Откритијата врзани за начините на коишто имуниот систем може да се мобилизира за да го нападне ракот им ја донесоа овогодишната Нобелова награда за физиологија и медицина на Џејмс Алисон од Центарот за рак MD Андерсон при Универзитетот на Тексас во Хјустон и на Тасуку Хонџо од Универзитетот на Кјото во Јапонија. Тие открија начини за отстранување на "сопирачките" на имуниот систем што го спречуваат да ги напаѓа клетките тумор.
Овој вид на имунотерапии за рак го револуционизираа третманот на одредени видови на рак, успевајќи претходно неизлечивите тумори кај некои пациенти да се намалат на речиси непостоечки.
Откритијата на Алисон се надградуваат врз работата на француските имунолози од 80-тите години на минатиот век, кои ги проучувале Т-клетките, компоненти од имуниот систем што ги напаѓаат клетките што телото ги препознава како туѓи. Тие идентификувале клучен рецептор на површината на Т-клетките што го нарекле цитотоксичен Т-лимфоцитен антиген 4, или CTLA-4. Алисон и другите откриле дека рецепторот креира ограничување на реакцијата на Т-клетките, спречувајќи ги да започнат целосен имун напад. Другите групи се надевале дека ќе успеат да го искористат овој рецептор за лекување на автоимуните болести, каде сопирачките на имуниот систем се слаби. Но, Алисон имал поинаква идеја. Ракот се развива кога имуниот систем на телото не успева да ги нападне туморните клетки, иако тие неконтролирано растат. Алисон се запрашал дали блокирањето на блокаторот, молекулата CTLA-4, ќе помогне имуниот систем да се мобилизира за да го уништи ракот.
Се работело за сосема нов концепт, таргетирање на системот за имуносупресија на телото како алатка што ќе помогне во сузбивањето на туморите. Во 1996 година, Алисон објавува труд во научното списание Science каде покажува дека антителата прилепени за CTLA-4 ги “збришале” туморите при неговите опити на глувци.
Фармацевтските компании првично ја избегнуваа имунотерапијата за третман на ракот, не сакајќи да ризикуваат со можните несакани ефекти, а исто така и поради тоа што се работи за пристап што во целост се разликува од стандардните третмани со хируршка интервенција, зрачење или хемотерапија. Па така, задачата за овозможување на употреба на анти-CTLA-4 кај луѓе паднала на една мала биотехнолошка компанија – Медарекс од Принстон, Њу Џерси. Компанијата ги купила патентните права на антителата во 1999 година и била прва што ги употребила како лек.
Во меѓувреме, во раните ’90 години од минатиот век во Јапонија, Хонџо открива молекула којашто е особено изразена кај Т-клетките што умираат. Тој оваа молекула ја нарекува “програмирана смрт 1” или PD-1 (анг. programmed death 1), при што препознава дека PD-1 претставува уште една сопирачка во функцијата на Т-клетките. Првично тој не препознал дека оваа молекула е тесно поврзана со ракот. Подоцна, по спроведување на повеќе клучни експерименти било јасно дека молекулата PD-1 може да биде мета на спроведување на третманите за рак. Првите клинички испитѕвања со употреба на PD-1 покажале уште поспектакуларни резултати споредено со третманите со CTLA-4. Неколку пациенти со метастазиран рак, каде туморите се рашириле на повеќе локации низ целото тело, биле излечени. А дури и несаканите нузпојави се манифестирале во поблага форма споредено со оние забележани при терапиите со CTLA-4.
Вестите за Нобеловата награда биле примени со ентузијазам на Четвртата меѓународна конференција за имунотерапија за рак, која се одржа во Њујорк. Сите коишто работат на ова поле се повеќе од задоволни што имунотерапијата веќе нема да биде маргинализирана. Темата на овогодинешната конференција за имунотерапија "Премин од наука во опстанок" го истакнува големиот напредок, но и патот што сè уште треба да се изоди на ова поле. Научниците и лекарите се борат да изнајдат начини за зголемување на ефикасноста на терапијата. Некои видови тумори се поотпорни на имунотерапијата, а во други случаи, по првичниот напредок пациентите престануваат да реагираат на третманот. Почетната работа укажува дека можеби комбинирањето на различни имунотерапии, или потенцијално спроведување на терапијата веднаш по добивање на дијагнозата, може се покажат како едно од можните решенија.
Работата на Хонџо доведе до откривање на лекови (елементот обоен со магента боја) што ја блокираат интеракцијата помеѓу Т-клетките и клетките на туморот. Со тоа се имуниот систем може целосно да се мобилизира во сузбивањето на канцерните ткива.