Имуните клетки секојдневно се справуваат со невидливите натрапници што се обидуваат да го нарушат вашето здравје. Тие живот спасуваат, но сè дури се насочени кон вистинската мета. Научниците неодамна успеале да ја снимат работата на Т-клетките на дело. Нивното истражување може да помогне во борбата со автоимуните нарушувања, како што е, на пример, дијабетесот од тип 1.
Т-клетките се едно од најмоќните оружја на човечкото тело во справувањето со многу болести. Овие клетки, кои се дел од одбранбениот механизам на нашето тело, се способни да збришат мноштво бактерии и вируси. Но, во некои случаи, и самите тие можат да предизвикаат проблеми. Така, кај лицата со автоимуни нарушувања, Т-клетките по грешка ги сметаат нормалните клетки за натрапници и почнуваат да напаѓаат здрави делови од телото.
Со цел да дознаат повеќе за механизмите и условите поради коишто доаѓа до ова нарушување, имунолозите од Универзитетот на Тексас во Остин ја проучувале внатрешноста на тимусот, орган сместен над срцето, во којшто според зборовите на коавторот на студијата Лорен Ерлих, клетките "добиваат упатства да не го напаѓаат телото" .
За да ги реконструираат позициите, движењата и меѓуклеточната сигнализација на клетките, Ерлих и нејзината колешка Џесика Ланкастер употребиле пар моќни ласери со можност за испукување на кратки импулси и скенирање на отсечок од живо ткиво на секои 15 секунди. Тие забележале дека при развојот на Т-клетките во тимусот, другите клетки им помагаат да ги ‘препознаат’ човечките протеини што подоцна ќе треба да ги игнорираат, за да не напаѓаат други, здрави делови од телото.
Тие велат дека дознале повеќе за тоа како различните типови клетки во тимусот заеднички ја тестираат безбедноста, за во случај на дефект кај Т-клетката, тие да го активираат нејзиното самоуништување.
Наодите од истражувањето се објавени во списанието Nature Communications.