Истражувачите од Универзитетот Кардиф во Велика Британија открија нов начин за мобилизација на Т-клетките при справување со ракот, при што имуните клетки со успех ги таргетираат и ги убиваат канцерогените клетки. А она што е најважно е што лабораториските тестирања утврдиле дека методата функционира кај широк опсег на видови рак, убивајќи ги клетките од рак на простата, на бели дробови, рак на дојка и уште многу други видови канцер.
Улогата на Т-клетките во справувањето со ракот е веќе позната од поодамна. Веќе постојат востановени терапии за канцер каде овие моќни имуни клетки се земаат од телото, се изменуваат и се вбризгуваат назад во крвта на пациентот подготвени да ги пронајдат и уништат клетките на ракот. Најчесто користената терапија од овој вид, позната како CAR-T, се прилагодува за секој пациент одделно, но функционира само кај ограничен вид ракови и не покажала успех кај веќе формираните тумори коишто се појавуваат кај поголем број од видовите рак.
Конвенционалните Т-клетки ја скенираат површината на другите клетки за аномалии и ги елиминираат клетките на ракот, коишто прикажуваат абнормални протеини, но ги игнорираат оние клетки коишто содржат само нормални протеини. Овој начин на скенирање ги препознава малите делчиња од клеточни протеини коишто се врзуваат за молекулите од клеточната површина, а се познати како хуман леукоцитен антиген (ХЛА). Методата им овозможува на Т-клетките да “види” што се случува во внатрешноста на клетките преку скенирање на нивната површина. Но, ХЛА варијантата е различна кај сите луѓе, што е главна причина зошто досега не можеше да се создаде единствена имунотерапија којашто ќе функционира за сузбивање на повеќето видови рак кај сите луѓе.
Научниот тим од Кардиф пронашол Т-клетки којшто користитат друг вид на рецептор за таргетирање на клетките од рак, овозможувајќи ѝ на имуната клетка да ги таргетира и да ги убие повеќето видови клетки на рак, а истовремено да ги игнорира здравите клетки.
Во научниот труд објавен денес во Nature Immunology, истражувачкиот тим опишува рецептор на Т-клетките (TCR) којшто може да препознае многу видови на рак преку една молекула, налик на ХЛА, со ознака MR1. За разлика од ХЛА молекулата, присуството на MR1 не варира кај луѓето, што ја прави доста атрактивна нова цел за имунотерапиите.
Т-клетките коишто го поседувале овој новооткриен тип на рецептор во лабораториски услови се покажале способни да ги убијат клетките од белодробен рак, рак на кожа, крв, дебело црево, дојка, коски, простата, јајници, буврези и клетките од рак на матка, истовремено игнорираќи ги здравите клетки.
Во текот се експерименти коишто ќе можат да го утврдат точниот молекуларен механизам со помош на кој новооткриените рецептори (TCR) ги разликуваат здравите клетки од оние на ракот. Истражувачите веруваат дека механизмот вклучува детектирање на промените во клеточниот метаболизам коишто предизвикуваат присуство на различни метаболички производи на клеточната површина на MR1.
Британскиот тим се надева дека овој нов пристап ќе може да се проба и на пациенти некаде кон крајот на оваа година, по спроведувањето на повеќе безбедносни тестови.
Повеќе за конвенционалната имунотерапија, Т-клетките и за новите откритија во борбата против ракот имаме пишувано тука, тука и тука