За Камено доба сите знаеме, но веројатно може да се каже дека тоа имало и свое “Дрвено доба”. Проблем е што, за разлика од каменот, дрвото мошне ретко успева да остане зачувано во текот на илјадници години, освен ако не биде изложено на мошне специфични услови во околината. Се чини дека вакви поволни услови се создале крај една древна река што тече низ Замбија, на границата со Танзанија, во периодот пред околу 500 илјади години. Тука, под водопадите на реката Каламбо, истражувачите открија остатоци од нешто за кое сметаат дека е најстарата досега позната дрвена градба во светот.