Рубрика: Астрономија и астронаутика
Огромни бранови на Јупитер
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.01.2019 - 12:30

Сондата Џуно на НАСА, којашто подолго време се наоѓа во орбитата околу Јупитер, го потврди постоењето на огромни, брановидни структури на површината. Огромните воздушни структури во движење, коишто ги нарекуваат и брановидни возови, за првпат беа забележани од окото на камерите на сондата Војаџер, при нејзиниот прелет крај Јупитер пред 40 години. Брановите се движат последователно, формираќи типични брановидни долини и врвови, во правец од исток кон запад.

Фотокамерата на Џуно, којашто работи во спектарот на видливата светлина, успеа да ги “фати” брановите на површината, забележувајќи ја досега најмалата раздалеченост помеѓу брановите и даде нов увид во атмосферската динамика и во структурата на оваа планета.

За еден од брановите беше проценето дека бил висок околу 10 километри, што е приближно еднакво на висината каде што на Земјата крстосуваат патничките авиони. Како што забележуваат истражувачите, брановите може да се јават и во близина на други атмосферски појави на Јупитер, непосредно до вители или до атмосферски протоци, но исто така може да се забележат и на места каде што нема видлива поврзаност со околниот атмосферски простор. Некои од брановите се пресретнуваат, додека други навидум се препокриваат, веројатно  простирајќи се на две различни нивоа во атмосферата. Во некои случаи, брановите биле забележани како се распостилаат од центарот кон надворешноста на циклонот.

Но, кој е изворот на овие структури?

Научниците сметаат дека е можно во најголем дел да се работи за атмосферски гравитациски бранови. Имено, неврзано со гравитациските бранови во време-просторот, гравитациски бранови може да се појават во воздух или во течност, во процесите на изедначување на гравитацијата.

На Јупитер, овие бранови се манифестираат како вертикални бранувања во горната атмосфера, предизвикани од процеси во подолните слоеви.

Набљудувањата се само еден мал дел од комплексната сложувалка на временските услови во атмосферата на Јупитер. Една од целите на мисијата Џуно е да дознае повеќе за процесите што се одвиваат под дебелиот слој од облаци на Јупитер. Досега со Џуно беа направени низа откритија за составот на внатрешноста на Јупитер, за атмосферските текови, за олујните појаси, за екстремни временски појави итн.

Клучни зборови: