Рубрика: Информатика
Истакнати новинарски куќи и социјални мрежи одбија Apple да тренира ВИ со нивни податоци
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 13.09.2024 - 11:30

Голем број истакнати новинарски куќи и социјални мрежи како што се Њујорк Тајмс, Вајрд и Инстаграм одбија Apple да спроведува обука на сопствените модели со вештачка интелигенција со нивните податоци. Ова се случува три месеца откако Apple ја претстави алатката наменета за издавачи којашто овозможува тие да се откажат од обуката на вештачката интелигенција.

За системите со вештачка интелигенција да функционираат, тие треба да бидат обучени со користење на копирана веб-содржина. Загрижувачкиот дел од ова е тоа што материјалот којшто се користи за обука на вештачката интелигенција е заштитен со авторски права, бидејќи е создаден од луѓе.

Веќе има случаи кога технолошките гиганти, вклучително и Apple, биле фатени како користат, на пример, содржини од YouTube за да ги обучуваат своите модели со вештачка интелигенција без дозвола.  Пред помалку од три месеци, Apple им овозможи на издавачите да се откажат од т.н scraping, а многу веб-локации го користат тоа за да се откажат од обуката за Apple Intelligence. Меѓу нив се и сајтовите на Facebook, Instagram, Craigslist, Tumblr, The New York Times, The Financial Times, The Atlantic, Vox Media и многу други.

Новата алатка на Apple, Applebot-Extended – додаток за Apple-ботот за веб пребарување, им овозможува на сопствениците на веб-страниците да му кажат на Apple да не ги користи нивните податоци за обука на вештачка интелигенција. Во блог постот каде што се објаснува како целата работа функционира Apple можноста ја нарекува „контролирано користење на податоци“. Оригиналниот Applebot, претставен во 2015 година, првично пребаруваше на интернет за Siri и Spotlight. Меѓутоа, неодамна мисијата на Applebot се прошири – податоците што ги собира може да се користат и за обука на моделите со вештачка интелигенција на Apple.

Ваквите практики за обука се веќе доведени во прашање поради начинот на кој функционира вештачката интелигенција, којашто користи содржина заштитена со авторски права. Забележано е дека алатката често дава информации кои се речиси непроменети.

Поради оваа причина, Apple дозволува издавачите да бидат исклучени од обуката, но да го задржат индексирањето за веб-пребарување коешто овозмува објавената содржина да се прикажува во пребарувањата на Siri и Spotlight.

Клучни зборови: