Сондата Џуно се наоѓа во орбитата на оваа Јупитер веќе 3 години, а досега има испратено голем број податоци за овој гасен џин. Минатата недела техничкиот тим на мисијата Џуно од НАСА беше приморан да изведе комплексен маневар со ова летало, којшто ако не беше спроведен успешно, ќе значеше крај за оваа мисија на 3 ноември.
Како што веќе споменавме, вселенското летало Џуно влезе во орбитата на Јупитер во јули 2016 година, по петгодишното патешествие низ Сончевиот систем. Оттогаш сондата се наоѓаше во стабилна орбита по којашто ја обиколуваше планетата со брзина еднаш во 53 дена. Но, изминатата недела беше неопходно изведување на посебен маневар за да се спречи леталото да не се најде повеќе од 12 часа во сенката на планетата. Долгиот период поминат во сенка ќе значеше значително нарушување во функцијата на инструментите и, сосема извесно, “смрт” за мисијата. Ова се должи на тоа што Џуно се напојува со соларни панели, па тој временски период поминат без да биде изложен на сонце, ќе предизвика севкупно празнење на батериите и брз пад на температурата на леталото.
За да се избегне ова потребно беше Џуно да ја претрка сенката што беше постигнато со непрекината повеќечасовна работа на помошните мотори. Спроведувањето на маневарот започна на 30 септември, а успешно заврши на 1 октомври. За нешто повеќе од 10 часа, што е извонредно долго време, биле согорени околу 73 килограми гориво, а брзината на Јуно се зголемила на 203 километри на час.
Кога мисијата беше планирана, оригиналната орбитална патека по којашто леталото ќе го обиколуваше Јупитер за 14 дена, не предвидуваше дека сондата може да се најде во сенка од планетата, барем не на особено долг период. Но, проблемот што се јави со доводот на гориво до главниот мотор ги принуди техничарите на НАСА веднаш по пристигнувањето да го постават Џуно во друга орбита, со брзина на орбитирање од 53 дена, а таа полека, но сигурно го носеше Џуно кон положба каде ќе биде скриен во сенката на Јупитер, ситуација што неодамна беше избегната.
Од 2016 година до денес, со помош на сондата Џуно беа направени безброј откритија, па не е воопшто чудно што од НАСА се потрудија оваа мисија да трае што е можно подолго. Во моментов, со изведениот маневар, работниот век на мисијата со сигурност е продолжен барем до 2021 година, но веќе се работи на тоа тој да се прошири уште повеќе.
Повеќе за мисијата Џуно и некои од досега направените откритија на сајтот на ЕМИТЕР може да најдете тука, тука и тука