарен проект за самоградба меѓу радиоаматерите од Македонија кои испратија повеќе фотографии од нивните изведби.
Секако во ова помогнаа и написите за совети, надградби и модификации на Таурус 20 и за изработка на торусни калеми и трансформатори објавени во Емитер 1-3/2019, коишто на градителите им дадоа подобар увид во некои од елементите потребни за реализирање на овој проект, а коишто беа подготвени од искусниот радиоаматер Горан Трајановски.
Неодамна ни пристигнаа фотографии од уште една самоградба на Таурус 20 којашто заслужува особена пофалба. Градителот е Љупчо Најдановски (Z32EM), радиоаматер од Скопје со преку 30-годишно радиоматерско искуство. Фотографиите од самоградбата на Љупчо ја збогати ионака богатата галерија на самоградби на примопредавателот Таурус, каде од порано се фотографиите од изведбите на радиоаматерите Горан Трајановски, Стефан Милојчевски (Z34MSP) и Благоја Ѓаковски. Дел од тие фотографии ги пренесуваме и во овој краток напис, а многу повеќе фотографии можат да се погледнат на страниците од овој проект тука и тука. За функционалноста на трансиверот Таурус 20 од изведбата на Љупчо сведочи и видеото објавено на нашиот YouTube канал, коешто може да го погледнете подолу.
Како што во повеќе наврати имаме спомнато, ги охрабруваме сите самоградители да ни испратат фотографии од изведата на нивните проекти базирани на конструкции објавени во ЕМИТЕР. Ние со задоволство ќе ги објавиме и ќе ве почастиме со еден бесплатен примерок од списанието ЕМИТЕР, а на крајот од годината за самоградителите со најдобри изведби и за оние со најмногу реализирани проекти ќе им биде одобрена годишна претплата на списанието. Повеќе информации за нашата акција “Претставете ги Вашите конструкторски вештини“ можете да прочитате на следнава страница.
Повелете – објавете фотографии од Вашата изведба на проект од ЕМИТЕР!