Бидејќи ќе правам кутии за звучници 6x9 инчи, ме интересира дали на кутиите треба да оставам дупка за издув или да бидат затворени. Звучниците се за во кола. И ако треба да имаат дупка, кое место би било најпогодно за тоа.
Благодарам однапред.
Петар Спасевски преку e-mail
Работите не се така едноставни... Ви препорачувам прво да ги прочитате текстовите "Како до квалитетни звучници" во Емитер 1/07 до 7-8/07, "Компресиони звучни кутии" во ЕМИТЕР 5/1995 и "Бас-рефлекс звучни кутии" во ЕМИТЕР 1/1998, 2/1998, 4/1998 и 6/1997. Овие постари броеви на ЕМИТЕР можете да ги нарачате од редакцијата на ЕМИТЕР.
Но, со оглед на тоа дека станува збор за автозвучници кои редовно имаат многу висок Qts параметар, најдобро решение во вашиот случај е да не правите звучни кутии, туку да ги поставите звучниците на задната хоризонтална "даска", зад задните седишта. Најголемиот број автомобили со фабрички вградени 6х9 звучници имаат токму вакво решение.
Претходно треба прецизно да направите отвори на "даската" за звучниците. Внимавајте, бидејќи "даската" е направена од пластика и лесно може да се оштети или скрши. Звучниците треба добро да налегнуваат на отворите и добро да дихтуваат.
Пријатно слушање!
Владимир Филевски
Здраво.
Имам мал проблем околу правењето на програмата за контрола на релеи, проект од број 01/05, па Ве молам за помош.
Дадениот пример е многу краток и не покажува како се иницијализира читањето и запишувањето од дата-регистерот. Јавува грешки за променливата Value, како и за наредбите кои ги овозможува inpout32.dll библиотеката. Како оваа библиотека се вклучува во програмата за да може да се користи? И ме интересира зошто Check4_Click кога ова би требало да биде код за настанот "копчето 4" е кликнато, Button4_Click, или ова е функција за "копчето 4" која се користи при кликање на "копче 4"?
Поздрав,
Орде Вељаноски
Се надевам дека следниве појаснувања ќе ви помогнат во изработка на програмата.
Најнапред, како што е наведено на почетокот на текстот, написот е надополнување на претходно објавен напис, па заради тоа некои од објаснувањата се кратки или изоставени.
1) Што се однесува до користењето на DLL библиотеката, за да направите иницијализација како што велите вие и таа да може да се користи, во нашата програма е искористен модул преку којшто се декларираат In и Out како функции. Ви го испраќаме во прилог (Inpout32.bas). Внесете го во вашата програмата преку Project-AddModule. На прозорот што ќе се појави изберете ја картичката Existing и посочете го (најдете го) модулот што ви го испраќаме.
Ќе забележите дека во модулот е посочена променлива PortAddress како Integer. Зависно од тоа како ја пишувате програмата, истата ќе мора да ја дефинирате, односно димензионирате како таква променлива во некој дел од програмата (во Option Explicit или во General, на пример). Не заборавајте и дека променливата Value мора, исто така, да ја дефинирате.
2) Што се однесува за вашето наредно прашање зошто Check на место Button, тоа е поради тоа што копчињата што се гледаат на формата не се објекти од типот Копче (Button), туку од типот Квадрат со штиклирање (Check box). Значи, поставени се Check Box, но во полето Style во Properties на секој Check Box избрано е Graphical. Со ова нагодување, Check Box добива изглед на копче кое може да се вклучи (остане притиснато) и исклучи (испакнато), но тоа останува да си биде Check Box. Штосно нели? Обидете се.
Останатото во програмата е избор на изглед, потреби и фантазија.
Пријатна работа и многу успех.
Добре Блажевски-Доц
Почитувани,
Имам неколку прашања во врска со програматорот од брошурата "Микроконтролери за почетници 1" Сакам да го изработам PIC програматорот, ме интересира дали е можно тој да се приклучи на компјутерското напојување и од таму да се снабдува со потребните 5 волти и 12 волти кај регулаторите 7805 и 7812 или мора да се гради и напојувањето со двата регулатора? Дали со овој програматор може да се програмираат микроконтролери со 8 пина (eeprom)?
Поздрав
Горан Веловски
Компјутерското напојување може да се искористи, доколку соодветно и исправно го поврзете на потребните места. Но, не гледам потреба за таква компликација кога напојувањето на целиот програматор може да се реши со обичен грецов насочувач, направен со трансформаторче за 15V/0,3A, грец за 1A и електролитски кондензатор од 1000 до 4700 µF/35V.
Што се однесува до тоа што сè може да програмира програматорот, објавено е во самата брошура. Она што вие го прашувате не може да се програмира.
Добре Блажевски
Здраво,
Правам едно мало експериментче - се работи за звучници што сакам да ги искористам за PC. Звучниците ги најдов на автопазар, фирмата е US Blaster коишто некогаш се користеле за сараунд систем (еден вуфер и 4 сателити), од кои најдов само два сателита, кои се во добра состојба и исправни. Ме интересира како можам да направам од нив да се слуша само басот – дали треба да направам некоја намотка, бидејќи сакам да ставам и мали високотончиња. Би ви бил благодарен да ми објасните како да добијам само бас на звучниците.
Поздрав,
Дејан – deki21.excite
Не можете да добиете доволно басови од тие два сателитски звучника, бидејќи тие според самата своја конструкција не можат да дадат басови. Но, високите тонови можат да се исфилтрираат од секој бас/среднотонски (па и сателитски) звучник со помош на филтер-пропусник на ниски тонови. Наједноставниот таков филтер се нарекува филтер од прв ред и се состои од само една намотка (калем). Индуктивноста на намотката (во хенри) се одредува според формулата L=R/(2·π·f3), каде што R е импедансата на звучникот, а f3 е фреквенцијата на која амплитудата на сигналот е ослабена за 3 dB. На пример, за R = 8 Ω и за f3 = 3 kHz се добива L = 0,4 mH. Ако сакате да користите и дополнителен високотонец, тогаш пред високотонецот мора да се постави филтер-пропусник на високи тонови. Наједноставниот филтер-пропусник за високи тонови (од прв ред) се состои од само еден кондензатор. Капацитивноста на кондензаторот (во фаради) се одредува според формулата C=1/(2·π·R·f3), каде што R е импедансата на звучникот, а f3 е фреквенцијата на која амплитудата на сигналот е ослабена за 3 dB. На пример, за R = 8 Ω и за f3 = 3 kHz се добива C = 6,6 µF.
Наведениве формули важат само за теоретски идеален случај на звучници со потполно рамна амплитудно-фреквенциска карактеристика и со потполно рамна импеданса. Во пракса, вредностите на елементите од филтрите се одредуваат преку измерената вистинска (а не номинална!) импеданса на звучникот на фреквенцијата потребна за свртницата. Ако импедансата на звучниците претходно се линеаризира со помош на сериски RC-компензациски (Зобелов) склоп поставен паралелно на бас/среднотонскиот звучник, тогаш формулата е апсолутно точна.
Ваквите филтри (и компензации) се составен дел на секоја свртница за звучници. Сè за свртниците можете да најдете во двете продолженија на текстот "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/1996 и 3-4/1996 и во текстот "Како до квалитетни звучни кутии?" во ЕМИТЕР 5/2007. Овие постари броеви на ЕМИТЕР можете да ги нарачате од редакцијата на ЕМИТЕР.
Што се однесува до вашиот случај, мислам дека воопшто не се исплати да се "подобруваат" тие два сателитски звучника за да се користат како звучници за PC. Цената и ангажманот за таа модификација се преголеми: потребни се најмалку две намотки и два кондензатора, плус два високотонци, еден сабвуфер и три засилувачи. За истите пари (или помалку) можете да купите потполно нови звучници за PC (два сателита и сабвуфер, со вградени засилувачи) од некоја позната фирма. Единствено ако веќе имате два високотонци, сабвуфер и три засилувачи со кои не знаете што да правите, тогаш можеби вреди со сопствени раце да направите нешто и да ги искористите и тие два сателитски звучника. Но, ако располагате само со тие два сателитски звучника, ви предлагам да не ги дополнувате со високотонци и сабвуфер, туку да го извадите од нив и она малку бас којшто може да го дадат, така што ќе им направите по една нова звучна кутија од типот на бас-рефлекс, или трансмисиона линија. Повеќе за овие типови звучни кутии можете да прочитате во постарите броеви на ЕМИТЕР.
Владимир Филевски
Здраво Емитерци!
Јас сум ваш редовен читател и сакам да ве прашам нешто во врска со мојата гитара. Сакам да знам дали може акустична гитара да се преправи во електрична гитара. Можеби ова е смешно прашање, но сакам да знам дали може така, бидејќи немам пари за електрична гитара. Мојата акустична гитара е стара и беше многу скапа кога ја купив, па да не трошам пари за нова електрична гитара.
Ве прашувам вас како познавачи за секакви работи.
Поздрав, Стефан Василевски.
Препорачувам три начини за да добиете електрична гитара од акустична:
1. Да ѝ вградите микрофон и предзасилувач на акустичната гитара. За оваа намена постојат посебни пиезо-микрофони кои се лепат на телото на гитарата, но за проба може да експериметирате и со обичен (поквалитетен) електрет микрофон. Предзасилувачот можете да го купите или, пак, да го направите самите (во ЕМИТЕР имало проекти кои би можело да се употребат за оваа намена).
2. На акустичната гитара да ѝ вградите пик-ап, потенциометар и џек од електричната гитара, а наместо пластичните/месинганите жици да поставите челични жици (жици за електрична гитара). Овие делови може да се купат посебно во продавниците за музикалии. Пикапот (магнетот) може да го направите и самите ако на плоснат правоаголен магнет му намотате неколку илјади навивки од тенка бакарна жица.
3. Од акустичната гитара да го извадите вратот и кобилицата, од даска или иверица да направите тело за електрична гитара, па сите делови да ги монтирате на него. Тука треба да се внимава да се запази истото растојание од кобилицата до првиот праг на гитарата (во спротивно гитарата нема да може да се наштима), а секако и да се употребат челични жици, соодветни пикапи, преклопник, потенциометар и џек за електрична гитара поврзани на правилен начин. Од вашата умешност во изработката на телото, прицврстувањето на вратот и поставувањето на останатите елементи ќе зависи колку убаво ќе изгледа и како ќе звучи вашата гитара.
Користејќи го токму последниов метод јас пред повеќе од 20 години имам изработено неколку електрични гитари кои изгледале и звучеле повеќе од солидно. Со тие гитари рок-бендот на брат ми стигна до полуфинале на Рок фестот :-)).
Ви посакувам успех.
Слободан Таневски
Ми треба шема за добивање на 110V од 220V AC за моќност од околу 20 - 30W. Или, пак, да ми кажете која шема можам да ја искористам и со модифицирање да го добијам потребниот излезен напон, по можност без употреба на трансформатор, туку со отпорници и кондензатори.
Однапред благодарам,
Јане Мијале
Најдобро решение е со трансформатор 220V/110V, особено што станува збор за само 30W. Таквиот трансформатор можете да го пресметате и да го изработите и самите со помош на написите објавени во претходните броеви.
Ако баш мора да биде со пониска цена, постои изведба како автотрансформатор (таквител :, всушност, и се најчести по продавниците), но таков не може да се користи за секоја намена, бидејќи не е галвански изолиран. Од друга страна, решение со сериски кондензатор или отпорник повторно не дава галванско изолирање, а внесува и дополнителна внатрешна отпорност на изворот на напојување, така што повторно најдобро и најевтино решение е со трансформатор.
Владимир Филевски
Едно време се продаваа конвертори за 220/110V кои беа направени со тријак во конфигурација како димерите за светилки, ама тоа и не беше некоја добра работа. Инаку, според мене, за поголеми струи, нема подобро решение од трансформатор.
Благој Ќупев
Нема потреба да се комплицира, кога сè е едноставно. Конвертор кој работи како автотрансформатор со снага од 75W во Логинг електроникс чини 590 денари. Електронско решение за вакви напони, пред сè, е ризик кој не вреди за толку мали моќности.
Златко Николовски
Најдобро е трансформацијата на напонот да биде со мрежен трансформатор 220V/110V од 50 тина вати. Тоа не е голем трансформатор, па согласно тоа и не е толку скап. Ова решение е погодно за секој тип на потрошувач кој ќе се напојува од тие 110V.
Но, ако инсистирате на решение без трансформатор, тогаш многу е битно што се напојува со тие 110V. Повеќето аудио, видео или комуникациски уреди денес се напојуваат преку високофреквентни конвертори. Кај овие конвертори наизменичниот напон директно од мрежата се исправува, при што се добива DC-напон од околу 315V. Овој тип на уреди може да се напојуваат со електронско коло базирано на контролирано вклучување на тријак. Постојат некои решенија за ваквите конвертори на интернет, но тоа, сепак, се непроверени проекти. Најдобро е да почекате ние да изработиме и да провериме едно такво коло, затоа што го прифаќаме како добра идеја.
Ако потрошувашот кој треба да се напојува од тие 110V е обичен грејач предвиден за работа на 110V, тогаш грејачот може да се приклучи на 220V преку една обична диода со номинална струја колку што изнесува струјата низ потрошувачот и инверзен напон поголем од 400V.
Ако потрошувачот кој работи на 110V е индукциски електромотор или, пак, уред со свој мрежен трансформатор, кој од влезните 110V дава некој понизок напон, тогаш предвид доаѓа само решението со мрежен трансформатор 220V/110V. Ако на ваков потрошувач (електромотор или уред со мрежно трафо за 110V) се примени електронското коло со тријак, уредот најверојатно ќе се оштети, а ако се примени решението со диодата уредот сигурно ќе се оштети.
Кирил Крстевски
Почитувани,
Се извинувам што одземам дел од вашето време и однапред благодарам за вашата помош.
Го имам изработено проектот 500 W Излезен засилувач од ЕМИТЕР 3/98. Пред некое време решив да ја довршам изработката на проектот Заштита за звучници од ЕМИТЕР 2/99. Во текстот е назначено дека уредот се напојува на напон поголем од 15V и дека истиот се приклучува на напојувањето од излезниот засилувач (како што е и прикажано на сликата во списанието), бидејќи повеќето засилувачи користат напон поголем од 15V. Прашања:
1. Бидејќи засилувачот што го имам изработено се напојува со напон од 43V и сметав дека тоа е голем напон, планирав истиот да користи напојување од посебен трансформатор. Дали тоа би било правилно, за да може уредот да функционира?
2. Наведено е дека релејот треба да биде 15V/2A, но на повеќе места каде што прашав имаат само 12 и 24V, па затоа нарачав 12V/5A. Дали таков ќе функционира?
Однапред Ви благодарам за одговорот.
Марјан Марковски, Кавадарци
1. Колото за заштита на звучници е предвидено да се напојува од истиот извор на напон со кој се напојува излезниот засилувач. Нема потреба од посебно напојување. Сè што треба да направите е да ја пресметате вредноста на отпорникот R14 и неговата моќност според формулите што се дадени на крајот од текстот. Вредноста од 1kΩ е добра почетна вредност, но ако има потреба (зависно од отпорноста на релејот RE1) истата може да се коригира.
2. Колото заедно со релејот што сте го нарачале ќе функционира без проблеми доколку е правилно димензиониран отпорникот R14. Aко тоа веќе сте го направиле според упатствата кои се дадени во текстот (и одговорот под 1), тогаш слободно можете да го монтирате на плочката.
Дејан Трпески
Навистина не сте фер! Кога некој ве фали, веднаш одговарате. Кога некој ве кара, ве нема никаде. Затоа еве го уште еднаш мојот меил што ви го пратив пред некоја недела.
Емитерци, морам да ве искарам малку. Мислам дека списанието изгуби од енергијата која ја имаше пред повеќе месеци кога објавувавте многу поинтересни написи, а сега личи на еден голем, скап каталог. Во рубриката електротехника пишувате за кружни пили и циркулари??? Разбирам дека тоа ви е можеби начин да соберете пари со тоа што ќе ги рекламирате тие производи, ама стварно не држи место да истрошите страница од таа рубрика за да рекламирате некоја пила која работела тивко, имала цевка за оддувување на пилевината или, пак, можела да сече под 45 степени. Излишно е да го правите тоа кога повеќето од читателите не знаат што е електрично поле, магнетно поле или електромагнетно поле. Можете во таа рубрика да прикажете примена на некои од постулатите во електротехниката или нешто што е многу повеќе поврзано со електротехниката отколку да читаме за пили и други алатки.
Повеќе пати се канев да ви го напишам ова писмо и сега најдов време. Во рубриката "Информатика" пишувате која графичка картичка била подобра, која поевтина, која каде се користела. Сметам дека тоа е исто така непотребна работа, бидејќи ако ме интересира која е подобра а која не, ќе ви напишам писмо за да ми кажете. Во секој број има ставено голем акцент на информатиката (непотребно) и 4-5 страници потрошени на таа тема. Тоа е калабалак од поими кои е подобро да бидат објаснети отколку така нафрлани. Добро е што во последниот број имаше објаснување за поимите поврзани со RAM мемориите и тоа треба да продолжи и со другите поими од информатиката. Направете сопствена веб-страница и овие тестови на картички од nVidia, Ati и компанија објавувајте ги на веб-страницата, не трошете страници од ЕМИТЕР кога тие може да се искористат за многу поконструктивни работи.
Зошто тотално ја запоставивте рубриката "Воздухопловно моделарство"? Немате ништо пишано на таа тема со месеци наназад, иако таа е многу интересна тема и има многу компетентни луѓе во Македонија кои можат да дадат многу добри написи. Порано имаше и проекти за самоградба на воздухопловни модели, објаснување на поими од воздухопловството и слично, а сега ни една страница на таа тема.
Се надевам дека ова писмо не беше многу нападно и грубо.
Се надевам дека сега ќе одговорите. Не држи место дека немате време да одговорите на меилот, затоа што порано веднаш сте враќале одговор за помали и не толку важни меилови.
Топли поздрави,
Зоран Јанкулоски
Почитуван г. Јанкулоски,
Причината зошто до сега не сме Ви одговориле е нашата презафатеност во овој период, а не затоа што Вашето писмо содржи критики. Самите сте сведок дека и таквите писма редовно ги објавуваме во ЕМИТЕР. Според тоа ние сме најфер списание во светот, а во тоа лесно можете да се уверите ако испратите вакво слично писмо на кое било друго списание кај нас или во светот – воопшто нема да Ви одговорат! Како што гледате, нас нè има, иако нè испокаравте.
Но, тука морам веднаш да Ви посочам дека имате погрешна претстава за тоа како функционираат списанијата во светот (и кај нас) и кои се нивните обврски кон читателите. Имено, вашата претпоставка дека ние сме должни да ви одговориме (и тоа веднаш) е сосема нереална. Ниту едно списание во светот не одговара на сите писма од читателите, ниту има обврска за тоа! Зошто? Затоа што секоја редакција дневно добива голем број писма (ние по 20-30), па физички е невозможно да се одговори на сите, а да не се наруши основната дејност - правење на списанието! Ова е уште повеќе изразено во мали редакции како што е ЕМИТЕР. Токму заради ова, во рубриката "Писма" секогаш стои и едно кратко објаснување за таа рубрика (отпечатено во негатив) во кое буквално пишува: "И покрај нашата желба, сепак не сме во можност да одговориме на сите писма...". Најпосле, вие самите за себе кажувате: "Повеќе пати се канев да ви го напишам ова писмо и сега најдов време". Верувале или не, и јас повеќе пати се канев да Ви напишам одговор, но дури сега најдов време да Ви одговорам. А овде ќе ја искористам приликата и да се пофалиме - и покрај сите потешкотии ние успеваме да одговориме на околу 80-90% од пристигнатите писма од читателите.
Сега да ги разгледаме Вашите критики и забелешки за содржините на ЕМИТЕР.
1. Електрична пила претставува електротехнички уред и нормално дека ќе биде претставена во рубриката "Електротехника", а не во некоја друга рубрика. Она што Вам Ви личи на непотребно трошење страница од рубриката "Електротехника", за некој друг читател претставува драгоцена информација која претходно долго време ја барал на други места, а ја нашол само во ЕМИТЕР. Зарем мислите дека не постојат луѓе (самоградители или професионалци) на кои информациите за оваа пила и другите алати им се интересни и корисни? Секако, во рубриката "Електротехника" освен електричните алати биле и ќе бидат застапени и други теми од таа област. На пример, во претходните броеви имаме објавено написи за магнетизмот и електромагнетизмот (тоа што Вие сега го предлагате!?), мерење на отпорноста на заземјување, електрични светилки, заштита од гром и многу други, а за следните броеви подготвуваме серијал за електричните инсталации во домаќинствата.
2. Рубриката "Моделарство и макетарство" навистина во подолг период не е застапена во ЕМИТЕР. Тоа се должи на неколку фактори: претходната голема застапеност на тие теми, ограничениот простор во списанието, зафатеноста на двајцата соработници од таа област и малиот интерес за таа рубрика од страна на читателите. Дури има и читатели на ЕМИТЕР кои, спротивно од Вас, мислат дека рубриката "Моделарство" е непотребно трошење страници од ЕМИТЕР (видете во рубриката "Писма" во постарите броеви)! Но, независно од сè, моделарството и макетарството ќе ги има во ЕМИТЕР и во иднина, барем повремено. Веќе се подготвени две статии за радиоуправувани едрилици од нашиот "стар" соработник Перица Поповски, а, секако, страниците на ЕМИТЕР се отворени и за сите напредни моделари и макетари кои би сакале и би можеле да ги пренесат своите знаења и искуства на читателите.
3. Вашето мислење дека трошиме премногу страници на рубриката "Информатика" е во остра спротивност со резултатите од досегашните анкети на читателите на ЕМИТЕР, каде што рубриката "Информатика" е една од најбараните и најдобро оценетите. Тестовите за хардверските компоненти се составен дел на оваа рубрика, како и во сите списанија за компјутери. Врз основа на тие тестови, редовните читатели лесно ќе можат да си изберат картичка (или друг производ) според нивните потреби, но и да ги совладаат сите тајни на таа технологија. А за полесно да се разбие "калабакот од поими" тука се рамките "Термини и кратенки" каде има кусо, поедноставено, објаснување за секој стручен збор и кратенка од соодветниот напис.
Врз основа на тие веќе направени тестови, Редакцијата ќе му препорача картичка на (речиси) секој кој ќе се обрати до Редакцијата со писмо. Но, ниту едно списание во светот нема специјално да прави посебен тест на графички картички само затоа што некој читател очекува одговор на своето писмо во кое сака да знае која картичка е подобра, а која не. Тестот се прави за сите читатели на списанието, независно дали на неколкумина во тој момент не им се интересни графичките картички.
Резиме: Ниту еден умен човек досега не пронашол начин како едно списание да ги задоволи интересите на буквално сите читатели, па затоа списанијата во целиот свет (вклучувајќи го и ЕМИТЕР) ги печатат оние теми кои ги интересираат повеќето читатели, а кои се од областите што ги третира списанието. Нормално, во секој број на списанието ќе има и теми кои нема да им бидат интересни/потребни на некои (малубројни) читатели, но затоа поголемиот дел од читателите ќе бидат многу задоволни токму од истите тие теми. Затоа, пак, во следниот број ќе има некои други теми кои ќе бидат многу интересни за оние претходно спомнати незадоволници, но истите тие теми нема да им се допаднат на некои трети незадоволници. И така натаму... Едноставно, не можете да очекувате ЕМИТЕР (или кое било друго списание) во целост ќе ги задоволи токму Вашите моментални интереси. Но, имајте на ум дека интересот за одредени теми е променлива категорија, така што она што денес воопшто не Ве интересира, уште утре може да ви стане многу интересно или многу потребно. Во тој случај сигурно добро ќе ви дојдат сите претходни броеви на ЕМИТЕР заедно со сите "непотребни" написи.
Мислам дека сега многу работи Ви се појасни. Следете нè и пишувајте ни и понатаму. Дури и да не стигнеме да Ви одговориме, бидете сигурни дека Вашите критики, размислувања и предлози ќе бидат земени предвид при планирањето на содржините на идните броеви. Но, кога во иднина ќе предлагате нешто, нека биде за темите кои Вие би сакале да ги има во ЕМИТЕР – без предлози за елиминирање на одредени теми и рубрики. Прифатете дека постојат и некои други читатели кои имаат интереси различни од Вашите, а оставете ни нам да ги сублимираме сите предлози и, во согласност со можностите, да се обидеме да ги реализираме.
Слободан Таневски
Здраво Емитер
Најпрвин голем поздрав до редакцијата и до сите читатели на ова единствено списание за електроника во нашава држава. Во некои од минатите броеви имаше објавено написи за регулација на број на вртежи на мотори за еднонасочна струја и на колекторски мотори. Најчесто во практика се среќаваат асинхрони мотори, па добро би било доколку сте во можност да објавите некој проект за регулација на број на вртежи на асинхрон мотор (монофазен или трофазен). Најмногу ме интересира, ако може да ми кажете, како се создава PWM за 3 фази (секоја фазно поместена за 120 степени). Секаде кај што сум сретнал трифазен фреквентен регулатор тој е изведен со некој наменски микроконтролер, кој кај нас речиси и да е невозможно да се најде, а и неговото програмирање е посебна прикаска.
И би ви предложил за рубриката "Школа за Електроника" да обрнете повеќе внимание на енергетските електронски елементи (IGBT, SIT, SITh, енергетски диоди, MOS и др.).
Однапред благодарам.
Жарко Костадиновски
Регулацијата на DC и колекторските AC-мотори е едноставна и токму тоа е нивната најголема предност над асинхроните електромотори, кои, пак, се наједноставни и бараат најмалку одржување. Колата за регулација на бројот на вртежи кај DC и колкекторските мотори се многу поевтини од самиот мотор. Кај асинхроните мотори може слободно да се рече дека е обратно. Брзината на овие мотори се регулира преку фреквенцијата на наизменичниот напон со кој се напојува моторот за разлика од колекторските каде што се регулира со ефективната вредност на напонот.
Наизменичен напојувачки напон со промена на фреквенцијата може да се добие на два начина од електричната мрежа. Првиот најчесто користен начин е преку инвертори. Наизменичниот напон од мрежата се исправува, при што се добива еднонасочен напон. Понатаму, тој напон преку моќни прекинувачки транзистори повторно се претворува во наизменичен напон со друга фреквенција и амплитуда, па така се регулира и бројот на вртежите на асихрониот мотор. Добиениот бранов облик на новиот напон воопште не е синусоидален туку најчесто правоаголен. Поради тоа загубите кај моторот се зголемуваат. Кај вториот начин, од трите фази на мрежниот напон со прекинувачки транзистори се добива една синусоида со фреквенција различна од мрежната. Трите фази на мирниот напон по посебен редослед се приклучуваат на моторот, така што напонот кој се добива на моторот личи на синусоида со фреквенција различна од мрежната. Овие уреди се познати под името циклоконвертори.
И двата типа на претворувачи бараат сложено водење на прекинувачките елементи и затоа за нивно водење секогаш се користи микроконтролер. Во поново време на пазарот може да се најдат вакви уреди кои имаат прифатливи цени за мотори со помала моќност (до еден киловат). Цената на овие уреди е околу 100 евра. Некои од овие уреди имаат можност и да генерираат побуда за трифазен мотор само од една фаза на мрежниот напон. Самоградба на вакви уреди во домашни услови е неисплатлива поради нивната сложеност.
Што се однесува до електронските елементи од енергетска електроника идејата ја прифаќам и такви текстови ќе има во иднина, а започнувајќи со ГТО-тиристорите во овој број.
Кирил Крстевски
Здраво Емитерци,
Јас сум еден ваш редовен читател и сакам да ви кажам дека има грешка во декемврискиот број на ЕМИТЕР. Поточно во напојувањето за CD ROM, во поврзувањето на излезот за +5V, +12V и за заземјувањето. Заземјувањето кај Molexs конекторот се наоѓа во средина, +5V се наоѓа на левата страна, а на десната страна се наоѓа +12V, па сакам да кажам дека има грешка, бидејќи три пати проверив и на крај открив дека грешката се наоѓа кај поврзувањето.
Поздрав,
Стефан Василевски.
Пред да одговорам на писмото, најнапред морав повеќепати да го препрочитам и писмото и текстот во ЕМИТЕР за да откријам дека грешката која ја спомнувате се наоЃа на фотографијата на изработениот уред прикажана на слика 3. Значи, за Molex конекторот да биде правилно поврзан потребно е жолтата и црната жица да ги заменат местата и да се вкрстат како што е претставено на новоприложената слика.
Како и да е, спомнатата грешка на фотографијата не верувам дека може да предизвика забуна кај градителите, бидејќи на цртежот на ППК јасно се означени излезните изводи (+5V, +12V и GND), а во текстот (при крајот) јасно е кажано како треба да се поврзат излезните изводи на плочката со изводите на Molex конекторот. Со други зборови, ако градителите се придржуваат до упатствата дадени во текстот нема шанси да ја направат грешката која јас ја направив брзајќи да го фотографирам изработениот прототип.
Во секој случај, благодарност до Вас и секоја пофалба за Вашето бистро и остро око кога на слика бр. 3, која не е во боја, сте забележале дека има грешка во конекцијата на Molex конекторот со конекторот на плочката.
Петар Аврамовски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.