Сопственоста на оружје е тема на дебата во САД со години. За многумина, тоа е прашање на лична слобода, па дури и дел од културата, додека други веруваат дека бројот на масовни крвопролевања кои се тажна константа во американското секојдневие, би можел значително да се намали доколку пушките не би биле толку достапни. Американскиот стартап Biofire верува дека постои компромис помеѓу поседувањето пиштол и неговата безбедност – оружје што може да го користат само нивните сопственици, коешто доколку падне во погрешни раце, не може да се користи за напади и убиства. На тој начин би се избегнале опасните ситуации кои можат да настанат кога децата ќе го најдат оружјето на родителите, а детската игра ќе се претвори во трагедија.