Градот Амстердам им забрани на своите вработени да ја користат апликацијата Телеграм (Telegram) на нивните службени телефони поради потенцијална криминална активност на апликацијата и ризик од шпионажа, изјавил портпаролот на општината за БНР.
Управата на Градот ја усвоила забраната кон крајот на април, но јавно не зборуваше за тоа. Портпаролот на ИТ секторот на град Амстердам изјавил дека Телеграм претставува „безбедно засолниште за хакери, кибер криминалци и дилери на дрога“.
Управата на Градот е исто така загрижена за можна шпионажа преку апликацијата, иако апликацијата повеќе нема официјални врски со Русија. Имено, иако Телеграм е основан во Русија, седиштето е преместено во Дубаи, додека компанијата е регистрирана на Девствените Острови.
Како што пренесува NL Times, другите општини во Холандија немаат забрани за употреба на Телеграм, и покрај општата загриженост за апликацијата.
Парламентот разговараше за потенцијална забрана претходно оваа година, но тогашниот министер за правда Дилан Јесилгоз рече дека таквиот потег би бил преголемо мешање во слободата на изразување.