Рубрика: Астрономија и астронаутика
Молњите на Јупитер ги осветлуваат половите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.06.2018 - 13:00

Кога Војаџер 1 детектираше молња на Јупитер во сега далечната 1979 година, нешто во врска со блесоците немаше смисла за научниците. Од далеку, се чинеше дека радиобрановите од масивните блесоци од молскавици на планетата не ги достигаат високите фреквенции коишто типично ги емитувааат молњите на Земјата.

Вселенското летало Џуно, коешто во последниве две години се наоѓа во ниската орбита на Јупитер, помогна во решавањето на оваа мистерија. Радиобрановите што ги емитуваат молњите од густата атмосфера на планетата, всушност имаат сличен фреквентен опсег како и “домашните” молњи на Земјата. Опсервацијата е објавена на почетокот од овој месец во научното списание Nature. Сè досега, астрономите не можеа да детектираат ништо друго освен емисии од долниот фреквентен опсег.

Со решавање на оваа мистерија, научниците открија уште еден детаљ – молњите на Јупитер можеби имаат слична фреквенција како оние на Земјата, но нивната концентрација е поголема на половите, а не на екваторот, како што тоа се случува на Земјата. Според Шенон Браун, од Лабораторијата за млазен погон на НАСА во Пасадена, Калифорнија, клучната разлика во дистрибуцијата на молњите има врска со разликите во топлинската дистрибуција на планетите. Најголемиот дел од топлината Земјата ја добива од Сонцето, додека Јупитер, којшто се наоѓа подалеку од Сонцето, во најголем дел самиот внатрешно ја генерира топлината. Ова создава различна конвекциска шема којашто резултира со концентрација на молњите на половите.

Крајот на мисијата Џуно беше планиран за јули оваа година, кога сондата требаше да нурне во густата атмосфера на Јупитер. Но, по оваа опсервација, траењето на мисијата беше продолжено за уште три години.

Клучни зборови: