Рубрика: Енергетика
Клима уреди во болници, градинки и други јавни објекти
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 22.08.2025 - 13:15

Заради неинформираност, незнаење или од други причини, на многу згради од јавен или комерцијален карактер се инсталирани индивидуални клима уреди така што на фасадите на тие згради се ставени голем број надворешни единици. На тој начин надворешниот изглед е нарушен и од естетска и од архитектонска гледна точка, а тоа не е добро. Веднаш да кажам дека во најголем број случаи постои погрешен пристап кога треба да се стави уред или систем за климатизација...

Минатите неколку недели јужна и средна Европа беа зафатени со интензивни топлински бранови кои предизвикаа големи шумски пожари и други штети, а имаа и штетно влијание врз населението при што бројот на починати лица беше за десетици илјади лица поголем од просекот во минатото. Со екстремно високи температури беше зафатена и Македонија, но кај нас нема официјално соопштение за бројот на починати лица како последица од тие екстремни временски услови.

Во такви жешки денови многу беше, а и сега е актуелно, како да се обезбедат комфорни услови дома, на работа и во разни јавни и комерцијални објекти. Кога станува збор за ладење на простории скоро сите спомнуваат клима уреди, и се мисли на индивидуални клима уреди во “сплит“ (разделена) изведба, составен од надворешен и внатрешен дел. Но, со еден ваков клима уред се лади само една просторија (соба или канцеларија).

Заради неинформираност, незнаење или од други причини, на многу згради од јавен или комерцијален карактер се инсталирани индивидуални клима уреди така што на фасадите на тие згради се ставени голем број надворешни единици. На тој начин надворешниот изглед е нарушен и од естетска и од архитектонска гледна точка, а тоа не е добро. Деновиве беше објавено во јавните медиуми за инсталирање на голем број индивидуални клими уреди во болници, градинки итн.

Слика 1: Министерство за труд и социјална политика 

Веднаш да кажам дека во најголем број случаи постои погрешен пристап кога треба да се стави уред или систем за климатизација. Кај новите згради изборот за начинот на климатизација треба да се направи уште во фаза на проектирање на објектот, а не по завршување на неговата изградба. Исто така, треба истовремено да се разгледува и системот за греење. Ова е особено важно бидејќи денес сите клима уреди и ладилни машини може да служат и за ладење и за греење (режим на топлинска пумпа). Изборот на опремата треба да се прави според направени пресметки на топлински добивки на просториите бидејќи денес има згради со повисока енергетска класа, така што ладилниот капацитет кај нив може да биде два или повеќе пати помал за иста квадратура. Дури и при избор на индивидуален клима уред пожелно е да биде консултирано стручно лице или да се направи контакт со специјализирана фирма. Голем број граѓани и фирми не се запознаени со можните опции при избор на систем за климатизација.

Каков систем за климатизација да се одбере најмногу зависи од намената на објектот, неговата големина, цената на опремата и др. Наједноставен и најефтин е клима уредот во сплит изведба, а тоа е и најраспространетиот тип. Најчесто се монтира еден ваков клима уред за секоја просторија. Ако се работи за објект со две или повеќе простории, тогаш не треба да се ставаат посебни клима уреди за секоја просторија, туку може еден систем кој се состои од една заедничка надворешна единица и соодветен број внатрешни единици. За поголем објект со повеќе простории има опција за централен систем со индиректно ладење (и греење) каде што има ладилна машина за ладење вода (или антифриз), во пракса наречена “чилер“ (chiller), која со помош на пумпа и низ цевководна мрежа циркулира во вентилаторски конвектори (фен-коил единици) во просториите. Кај овие системи постои можност за добивање на санитарна топла вода со многу помала потрошувачка на електрична енергија отколку со класичен електричен бојлер.

 

Слика 2: ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје (во комплексот 'Мајка Тереза')

 

Постои опција и со централен VRF систем. Тој се состои од една надворешна единица и неколку десетици внатрешни единици, а сите се поврзани со цевки во кои струи специјален ладилен флуид.

За целосна климатизација потребно е и доведување на свеж воздух кој се подготвува во т.н. клима-комори во кои се врши филтрирање, ладење (или греење) и влажење (во зима). Потоа, со каналски развод воздухот се уфрлува во просториите преку соодветни решетки.

Уште еднаш ќе нагласам дека ставање индивидуални клима уреди на фасади на државни згради, јавни објекти (болници, градинки, ...), комерцијални објекти и слично е погрешено решение. Државата, особено Министерство за енергетика, други надлежни институции, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и други треба да го регулираат ова прашање со прописи. Можеби да се види како тоа го регулираат со прописи други градови со топла клима.

Како несоодветни решенија за климатизација приложувам фотографии од згради во Скопје.

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје

Клучни зборови:
Слика 1: Министерство за труд и социјална политика

Слика 1: Министерство за труд и социјална политика 

Слика 2: ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје (во комплексот 'Мајка Тереза')

Слика 2: ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје (во комплексот 'Мајка Тереза')