За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
12.2.1777 – Роден е Бернар Куртоа
Овај познат француски хемичар (Bernard Courtois) е познат по тоа што прв ги изолирал јодот и морфиумот. Роден е во Дижон Франција, а умира во 1838 година. Имал среќа што растел во престижно опкружување на хемичари: учел од својот татко, кој бил длабоко навлезен во хемијата, како на научен така и на практичен план. Значи, имал комплетна и сериозна претстава за хемијата како една од темелните природни науки што за тоа време било вистинска реткост – имено, хемијата тогаш сè уште тешко се ослободувала од влијанијата на алхемијата, иако Лавоазје пред неколку децении го имал поставено клучниот закон на модерната хемија, а тоа е законот за запазување на масата. Имал многу бурен живот, во исклучително бурно време во тогашна Франција, но сепак љубовта кон науката победила и останал верен до крајот на животот. (Т. С.)
12.2. 1809 – Роден е Чарлс Дарвин
Чарлс Дарвин (Charles Darwin) е англиски природонаучник, прославен со неговата Теорија за еволуцијата на живите суштества со природна селекција. Оваа теорија беше тема на нашето списание повеќепати (ЕМИТЕР 1/04: “Еволуцијата на човекот на виделина”; 2/05: “Дали Дарвин бил во право?”; 5/07: “Еволутивниот пат на хоминoидите”; 5/09: “Дарвиновите јубилеи”); 12/09: ""Еволуција" на теоријата за еволуција", па овде нема да се повторуваме, туку само ќе го потцртаме нејзиното огромно научно значење; “Дарвиновата Теоријата за еволуцијата е една од неколкуте интелектуални револуции коишто го вовеле модерниот поглед на светот. Таа всушност претставува парадигма којашто го трасираше патот кон стремежот да се сфатиме самите себе си”, ова е цитат од изјавата на Кори Пауел (Corey Powell), главен уредник на едно од најугледните светски научни списанија, американското списание Discover. (П. Л.)
12.2.1948 – роден е Реј Курцвејл
Реј Курцвејл (Ray Kurzweil) е американски визионер, пронаоѓач, футуролог, мислител и претприемач од областа на техниката. Познат е по неговата работа во повеќе области – програмирањето, развојот на технологиите за оптичко препознавање на буквите (optical character recognition –OCR), гласовната синтетизација на текст во говор, технологијата за препознавање говор, како и развојот на електронските клавијатури. Курцвајл е професор на МИТ (Институтот за техника на Масачусетс) и добитник е на американската национална награда за техника и иновација. Во еден текст во Форбс го опишуваат како “врвна мозочна машина”, додека во Вол Стрит Џурнал за него велат дека е “вистински гениј”. Основач е и менаџер на Kurzweil Technologies, Inc., а од 2012 година е директор на инженерскиот оддел на Гугл.
Како изумител, Курцвејл создал бројни системи за препознавање говор, меѓу кои и првата машина што го трансформира пишаниот текст во говор, наменета за слепи лица. Како футуролог, познат е по научни технолошки предвидувања кои земаат предвид појава на вештачка интелигенција и средства за радикално продолжување на животот на луѓето. Според Курцвејл, во иднина човештвото ќе постигне скоро неограничено материјално изобилство, а луѓето ќе станат бесмртни.
Има напишано повеќе книги од областа на здравјето, вештачката интелигенција, трансхуманизмот, техничката сунгуларност и футурологијата. Курцвајл јавно ги поддржува футуристичките и трансхуманистилките движења, а честопати има јавни обраќања во коишто ги искажува неговите позитивни гледишта во поглед на продолжување на животниот век и иднината на нанотехнологијата, роботиката и биотехниката. (Н. С.)