Секоја година човештвото исфрла во океаните приближно осум милиони тони пластично ѓубре. Имајќи предвид дека поголемиот дел од ова пластично ѓубре плива на површината, она што природно се очекува е тоа да се трупа на површината од водата или блиску до неа, формирајќи вештачки квази-острови што пливаат во океанските води, нешто налик на “Големото Пацифичко ѓубриште“.
Но, се чини дека нешто повеќе од 99% од пластичното ѓубре не се однесува вака предвидливо, пишува Гардијан во написот во којшто се дадени искуствата од неколку океанографи коишто го следат акумулирањето на пластиката и нејзиното распространување во светските мориња и океани.
Повеќе истражувања, направени неодамна, укажуваат на тоа дека голем дел од пастиката завршува закопана на дното од океанот или лебди некаде низ длабочините одржувана од притисокот и струењата на водените столбови. Ова се случува поради тоа што некои од морските животни, како, на пример, црвените ракови и „џиновските“ ларвацеани (larvacea) коишто ја консумираат пластиката како храна за потоа да ја исфрлат како измет, или обложена со мукус, некаде на поголеми длабочини, при што пластиката тоне понатаму.
Но, она што е најмногу плаши и што би требало длабоко да нè загрижи сите е тоа што некои видови пластика се разградуваат до микронски големини, помали од клетка. Оваа нанопластика потоа може да се акумулира во ткивата на рибите, но и на другите организми, понекогаш предизвикувајќи невролошки и репродуктивни проблеми.
За проблемот со микропластиката којашто, следејќи го синџирот на исхрана, на крајот завршува и во нашата утроба, во ЕМИТЕР пишувавме во повеќе наврати. Повеќе за ова може да прочитате во “На микрониво, сите јадеме по малку пластика”, “Mикропластика пронајдена на врвот на Пиринеите”, “Како микропластиката се најде и во чајот?” и “Повторно за сеприсутноста на микропластиката во океанитe”.