Рубрика: Медицина
Успешно излечен рак во поодминат стадиум
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.06.2018 - 10:45

Вчера во светот одекна веста дека една жена со напреден стадиум на рак на дојката, којшто метастазирал низ нејзиното тело, успеала да се излечи и целосно да се ослободи од болеста со употреба на сосема нов вид терапија што го користи сопствениот имунолошки одговор на телото за сузбивање на туморите.

Се работи за прв пациент со поодминат стадиум на болеста кој успеал да се излечи со примена на имунотерапија, процедура што ги користи имуните клетки на пациентот за откривање и уништување на канцерните клетки што се формираат во телото.

Џуди Перкинс од Флорида имала 49 години кога била  избрана за клиничка проба на радикално новиот вид терапија. За ова придонел и неуспехот на неколку рунди третмани со хемотерапија коишто не го спречиле растењето на туморот во десната града и ширењето на метастазите во нејзиниот црн дроб и на други места. Во тоа време лекарите и давале најмногу уште три години живот.

Новата терапија била спроведена од страна на лекарите во американскиот Национален институт за рак во Мериленд. Терапијата толку ефективно ги уништила клетките на ракот што Перкинс се ослободила од болеста и е целосно здрава веќе две години.

При создавањето на терапијата, лекарите најнапред исекле делчиња од туморното ткиво на Перкинс и ја проучиле ДНК за да ги откријат мутациите коишто се специфични за болеста што таа ја има. Тие се фокусирале на мутациите кај четири гени коишто сoздале низа невообичаени протеини кај туморите. Потоа, од биопсиите на туморот лекарите извадиле одредена количина специфични имуни клетки, познати како туморски инфилтрирачки лимфоцити (скратено ТИЛ). Се работи за клетки од имунолошкиот систем на пациентот коишто веќе го нападнале туморот обидувајќи се да го уништат, но не успеале во задачата бидејќи биле премногу слаби или во могу мал број.

Откако во лабораториски услови успеале да ги размножат овие имуни клетки во количина што достигнала милијарди, бил направен скрининг за да се открие кои од нив најефикасно ќе ги најдат и ќе ги уништат клетките на ракот кај жената, со препознавање на нивните абнормални протеини.

Лекарите инјектирале околу 80 милијарди внимателно избрани имунолошки клетки во телото на Перкинс. Терапијата била применета заедно со лекот pembrolizumab, којшто се дава стандардно за да му помогне на имунолошкиот систем да се бори со ракот. Тестовите спроведени по само 42 недели покажале дека Перкинс е целосно ослободена од  болеста, а до денес таа нема никакви показатели за враќање на болеста. Внесените Т-клетки биле детектирани во телото на Перкинс уште најмалку 17 месеци по започнувањето на третманот.

Драматичниот успех ги зголеми надежите дека овој вид терапија ќе може да се примени кај повеќе пациенти со напреден карцином на дојката, но и кај други типови рак, како што е ракот на јајници и на простатата. Истражувачите сега планираат целосни клинички испитувања, за да ја проценат ефикасноста на третманот.

Успехот, објавен во списанието Nature Medicine, е дотолку поголем бидејќи ракот на дојката, заедно со ракот на простатата и ракот на јајниците, има релативно малку мутации, што ја отежнува можноста имуниот систем да ги забележи помеѓу здравите ткива во телото.

Но, на оваа успешна приказна се гледа со резерва бидејќи, она што функционирало кај еден пациент не значи автоматски дека може да биде ефикасен третман и кај други пациенти. За терапијата да се прогласи за вистински успешна и да влезе во стандардна примена, ќе треба да се почека на резултатите од обемните клинички тестирања коишто треба допрва да се случат. Исто така, научниците предупредуваат дека дури и терапијата да се покаже успешна кај најголем дел од испитаниците, сепак, како и кај многу други третмани, таа најверојатно не ќе може да им помогне на сите пациенти.

Клучни зборови: