Никон со 300dpi против Канон со 72dpi? (Емитер 6/2009)

Јас имам Nikon D60, а другар ми има Canon EOS 1000D. Навлеговме во дискусија кој е подобар, но прашањето не е тоа. Тоа може да се прочита и од коментари на интернет. Прашањето е во DPI, односно резолуцијата. Неговиот Canon прави фотографии со 72dpi, а мојот апарат Nikon, со 300dpi. Што значи тоа и кога е подобар апаратот, со помали вредности на dpi или со поголеми како на мојот Nikon?
Иако доста читав на интернет, сè уште сум во забуна, ако поголемата вредност е подобра, зошто тогаш некои камери од телефон достигнуваат до 150dpi, кога мојот стар апарат SONY DSCP-72 има 72dpi, како и Канонот на другар ми.
Аврам Петровски, преку e-mail.

Ова прашање е често поставувано од фотографите, и тоа не само од аматерите туку и од оние кои си го вадат лебот од тоа.
Техничките податоци на двата фотоапарата укажуваат дека тие имаат речиси ист број на пиксели (3888x2592 - Canon EOS1000D и 3872x2592 - Nikon D60). Што е апсолутно незначителна разлика и, ако сите други параметри на апаратите се идентични (што никогаш не е случај), тие треба да даваат фотографии со идентичен квалитет. Овие апарати се со извонреден квалитет и спаѓаат во иста класа, така што апсолутно земено, разликите се многу мали.
Идеално земено, разлика во квалитет нема да има и покрај фактот што едниот ги меморира сликите со резолуција од 72 dpi а другиот со 300 dpi, бидејќи и двата апарата меморираат исто количество на информации. Се разбира, бидејќи вкупниот број на пиксели кај двата апарата е речиси ист, фотографиите на оној со помала резолуција ќе зафаќаат поголема површина и тоа токму за односот (300 : 72)^2 = (4,16)^2 = 17,3. Односно, Никонот ќе направи фотографија со резолуција од 300 dpi и големина (3872 x2592)/300 = 12,9x8,64 инчи (32,8x21,9 cm), а Канонот фотографија со резолуција од 72 dpi и голе-мина (3888x 2592)/72 = 54x36 инчи (137x91,4 cm).
Друга работа е фактот што секој производител користи свои алгоритми за да го добие крајниот резултат: меморирана дигитална фотографија во одреден формат. Не е никаква тајна ако се каже дека Канон има незначителна предност на ова поле, но тоа нема никаква врска со резолуцијата која ја употребува за својот излезен фајл. И предноста на Канон не е некоја предност, бидејќи и двата апарата можат да ги меморираат своите фотографии во необработен (RAW) формат, за потоа "во светла комора", истите да се конвертираат според одреден алгоритам во JPEG (JPG) формат со одредена резолуција. Така, за инает, снимките на Никон можеме да ги обработиме со алгоритмите на Канон!
Инаку, општо земено, резолуцијата од 72 dpi дава најдобри резултати на 17-инчен монитор и нагодена резолуција на екранот од 1024x768, додека 300 dpi е претпочитана резолуција при печатење на хартија. Луѓето неоправдано сметаат дека толку ниска резолуција како што е 72 dpi априори повлекува слаб квалитет. Имајте на ум дека секогаш најдобар квалитет на репродукција ќе се постигне ако резолуциите на снимениот материјал и средството за репродукција се исти или ако резолуцијата на снимениот материјал е многу поголема (10 и повеќе пати) од онаа на средството за репродукција.
За оваа тематика може многу да се пишува, дури и за тоа дека тие 300 dpi можат да се конвертираат во 72 dpi и тоа без губитоци, и обратно. Но, јас би застанал тука за да ви биде поинтересно продолжението на Школата за фотографија врзано со оваа тематика! Тоа продолжение е предвидено за септември или октомври.
Емилијан Иљоски


Повеќе радиоаматерски написи (Емитер 6/2009)

Здраво.
Прочитав во еден ваш број, не знам кој точно, пишуваше нешто за радиоаматерство. Би било интересно да се пишува повеќе за него, бидејќи радиоаматерството во Македонија полека изумира, односно бројот на радиоаматери е сè помал, а, пак, од Македонија има многу "јаки" радиоаматери. Ми кажаа дека еден штипски клуп, не знам точно кој, освоил прво место во радио-аматерство.
Доколку планирате и понатаму да пишувате написи за оваа тема, јас би ви стоел на располагање, колку можам, ќе најдам материјали и би ви ги испратил. Има многу интересни шеми за самоградба на антени, за морзеови азбуки за клубови, радиоаматерството е многу битна работа. Може да се пишува многу околу таа гранка, па доколку сте заинтересирани пишете ми, ќе се потрудам да најдам слободно време да најдам некакви материјали.
Поздрав,
Коста Масларов.

Веројатно сте го прочитале написот за Радиоаматеризам од февруарскиот број на ЕМИТЕР. Тоа е "повратнички" напис на нашиот "стар" соработник Владимир Кова-чески. Порано радиоаматерските теми беа редовно застапени во ЕМИТЕР, но со текот на годините таквите теми стануваа сè поретки. Дел од причините се во презафатеноста на Добре Блажевски и неколку-годишното службено отсуство од државата на Владимир Ковачески, единствените соработници кои пишуваа теми за таа рубрика. Сепак, главната причина е намалениот интерес за радиоаматеризмот кај луѓето (и во Македонија и во светот), што, главно, е последица на развојот на интернетот и мобилните телефони.
Меѓутоа, "вината" за незавидната состојба со радиоаматеризмот кај нас во голем дел е и на самите радиоаматери, односно на нивната неактивност. Радиоклубовите (освен ретки исклучоци) спроведуваат многу малку активности, а освен двајцата погоре спомнати ниту еден радиоаматер не понудил свои написи во ЕМИТЕР, иако ние секогаш сме отворени за соработка. Затоа, ако вие сакате да дадете свој прилог во популаризација на радиоаматеризмот, ние со задоволство ја прифаќаме вашата "кандидатура". А понудата за соработка се однесува и за секој друг радиоматер кој може да понуди квалитетни написи од областа на радиоаматеризмот.
Пријатели радиоаматери - бидете поактивни.
Слободан Таневски


Мостно поврзување и филтер за сабвуфер (Емитер 7-8/2009)

Здраво Емитер!
Поздрав до Вас, благодарам за одговорите на сите писма до сега со кои ми имате помогнато многу. Имам уште едно прашање. Имам стерео засилувач за во автомобил, 2x90W. Бидејќи нема вградено инвертор за мостно поврзување, како можам да го поврзам сам мостно, на 8-омски бас звучник, и ако е можно да се надогради со бас-филтер. Однапред благодарам.
Горан Илиевски, преку и-меил

Прво треба да дојде филтерот за сабвуфер, после него сигналот треба да се раздвои на две линии, па на едната да се стави едноставен инвертор, па потоа тие две линии да се приклучат на стерео засилувачот. Деталниот начин на поврзување на стерео засилувач во мостна врска е прикажан во ЕМИТЕР 12/2002, во рубриката Писма. Проектот Активен филтер за сабвуфер е објавен во ЕМИТЕР бр. 7-8/2004.
Владимир Филевски


Проблем со електронската брава од Е2/09 (Емитер 7-8/2009)

Ја направив електронската брава од ЕМИТЕР 2/09, арно ама не функционира!!! Проверив дали има ладни лемови или некои кратки споеви и сѐ е во ред... Интегралците не можеле да изгорат, бидејќи се поставени на подножје...
Бидејќи сам не можам да го поправам уредот, ве молам авторот г. Георги Ефтимов да ја разгледа шемата и да ми ги соопшти можните грешки или проблеми!!!
Со почит,
Адис Тахири.

Бидејќи не давате прецизна информација што не функционира, најмногу што можам е да ги посочам напоните што треба да ги измерите на излезите на интегрираните кола во секој поединечен чекор. Прво проверете дали двете интегрирани кола имат напојување еднакво на приклучениот напон (приклучете волтметар помеѓу изводите 14 и 7 на секое интегрирано коло). Почекајте неколку минити, кратотрајно притиснете еден од "лажните" тастери, па измерете го напонот на секој од излезите на логичките кола. Напонот на излезите на сите И-кола и на излезот на НИЛИ-колото IC2b треба да биде еднаков на нула волти, а напонот на излезите на преостанатите три НИЛИ-кола треба да биде еднаков на напонот на позитивниот пол на напојувањето (Udd). Внимавајте, не приближно еднаков туку точно еднаков на нула или Udd. Краткотрајно притиснете го тастерот A, па повторно измерете го напонот на излезот на И-колото IC1a. Тој треба да биде еднаков на позитивниот пол на напојувањето, а сите други излези треба да ја задржат претходно измерената напонска состојба. Повторете ја истата постапка со тастерите B и C, редоследно. По истиот редослед напоните на излезите на И-колата IC1b и IC1c треба да се сменат од нула на Udd, а сите други излези треба да ја задржат претходно измерената напонска состојба. Приклучете го сега волтметарот на излезот на НИЛИ-колото IC2d и краткотрајно притиснете го тастерот D. Напонот на излез на ова НИЛИ-коло треба од Udd да падне на нула и после неколку секунди повторно да се врати на Udd. Верувам дека на овој начин лесно ќе утврдите каде е проблемот во склопот што сте го изработиле.
Сигурен сум дека нема никакво влијание врз работата на склопот, но да ви ја дадам и таа информација. Напонските состојби кои ги посочив погоре измерени се на склоп во кој наместо CMOS-кола од серијата CD, се употребени CMOS-кола од серијата HCF. Бравата се активира со релеј од 5Vdc, па и самиот склоп се напојува со истиот напон. Не заборавајте дека напонот за напојување треба да биде добро стабилизиран.
Георги Ефтимов


Прашања за неколку проекти (Емитер 7-8/2009)

Здраво,
Пред сѐ, ве поздравувам како долгогодишен ваш читател, и сакам да ви кажам дека сте супер!
Сакам да поставам неколку прашања:
1. Дали ќе се појави проблем доколку антенскиот засилувач од ЕМИТЕР 6/09 се напојува на акумулатор од 12V од автомобил, бидејќи овој засилувач сакам да го користам во мојот автомобил?
2. Во ЕМИТЕР 5/09, во написот "Hi-fi стереозасилувач Паганини" наведено е дека засилувачот може да работи во мостна врска. Би сакал да ми ги кажете соодветните модификации потребни за овој засилувач да работи во мостна врска?
3. Во мрежниот филтер од ЕМИТЕР 11/08, на излезот се поврзани фазата, нулата и заземјувањето. Доколку не се користи заземјувањето, дали ќе биде потребно дополнително филтрирање на шумот?
4. Исто би сакал да подискутирам околу биодизелот. Во текстот пишува "директно" може да се користи разреден во сооднос 20:80, што, според мене, не е некоја голема разлика, односно нема да имаме некој си голем ќар. Сфаќам дека проектот е повеќе од едукативен карактер, така што се надевам дека нема да ми замерите на мојата забелешка. Доколку се инвестира, до некој степен, повеќе во "реакторот" и се додаде или измени некој дел од него, дали би се добил поквалитетен биодизел кој би можел да се користи понеразреден, односно во поголема количина (да речеме во размер 70:30). И доколку е тоа можно, што точно треба да се промени или додаде?
Ви благодарам од напред, поздрав!
Горан Илиевски, преку и-меил

1. Веднаш на почеток сакам да напоменам дека овој антенски засилувач првенствено е наменет за стационарна употреба, но не гледам причина зошто не би можел да се употреби и во автомобил. Сепак, треба да се имаат предвид специфичните услови кои владеат во автомобилот. Тука, пред сѐ, мислам на квалитетот на напонот и присуството на електромагнетни пречки кои потекнуваат од искрењето на свеќичките. За заштита од електромагнетни пречки неопходно е засилувачот да го монтирате во метална кутија која треба да биде електрично поврзана со шасијата на автомобилот. Напонот за напојување од 9V треба да биде стабилизиран и добро исфилтриран без пречки и шумови. На слика1 е прикажана електричната шема на една можна верзија на изворот за напојување изведена со монолитниот стабилизатор 7809. Жиците со кои изворот на напон се поврзува со електричната инсталација на автомобилот треба да ги приклучите што е можно поблиску до акумулаторот. Дополнително филтрирање можете да постигнете ако плусот од акумулаторот го поврзете на влезот од стабилизаторот преку пригушница (калем) од 1 до 5mH.
2. Засилувачот изработен во овој проект (во оригинална форма) не е предвиден за поврзување во мостна конфигурација, пред сѐ, поради ограничената излезна струја што може да ја даде интегрираното коло TDA2030A. За да се задржи излезната струја во дозволените граници, потребно е напонот за напојување да се намали од ±20V на ±15V, а истовремено на излезот да се приклучи (исклучиво) звучник од 8 оми. Оваа измена доаѓа предвид доколку располагате со извор на напон од ±15V, бидејќи добивката во излезна моќност со оваа измена е минимална во споредба со вложувањата во втор засилувач.
Подетално за поврзувањето на засилувачите во моста конфигурација можете да прочитате во ЕМИТЕР 5/95 и во дата-шитот на TDA2030A.
Дејан Трпески

3. Кој шум сакате дополнително да го филтрирате? Мрежниот филтер е составен од два условно незвисни филтри. Притоа, филтерот за симетричен шум ги користи мрежниот и нултиот спроводник, а филтерот за несиметричен шум ги користи сите три спроводници. Значи, колото на струјата на симетричниот шум е секако затворено и за овој шум филтерот работи непречено. Доколку заземјувањето не го користите само на излезот, колото на струјата на несиметричниот шум се затвора низ самиот филтер. Филтерот за несиметричен шум е во функција, но металните делови на потрошувачот кои не се под напон може да се јават како дополнителни извори на шум.
Доколку заземјувањето не го користите и на влезот и на излезот, струјата на несиметричниот шум нема од каде да протече, а она што го нема не може да се филтрира. Во овој случај кондензаторите C5 и C6 стануваат дел од филтерот за симетричен шум, но нивната сериска врска има многу помала капацитивност од капацитивноста на кондензаторот C4 и не би требало да влијае врз работата на филтерот за симетричен шум.
Георги Ефтимов

4. Очигледно дека некои читатели не го читаат Емитер внимателно. Написот за преработката на прегорено прехранбено масло е подготвен врз основа на неколкугодишна практична примена и употреба, со забелешки и подобрувања како од пронајдената литература, така и од лично искуство, во најголем дел на сопственото возило. Тоа значи не е теоретски/едукативен, туку е практичен пример илустриран со голем број фотографии кои го покажуваат начинот и постапката како тоа се прави.
Во делот од текстот каде што пишува за употреба на биодизелот во однос 20:80 со стандардно дизел-гориво, ако продолжите да читате ќе забележите дека следува постапка на испирање на биодизелот која ќе биде објавена во следното продолжение на написот. Исто така, ако обрневте внимание на претходното ќе забележите дека тој однос на биодизел и обичен дизел нема да направи никакви проблеми на моторот низ целиот век на користење, а ќе го подобри многу подмачкувањето. Но, доколку се испере (темата на следниот напис), слободно ќе може да се користи и 100% биодизел, без проблеми по моторот.
Драган Јовановски


Дигиталниот часовник не ми работи (Емитер 7-8/2009)

Почитувана редакцијо на Емитер.
Имам проблем со дигиталниот часовник со термометар и време (проект од ЕМИТЕР 5/05). Вашиот фајл со програмата за PIC-от го добив и го снимив PIC-от со мојот програматор, го наместив на плочката и не покажа никакви бројки. Што се однесува до лемењето и распоредот на компонентите, мислам дека нема грешка – за контрола ви испраќам фотографии од мојата плочка.
Барам ваш совет во врска со програмирањето на PIC-от и некој слични проблеми доколку сте имале да ми ги кажете.
Дејан Стојкоски
од Кичево

Од она што го пишувате, проблемот може да е секаде. Се надевам дека сѐ добро сте поврзале, односно поставиле.
Проверете дали на микроконтролерот постои напон на напојување. Мерете директно помеѓу пин 20 и пин 19, а потоа помеѓу пин 20 и пин 8. На пинот 20 треба да постои +5V, додека пак пиновите 19 и 8 се GND. Потоа проверете дали на пин 1 постои +5V (мерете помеѓу пин 1 и GND). Внимавајте исто така какви LED-дисплеи имате употребено (со заедничка катода или, пак, со заедничка анода).
Ако сето ова е во ред и сѐ сте поврзале како што треба, со соодветните елементи како што е наведено во електричната шема, тогаш останува дека проблемот е во микроконтролерот. Или е тој неисправен, или, пак, не е програмиран како што треба.
Добре Блажевски


Звучни кутии (Емитер 7-8/2009)

Здраво ЕМИТЕР,
Поздрав до сите вработени во вашата редакција. Се занимавам со свирење на клавијатури (синтисајзер), па ми стана здодевно веке постојано да ги откачувам звучниците од системот и да ги приклучувам на синтисајзерот и потоа повторно сѐ да враќам, па се одлучив да изработам звучници. Ви пишувам вам како најупатени да ми дадете некој совет повеќе за да не се каам после откако ќе потрошам некое евро. Сакам да изработам звучници за разглас и знам дека ке се соочам со низа проблеми и компликации при дизајнирањето но ќе бидам упорен. Сакам да ми дадете некој совет на што треба да внимавам. Имам напис за компресивни звучни кутии кој сте го објавиле уште во декември 1995 г. Го прочитав текстот и јасно ми е, сепак, имам и некои нејасни работи:
1. Дали басот и високотонецот треба да бидат со иста импедансна пр., со по 4 ома, 8 ома.
2. Дали "ако ги направам" звучниците треба да се приклучат само на 8-омски или 4-омски засилувач или пак може на друг, дали мора засилувачот да биде со иста омска вредност како и звучниците.
3. Бидејки мислам да изработам звучници со моќност од прилика стотина вати дали и басот и високотонецот треба да ја имаат таа моќност?
4. Како да ја добијам преклопната фреквенција при дизајнирање на кутијата, што треба да знам???
Ви благодарам за посветеното време.
Со почит, еден од многуте читатели на вашето списание,
Иван Лилиќ.

Како што веќе имам напишано порано, не препорачувам аматерска изработка на звучници за професионална употреба (зборовите аматерска и професионална кажуваат сe). Единствено ако имате намера да ги користите звучниците само за своја душа или во мал круг на пријатели, тогаш можеме да го поздравиме вашиот ентузијазам и да ви дадеме некои совети. За конструирање на звучни кутии, многу ќе ви помогнат текстовите "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96, серијалот "Бас-рефлекс звучни кутии" во ЕМИТЕР 1998 година и серијалот "Како до квалитетни звучници" во ЕМИТЕР 1/2007 до 7-8/2007. Таму ќе ги најдете одговорите на вашите прашања:
- Басот и високотонецот не мора да се со иста импеданса. Ако кој било од нив е 4-омски, тогаш и целата звучна кутија ќе биде 4-омска.
- Не постојат транзисторски засилувачи кои се 4 или 8-омски (освен некои ретки егзотични егземплари, со астрономска цена). Ознаката "4-16 ohm" на задната страна од засилувачот означува дека на тој засилувач може да се приклучат и звучници од 4 ома, додека ознаката "8-16 ohm" означува дека засилувачот не може да напојува 4-омски звучници, туку само 8-омски (или со повисока импеданса). Кај лампашките засилувачи навистина постојат изводи за 4 или 8 ома.
- Моќноста на високотонецот природно е неколку пати помала од бас-звучникот, но тоа не пречи бидејќи моќноста на високите тонови и онака е многу помала од ниските тонови. Во просек, високотонска хорна со намотка од 25 mm има моќност до 25 вати, но кога ќе се поврзе со добра свртница, може да се употреби со бас звучник до 200 вати.
- Преклопната фреквенција се одредува така да биде доволно висока за да нема преголеми изобличувања од високотонецот, но притоа да може да се добие рамна фреквенциска карактеристика на целата звучна кутија. Фабриките редовно препорачуваат таква фреквенција за своите високотонци, но моето искуство говори дека фабриките се премногу оптимистично расположени.
Формулите за свртниците објавени во ЕМИТЕР (или на кое било друго место во светот) се однесуваат само на идеални звучници - а такви не постојат! Тие формули служат само како појдовна основа за одредување на елементите од свртницата.
Владимир Филевски


Хелиоцентричен систем, рамна земја, језуити и фукоово нишало (Емитер 10-12/2018)

Почитуван Емитер,

Во врска со вашиот текст “До­кази за рота­ција на Земјата” (http://emiter.com.mk/vesti/17851), доказот под број 3, кој за вас е најглавен и најубедлив доказ, има своја ано­малија (https://en.wikipedia.org/wiki/Allais_effect). Ако сме искрени и раз­мислуваме логички, заклучок е де­ка Фукоо­во­то нишало не ја регис­трира Земјината рота­ција, туку со­се­ма друг тип на “движење”. А кој тип на движење, во тоа не сакам да навлегувам во дискусија сo вас, а и со кој било друг. Зошто?... Бидејќи не сте подготвени... не е прашање на аргументи, туку на вградени убе­дувања со кои сте про­гра­ми­рани со децении.

Ова ви го пишувам со добра намера, оста­ве­те ја астрономијата (астрофизиката и, особе­но, астро­хемијата)... тоа не се научни дис­ципли­ни, туку PR на Јесуитите, со кој сакаат да го по­доб­рат својот хелиоцентричен модел во кој нè “убе­дуваат” веќе 500 години... дури и самите има­те забележано дека хипотезите се менуваат за многу брзо, и секоја промена е нов “до­каз”... При­мер, вашите текстови во Емитер 2/2012 и 6/2012 :)))

- 2/2012 Месечината е дел од Земјата

- 6/2012 Потеклото на Ме­се­чината, сепак, непознато?

Пишувајте за достигнувањата во медици­ната, електрониката и електриката (вашите најаки стра­ни), особено за IoT и за embedded технологии, бидете единствени кои ќе пишуваат текстови за натпре­варувачка инфор­матика, Томе Скен­деровски нека ги сподели не­говите DIY упатства за возилата... во пи­шаното списание бевте добри на многу полиња!

Но, доколку сакате посетеност на facebook страницата, тогаш про­воцирајте ги заслепените рамно­земјани и имајте по 200 коментари по објава. Изборот е ваш!

П.С. Моделот на рамно­зем­ја­ни­те има дупки и гооолеми не­дос­та­то­ци, но не толку големи како кон­век­с­но-хелиоцентричниот мо­дел што го пропагира модерната “наука”.

Поздрав.

Горан Лазаревски

 

Почитуван г. Лазаревски,

Мило ни е што сте задоволни од содржините во ЕМИТЕР од об­лас­тите на медицината, ин­форма­тиката, електрониката, електротех­никата и автомобилската техника. Според тоа, мисијата на ЕМИТЕР за популаризација на науката и тех­ни­ката е успешна, барем што се однесува за Вас за тие 5 области. Но, длабоко сме разочарани што астрономијата и астрохемијата не ги смета­те за научни дисциплини. Или ние сме потфрлиле во нашите напори на полето на приближува­њето на науката астрономија кон пошироката публика, или потфрлил целокупниот образовен систем во Македонија, или проблемот е кај Вас самиот. Четврто нема.

Докази за ротацијата на Зем­јата околу себе се многубројни – но не постои ниту еден против! Ако знаете за некој доказ против, Ве молиме да го презентирате!

Нишалото на Фуко е само еден од доказите за ротацијата на Зем­јата околу себе. Го избравме за прикажување затоа што тоа е многу едноставен експеримент и секој заинтересиран може сам да го нап­ра­ви и да се увери во резултатите. “Аномалијата” на Allais не е пот­врдена од науката, бидејќи пове­ќето истражувачи никако не мо­желе да ги добијат тие резултати. А сè додека сите истражувачи не ги добијат истите резултати – тоа не е научен факт. Освен тоа, постојат неколку сериозни испитувања кои заклучиле дека аномалијата на Allais воопшто не постои, бидејќи наводните позитивни резултати ус­п­ешно ги објасниле со сосема про­заични причини.

Вчудовидени сме што не го при­­фа­ќате хелиоцентричниот пла­не­та­рен систем!? И тоа денес, во дваесет и првиот век?! Па зарем живеете во темниот, мрачен сре­ден век?! Дури и го прогласувате хелиоцентричниот систем за језуит­ски ПР!? Ако не сте знаеле, Језуи­тите (Езуити, Исусовци, Друштвото Исусово) се формирани во 1534 го­дина, од страна на Ињиго (Игнасио) Лопез де Лојола. А хелиоцентрич­ниот систем се појавил 1800 години пред нив – уште во третиот век пред нашата ера, античкиот фило­зоф Аристарх од Самос (310 -230 година пр.н.е.) го објаснил хелио­цен­тричниот систем! Никола Ко­пер­ник го опишал својот хелиоцен­три­чен систем првпат во 1512 го­дина (пред воопшто да има абер од некакви Језуити!), во своето дело Commentariolus. Неговото главно де­ло за хелиоцентризмот, De Revolu­tionibus Orbium Coelestium го напишал во 1532 година (две години пред да се формираат Језуитите!), но не сакал да го објави во текот на свој­от живот, плашејќи се (со право!) од религиски заслепените и интелек­туално хендикепираните моќници.

Имате забелешка дека во ас­тро­номијата, хипотезите се мену­ваат многу брзо. Не гледам зошто тоа би претставувало некаков проблем? Препоставувам дека не ја раз­бирате суштината на хипотезата во научниот метод, како и разликата меѓу поимите хипотеза, теорија и закон. Прочитајте го нашиот текст “Дали теоријата е докажана”? од ЕМИТЕР 4-6/2017 и многу од Ваши­те недоумици ќе Ви се разјаснат. https://emiter.com.mk/napis/17578

Да се вратиме на Вашата из­јава: “Фукоовото движење не ја ре­гис­трира Земјината ротација, туку сосема друг тип на движење. А кој тип на движење, во тоа не сакам да навлегувам во дискусија со вас, а и со кој било друг. Зошто? ... Би­дејќи не сте подготвени... Не е пра­шање на аргументи, туку на вгра­дени убедувања со кои сте програ­мирани со децении.”

Прилично нарцисоидно е да си мислите дека Вие сте единствениот човек во Македонија без вградени (или стекнати) погрешни предубе­ду­вања. Ви препорачувам да про­читате што е тоа “Dunning-Kruger” ефект и како тој влијае врз луѓето – многу работи ќе Ви станат по­јасни.

Ако мислите дека имате несо­борливи докази против хелиоцен­тричниот систем (а афирмативни за некој друг систем), Ве предиз­вику­вам на “двобој” во рубриката “На граница на науката” – напишете што имате, а јас ветувам ќе бидам достоен и подготвен опонент. По­велете!

Патем, со нашите статии не мислиме никого да провоцираме (во негативна смисла) туку само да информираме, едуцираме и да пот­тик­нуваме на практично занима­вање со науката и со техниката. Накратко, да ја шириме научно-техничката култура во Македонија. Тоа што некои (приврзаниците на Рамна Земја, на пример) се нашле засегнати од нашите статии и со сите сили се трудат да нè убедуваат во нивните псевдотеории – е нивен проблем. Секој човек, и покрај те­жи­ната на научните аргументи, на­место знаењето може да си го из­бере верувањето. Но, тогаш треба да биде свесен дека со тоа си соз­да­ва извор на вечни фрустрации, секогаш кога неговите верувања ќе се соочат со реалниот свет.

Владимир Филевски


“Кралски звучници” (Емитер 10-12/2018)

Здраво

Поздрав од Гевгелија, за по­четок, и молба за мала инфор­ма­ција.

Пред многу години, имав еден примерок од вашето списание во коешто имаше статија за некои звуч­ници од британско произ­вод­с­тво, или така ми е останато во се­­ќавање, КИНГ или слично. “High-End” звучници со многу добри ка­рак­теристики. Во сеќавање ми се 250W, висока осетливост и многу тешки, британско производство и, се разбира, убава цена.

Па, би бил многу благодарен ако некако добијам информација за тие звучници.

Срдечен поздрав,

Ице Просев

 

Најверојатно станува збор за звучниците Kingdom Royal, од бри­танската фирма Tannoy - осетливост 92 dB/2.83V/1m, максимална кон­тинуирана моќност 300 W, тежина 120 kg, со 18-инчен (46 cm) ниско­тонец, 12-инчен (30 cm) коаксијален звучник и 25 mm supertweeter. Новата верзија е со ознака Kingdom Royal Mk II и има 15-инчен (38 cm) ниско­тонец наместо стариот 18-инчен, но и повисока осетливост – 96 dB/2.83V/1m. Цената за еден пар е околу 50 000 евра.

Не сум ги слушал овие звуч­ници (иако во Скопје има еден пар), но сум имал можност да слушам звучници со цена далеку над 100000 евра. Морам да Ве разо­чарам, ниту еден од нив не може потполно да го долови звукот на музика во живо (иако биле блиску до тоа). Ваквите (пре)скапи звуч­ници, пред сè, се објекти на соци­јален статус. Сметам дека за по­малку од 20000 евра може да се добие слично ниво на квалитет на звукот, на пример со студискиот монитор JBL M2 (15-инчен ниско­тонец, двоен средно/високотонски драјвер во специјална хорна, осет­ливост 92 dB/2.83V/1m, максимална континуирана моќност 500 W, те­жина 59 kg). Ако Ве интересира на­бавка на JBL M2 или на некој друг JBL студиски монитор по многу при­­фат­лива цена, јавете се на contact@audioexpert.com.mk.

Владимир Филевски


Совет за звучници JAMO S 608 (Емитер 10-12/2018)

Здраво,    

Сакам совет за звучниците Ja­mo S 608: http://www.jamo.com/speaker-types/floorstanding/?sku=S608

Општо мислење е дека имаат слаб среден опсег па ме интере­сира дали вредат за парите (во стран­с­тво се околу 350 евра за пар). Би ги користел во соба од 22 квадрата со стере засилувач за денс, хаус и R'n'B музика. Може ли со промена на филтрите да се до­бие одличен звук и колку би чи­нело?

Дали можеби имате некој со­вет?

Однапред благодарам!

Поздрав,

Војчо Јовановски

 

Не купувајте звучници на сле­по, без да ги чуете! Не потпирајте се многу на “тестовите” што ги има на интернет, освен ако не доаѓаат од сериозни и етаблирани списанија – но и нив земете ги со одредена доза на резерва. Во тие тестови најмногу внимание посветете на измерената амплитудно-фрек­вен­циска карактеристика и на изо­бли­чувањето, но сепак, на крајот нај­дете начин да ги слушнете тие звуч­ници во живо и да ги споредите слуш­но со некои други звучници со слична цена. Конструкциски, кон­фигурацијата кај Jamo S 608 со три среднотонци тешко дека ќе обез­беди кохерентна среднотонска ре­продукција. Тука можеби ќе по­могне преправка на свртницата (филтрите), но однапред нема га­ранција дека тоа би довело до не­кое подобрување. Според фото­графијата на свртницата што ја нај­дов во еден тест на Jamo S 608, ми изгледа дека свртницата е пре­мно­гу упростена и дека има место за подобрување, но сепак не можам да гарантирам за тоа додека не направам детални акустички ме­рења на звучникот и анализа на шемата на свртницата. Ако пре­правката на свртницата што би ја направил доведе до подобрувања, таа ќе биде бесплатна бидејќи ќе биде објавена во ЕМИТЕР, со цел и останатите сопственици на Jamo S 608 да можат да го направат истото подобрување на свртницата.

Цената од 350 евра е многу пониска од нормалната и веројатно се должи на некоја временски огра­ничена акција на чистење на мага­цините од старите модели. Како и да е, водете сметка дека ќе имате дополнителни трошоци за превоз од странство, плус царина и ДДВ, па на крајот цената ќе биде сериозно повисока од тие 350 евра.

Моја препорака е да пре­сме­тате колку би чинел превозот за­едно со царината и ДДВ за Jamo S 608 и да ги слушнете Jamo S 608 во споредба со Monitor Audio MR4 или MR6, или со Monitior Audio BX5, па на крајот да одлучите што е по­добро за Вас.

Владимир Филевски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.