Истражувањето на Кајперовиот појас што го реализира мисијата Нови Хоризонти (New Horizons) на НАСА откри популација на објекти во надворешниот Сончев систем што укажува на тоа дека Сончевиот систем формирал од многу поголем протоѕвезден диск отколку што тоа првично се мислеше.
За потсетување, Кајперовиот појас е регион што се простира понатаму од Нептун и е дом на прастари остатоци од планетарен материјал. Појасот за првпат е откриен во 1990-тите години. Помеѓу ледените објекти на Кајперовиот појас се и неколку вам добро познати џуџести планети – како Плутон, Седна, Харон, Кваоар.
Уметничка визија на објект во Кајперовиот појас Слика: НАСА
Ваквите појаси се вообичаени за ѕвездите со планетарни системи ширум нашата галаксија. Главниот регион на Кајперовиот појас започнува од орбитата на Нептун, на околу 4,5 милијарди километри од Сонцето, односно на оддалеченост од 30 астрономски единици (АЕ), а се смета дека се протега до околу 50 АЕ. Голем дел од овој регион на вселената е непознат.
Едно ново истражување кое ги користи податоците од 8,2-метарскиот јапонски телескоп Субару на Хаваите покажа група ледени објекти во Кајперовиот појас на оддалеченост од фантастични 90 АЕ! Ова значи дека Кајперовиот појас се протега многу подалеку од она што претходно се сметаше.
Наодите истовремено укажуваат дека вселенската сонда Нови Хоризонти на НАСА, лансирана во 2006 година, а која во моментов се наоѓа на оддалеченост од околу 60 АЕ од Сонцето, сè уште не стигнала до надворешниот раб на Кајперовиот појас.
Телескопот Субару поставен во близина на врвот на Мауна Кеа, управуван од Националната астрономска опсерваторија на Јапонија (НАОЈ) Фото: НАОЈ
„Долго време се чинеше дека Кајперовиот појас на нашиот Сончев систем е премал во споредба со многу други планетарни системи, но нашите резултати укажуваат дека оваа претстава можеби се појавила како последица на набљудување засновано на предрасуди“, вели Вес Фрејзер, водечкиот автор на трудот што деновиве може да се прочита на предпринт серверите (тука), и ко-истражувач во научниот тим на мисијата Нови хоризонти при Националниот истражувачки совет на Канада. „Нашите набљудувања со [телескопот] Субару пребаруваа до бледите граници на детекција и пронајдоа значителна маса во Кајперовиот појас на оддалеченост која е 70 до 90 пати поголема од онаа помеѓу Сонцето и Земјата. Па, така, ако овој резултат биде потврден, нашиот Кајперов појас сепак не е толку мал и необичен, во споредба со оние [појаси] околу другите ѕвезди”, вели тој.
Можно е овие подалечни објекти од Кајперовиот појас да биле ‘истуркани’ и сместени во нивната сегашна орбита од гравитацијата на Нептун. Но, нивното присуство можеби значи и дека научниците треба да ги преиспитаат сегашните модели за формирање на Сончевиот систем.
Дискот од планетарен материјал кој доведе до формирање на планетите и другите структури во Сончевиот систем пред 5 милијарди години можеби бил поголем отколку што тоа се претпоставуваше досега.
„Имаме уште многу да научиме за тоа како всушност изгледа оваа далечна популација, но она што е фасцинантно е што воопшто постои нова популација во Кајперовиот појас“, додава Фрејзер.
Наодите од ова истражување се објавени во списанието Planetary Science Journal на Американското астрономско друштво.