По 5-годишно “крстарење” во просторот низ Сончевиот систем, вселенската сонда наречена Џуно (Juno) стаса на својата дестинација, и на 4. јули, т.е. на празникот на независноста на САД, таа влезе во орбита околу планетата Јупитер (уметничка визија е покажана на слика 1). Името Џуно сондата го добила според името на богињата Jунона, која во староримската митологија му била супруга на врховниот бог Јупитер.
Џуно е втората сонда во орбита околу Јупитер, всушност таа е наследничка на претходната вселенска сонда Галилео, која орбитираше околу Јупитер во периодот од 1995 до 2007 год., но Џуно е прва сонда која орбитира околу јупитеровите полови.
Лансирањето на Џуно беше во август 2011 год. со ракета AtlasV 551. На слика 2 е покажана траекторијата на нејзиното 5-годишно долго патување низ Сончевиот систем, должината на поминатиот пат изнесува дури 2,8 милијарди km односно 18,7 AU (Астрономски Единици, 1 АЕ = растојание помеѓу Земјата и Сонцето). Забележуваме на траекторијата дека околу 2 год. по лансирањето, сондата Џуно во 2013 год. повторно се најде близу до Земјата и прелета покрај неа користејќи ја нејзината гравитација за зголемување на својата брзина, неопходна за досег до Јупитер (феномен наречен “гравитациска прачка”).
Кога стаса на својата дестинација, Џуно влезе прво во привремена орбита околу Јупитер по многу издолжена елипса, а по 2 извршени обиколки околу Јупитер, таа ја смени орбитата со соответен маневар и премина во т.н. “работна орбита” (види ја слика 3). На таа нова орбита ќе остане следните 20 месеци, за кое време ќе изведе 33 т.н. “научни орбитирања”, со задача да присобере бројни нови научни податоци за дистрибуцијата на масата на Јупитер, влучувајќи и тоа дали тој има цврсто јадро, потоа термичката радијација и испарувањето внатре во неговата атмосфера и дистрибуцијата на водата во неа, а со тоа и дистрибуцијата на кислородот, потоа карактерот на силните ветришта во неговата атмосфера кои можат да достигнат брзина и до 600 km/h, а помеѓу сето тоа, научниците се надеваат дека, конечно ќе ја разрешат и мистеријата на т.н. “голема црвена пега”, всушност огромна циклонска активност со пречник 3 пати поголем од Земјиниот, а којашто дејствува на Јупитер повеќе од 300 години. Сите овие нови податоци ќе ги дополнат претходните студии и сознанија за составот на Јупитер, и ќе отворат нов поглед, не само за неговото потекло, туку и за потеклото на бројните екстрасоларни гасовити џинови, откриени во досегашната потрага по “екстра Земја”!
Извршувајќи ја таа задача Џуно перманентно ќе влегува во, и ќе излегува од радиоактивниот појас којшто постои околу Јупитер (види ја слика 4), при што неговата електроника ќе биде изложена на зрачење коешто е еквивалент на колку 100 милиони рентгенски снимања на заб! Кај вообичаените вселенски сонди тоа речиси сигурно би предизвикало оштетување на нивната електроника, меѓутоа Џуно има титаниумски сеф во кој се наоѓа неговата електроника, па научниците се надеваат дека инструментите на Џуно сепак цело време ќе бидат во функција.
Сондата Џуно е тешка 3,6 тона, со енергија се напојува преку Сончеви ќелии поредени во неговите 3 крила, невообичаено долги (види ја слика 1). Ваквото напојување досега беше применувано само кај вселенските сонди и сателити кои орбитираат во т.н. внатрешен дел на Сончевиот систем, па ова е прв случај ваквото напојување да се применува и кај сонда која орбитира во т.н. надворешен дел на Сончевиот систем, кадешто припаѓа и Јупитер!
По завршување на својата задача, Џуно ќе влезе во густата атмосфера на Јупитер, и целосно ќе согори, па така ќе се спречи евентуалното загадување на Јупитеровиот систем, кое што е можно да биде пренесено од Земјата. Ова е особено актуелно во врска со Јупитеровата месечина Европа, со оглед на тоа дека на неа постојат услови за појава на некој облик на живот во нејзиниот длабок океан, па како таква е во план за некоја од наредните мисии на НАСА.