Почитувани,
Проверувајќи ги регистрите, и тоа со званичен проверувач и сервисер на регистри, ми се расипа десктопот на компјутерот, така што сега работам преку Таскот и се снајдувам некако. Дали имате некој предлог како да го средам овој проблем освен со дискета за Windows или со преинсталирање?.
Благодарам однапред.
Перица Петковски од Битола
Првиот начин е да се врати системот во некоја почетна состојба преку алатот со кој е направено чистењето на регистрите. Обично сите тие алатки прават Restore Point пред да почнат со работа. Ако тоа не е можно, тогаш да се направи System Restore од Windows-от и да се врати системот во некоја претходна состојба кога функционирал како што треба. Трето, ако со претходните не се успее, да се проба преку Recovery Conzole. Ако ни тоа не помогне, а се поседува дискета за system recovery, тогаш преку неа да се поправи системот. И на крај ако ништо не помогне, се знае - ПРЕИНСТАЛАЦИЈА...
Бранко Атанасовски
Основно правило/предострожност/знак на параноја ;-) (сеедно како ќе се нарече) е да се направи бекап на регистрите пред да се почне да се чепка по нив. Исто така, кога се чепкаат регистрите потребно е да се знае што се менува и што би требало да се постигне со менувањето. Ако, пак регистрите се чистат од заостанати фајлови/линкови/"сирачиња" (orphans) од некој деинсталиран програм потребно е да се погледне добро дали тој стринг или елемент не е заеднички со некој друг програм кој активно го користи. Значи, и чистењето на регистрите не е мачкина кашлица како што изгледа.
Што може да се стори во даденава ситуација? Со обична преинсталација (без форматирање) нема да се постигне ништо. Windows-от ќе работи, ама сите измени во регистрите кои се направени со инсталациите на програмите/драјверите/кодеците/whatever се бришат, па мора се "јово-наново". А ако веќе тоа се прави - најубаво е да се направи комплетен формат и нова инсталација.
Но сепак ние не би биле ЕМИТЕР ако немаме некој џокер во ракав ;-). Втора опција (прва е горенаведената) е да даде отчет сервисерот (кој ги чепкал регистрите) што чепкал, па тој стринг да се преинсталира. Од друга машина се копира тој стринг (COPY-PASTE) во новокреиран Notepad документ, се сочувуваат измените и фајлот се снима со екстензија .reg (на пример deskfix.reg). Потоа направете двоклик врз така креираниот фајл, и на прашањето "дали сакате да се извршат измени во регистрите" одговорете потврдно. Ова би требало да го реши проблемот.
За десктопот стрингот во Windows е HKEY_CURRENT_USER>Control Panel>Desktop.
Трета опција – обидете се со recovery опцијата од инсталационото ЦД со Windows.
Зоран Ивановски
Здраво.
Јас сум ваш редовен читател. Мислам дека сте супер и продолжете така.
Низ глава ми се врткаат некои идеи и би сакал да знам како оди процесот на патентирање кај нас, поточно каде и што сè е потребно за патентирање на една идеја, и дали патентот би важел и во меѓународни рамки.
Однапред ви благодарам за одговорот.
Поздрав,
С. Ј. преку е-пошта
Патентот се пријавува во Државниот завод за заштита на индустриска сопственост. Сите информации за процесот на патентирање можете да ги добиете на нивната интернет страница www.ippo.gov.mk
Пријавувањето на патентот чини (т.е. чинеше минатата година) околу 800 денари. Со самото пријавување на патентот, Вашиот пронајдок е заштитен во целиот свет, но само за рок од 12 месеци. После тој рок морате да го заштитувате Вашиот патент поединечно во секоја држава во светот во која сакате да го заштите. Заштитата на патентот трае 20 години. Оваа заштита чини многу пари (за државите од Европската н:унија околу 20 000 евра, за САД околу 30 000 долари), па затоа за време на овие 12 месеци би требало да најдете некоја фирма или компанија која би сакала да го откупи Вашиот патент. Можете да продавате лиценца за Вашиот патент на секој заинтересиран (но претходно ќе морате да го заштитите патентот во секоја држава поединечно), а може и да ги продадете екслузивните права на Вашиот патент на само една фирма (во овој случај, таа фирма ќе го заштитува патентот во државите од интерес). Цената на откупот или лиценцата за Вашиот патент ја договарате директно со заинтересираната фирма.
Постои уште една можност да го продолжите овој рок од 12 месеци, за уште дополнителни 18 месеци, ако го пријавите Вашиот пронајдок во PCT (прашајте во Заводот за патенти), но оваа можност чини околу 900 евра.
Се надевам дека овие информации ќе Ви помогнат, и Ви пожелувам успех со Вашиот пронајдок.
Владимир Филевски
Почитувана Редакцијо!
Го изработив стабилизираното напојување од ЕМИТЕР 1/08 и работи супер, ама неколку пати кога имам приклучувано на него нови уреди што сум ги изработил ми изгореа неколку транзистори, диоди, интегрирани кола и други компоненти. Тоа се случува затоа што стабилизираното напојување испорачува многу голема струја. На интернет побарав соодветен електронска склоп за струјна заштита, но не успеав да го најдам. За да го решам "проблемот" изработив посебна електронска заштита за преоптоварување (не се сеќавам од кој број на ЕМИТЕР беше, но знам дека беше изработена од вашиот соработник Петар Аврамовски), но на неа се јавува многу голем пад на напонот (најмногу што имам измерено на излез од стабилизаторот е 9V), па тој остана за друга употреба.
Затоа ве замолувам ако можете да објавите некој напис за струјна заштита, но таа да има што помал пад на напонот. Не мора галвански да е одделена од стабилизаторот и да има континуирана регулација на струјата. Ако имате објавувано таков напис во некој од претходните броеви на ЕМИТЕР, ве молам да ми го препорачате тој број?
Бојан Јаневски, преку e-mail
Од текстот од вашето писмо може да се заклучи дека проблемот не е во стабилизираното напојување (проект од ЕМИТЕР 1/08), туку проблемот е во вашите електронски склопови кои сте ги изработиле и сте ги тестирале. Треба да знаете дека секој електронски склоп е димензиран да се напојува со точно дефиниран напон (или напонот за негово напојување може да се движи во одредени граници). Електронскиот склоп кога ќе се приклучи на соодветно напојување се однесува како потрошувач, односно за да може правилно да работи троши онолку струја колку што му е потребна! Стабизираното напојување од ЕМИТЕР 1/08, како што наведов, може да испорачува максимална струја до 2,7A. Оваа вредност е одредена со отпорникот за ограничување R6 од 0,22 Ω. Кога се тестира некој изработен уред поради некоја грешка во него, можно е низ некои од неговите елементи да протечат многу поголеми струи од дозволените и да предизвика прегорување на некои од елементите. Тоа ви се случило и вам. Решението на ваквите проблеми е ако стабилизираниот извор има можност за нагодување на струјното ограничување, па со поставување на некоја помала вредност за максимално дозволената струја ќе се спречи прегорување на елементите во тестираниот (неисправен) уред.
Како што е наведено во текстот за стабилизираниот извор од Е1/08, за ограничување на струјата е задолжен отпорникот R6, па во зависност на која струја се сака да се ограничи напојувањето може да се пресмета нова вредност на R6 со помош на дадената формула. Секако, непрактично е секогаш да го менуваме R6 во зависност од тоа на која вредност сакаме да го поставиме струјното ограничување. Решението е употреба на преклопник со кој ќе се избираат неколку различни вредности на отпорникот R6 – слика 1. Со помош на 6 отпорници и со помош на соодветен преклопник (SW2) со 6 положби, ќе добиете можност за избор на 6 вредности за ограничување на струјата во наведеното напојување. Со следните вредности на отпорниците ќе ги добиете следните лимитирани (ограничени) струи: за R6a = 0,22 Ω/5W се добива Imax = 2,7A; за R6b = 0,33 Ω /2W се добива Imax = 1,8A; за R6c = 0,47 Ω /2W се добива Imax = 1,3A; за R6d = 0,56 Ω /1W се добива Imax = 1,1A; за R6e = 1,2 Ω /1W се добива Imax = 500mA и за R6f = 5,6 Ω /0,5W се добива Imax = 110mA.
При експериментирање со уредите кои ги изработувате, на вашиот извор со помош на SW2 поставете го првото поголемо струјно ограничување од очекуваната максимална струја која ќе ја троши изработениот уред (ако е исправен). Ако потрошувачот, т.е. електронскиот склоп кој е приклучен на излезот од напојувањето е неисправен тој ќе повлече поголема струја, но напојувањето нема да дозволи таа да порасне над вредноста поставена со преклопникот. Бидејќи таа струја ќе биде за малку поголема од "нормалната", нема да настане прегорување на елементите во напојуваниот уред, но активирањето на ограничувањето е знак дека во изработениот склоп има некоја грешка која треба да се најде и отстрани.
Ако ваквиот скоковит избор за ограничување на струјата не ви се "бендисува", погледнете го стабилизирано напојување дадено во ЕМИТЕР 3/05 - тоа има можност за континуирано нагодување на напонот од 0 до 30V и континуирано нагодување на ограничувањето на струјата од 2mA до 3A. Ова напојување во случај ако има проблем во електронскиот склоп кој сте го приклучиле на него, моментално се исклучува, при тоа овозможувајќи заштита на склопот од негово прегорување или уништување на некои негови компоненти. Во ЕМИТЕР 2/08 е опишано како ова напојување се монтира во соодветна метална кутија и како на неговиот излез се приклучува инструмент кој може да го мери нагодениот напон и струјата на потрошувачот.
Патем, големиот пад на напон што сте го добиле со ограничувачот од колегата Петар Аврамовски не е својствен за тоа коло. Тоа значи дека имате направено некоја грешка при неговата изработка.
Славко Стојковски
Здраво емитерци. Јас сум еден млад аматер и сакам да знам дали можам како 15-годишен ученик да го изработам "реакторот" за домашно производство на биодизел. Не сум сигурен дали ќе успеам, но сакам да го направам за на тој начин да заработам пари. Дали може да ми испратите дополнителни слики од готовиот уред и објаснување како грејачот и другите делови се заштитени во џебови за да се оневозможи палење на маслото.
Поздрав, Стефан Василевски
15-годишно момче би требало најголемо внимание да посвети на учењето, со што ќе постави вредна подлога за сè во својот понатамошен живот, а не да мисли уште сега како да заработи пари.
Како и да е, 15–годишно момче тешко ќе може само да изработи сад, односно реактор како што го нарековме во ЕМИТЕР, а и самата преработка на маслото бара присуство на некој кој ќе посвети малку повеќе внимание и одговорност на личната заштита и здравјето. Интересот и занесот се големи, но последиците катастрофални ако дојде до несоодветни и нестручни дејствија.
Во принцип титрацијата и мешањето е многу едноставна работа и не е проблем кој било да ја изврши, ако се следат постапките кои се напишани во ЕМИТЕР.
Во текстот пишува дека во џебови се вметнати само грејачот и термосензорот, а не другите делови. Беше напоменато дека во реакторот кој е сè уште во употреба грејачот е поставен од горната страна во еден џеб направен од профил – цевка која од долната страна што влегува во маслото е затворена, а горната страна излегува надвор од реакторот и е прицврстена на капакот од бурето. Од горната страна се става грејачот во цевката – џеб и од тука излегуваат жиците кои водат до напојување со струја. Сите подоцнежни недоследности кои беа увидени кај мојот првичен реактор беа напоменати и беше предложен реактор како на слика 2, кој е многу попрактичен и полесен за изработка и побезбеден во однос на евентуално запалување на маслото, затоа што метоксидот никогаш не може да допре до грејачот а претходно да не се раствори низ маслото и второ, доколку од која било причина се случи пропуштање масло од џебот во кој е грејачот, маслото ќе истече надвор, со што лесно ќе се забележи дефектот и ќе може да се реагира браговремено.
Уште еднаш напомена, <b>преработката на масло во биодизел бара одговорна личност која тоа ќе го изведе.</b> Самиот факт од каков отпад се произведува кажува дека тешко ќе се најдат големи количини за некој да се збогати со ваквата преработка (досега ќе бев првиот македонски шеик да беше така :-)), но да се заштеди во домашни услови секако може – што беше и целта на овој напис во ЕМИТЕР.
Драган Јовановски
Почитувана редакцијо,
Пред сè, ве поздравувам како редовен ваш читател, и сакам да ви кажам дека сте супер.
Досега имам направено голем дел од склоповите кои ги нудите, па сакам да го направам и 400W мосфет аудиозасилувачот што беше објавен во Емитер 7-8/09.
Бидејќи за дома користам Technics аудиозасилувач, ме интересира дали овој мосфет аудиозасилувач може да се адаптира за во автомобил, значи на 12V и доколку може кои компоненти треба да се променат, или да ми пратите шема за аудиозасилувач за во автомобил со голема излезна моќност :).
Однапред ви благодарам за одговорот.
Поздрав,
Сашо Јолески.
Секој засилувач може да работи во автомобил ако за него направите прекинувачко напојување кое од единечниот еднонасочен напон на акумулаторот (12 - 14,4 V) ќе ги направи потребните напони за напојување на засилувачот (во овој случај 2x50V). Таков склоп, особено со толкава голема моќност воопшто не е лесно ниту евтино да се направи. Поради тие причини до сега не сме објавиле проект за таков уред.
Од друга страна, се поставува прашањето дали навистина имате потреба од толку моќен засилувач во својот автомобил кога се знае дека со 50W во автомобилот лесно може да се постигне ниво на звук од 120 dB, што е на границата на болка и што за неколку часови (или минути) предизвикува оштетување на слухот.
Затоа моја препорака е да си направите аудиозасилувач за автомобил со моќност помеѓу 20 и 50 вати - таа моќност е повеќе од доволна, а конструкцијата е едноставна и евтина. Такви проекти имаме објавено повеќе пати во претходните броеви на ЕМИТЕР.
Слободан Таневски
1. Дали може PIC програматорот од ЕМИТЕР 4/03 да се напојува со напон поголем од 17V, бидејќи дома немам таков трансформатор, а и како што знам 7805/12 може да се напојуваат со напони до 35V, само што ќе се загреваат и ќе биде потребно да се стават мали ладилници (јас планирам програматорот да се напојува со напон малку поголем од 20V).
2. Дали би сакале да објавите еден мал додаток за PIC програматорот од Е4/03 да може да се применува како и програматорот од брошурата за микроконтролери?
3. Дали имате пишувано за бафери и нивна употреба во школата за електроника, и ако имате пишувано ве молам кажете ми во кој број, а ако немате би ве замолил да напишете нешто за нив.
4. Зошто во проектот "Далечинска контрола за радиокомандувани модели" Е7-8/04 на приемната страна еден излез од PIC-от се поврзува со два влеза на IC3, и два излеза од IC3 се поврзува со едната страна на моторчето?
5. Дали ако ја користам оваа шема (http://www.leang.com/robotics info/circuits/hbridge.gif) за да користам поголеми мотори ќе ми биде потребен IC3?
6. Да ми дадете некој предлог со која програма може да се пишуваат програмите за микроконтролерите (PIC16F84), и емулатор со кој ќе може да се проверуваат програмите напишани за PIC.
7. За ова прашање можеби нема да добијам одговор, ама и да не добијам нема да се лутам, а тоа е: Кога ќе излезе втората брошура за микроконтролери? Со нетрпение ја чекам да излезе.
И за на крај молбата: Да ми ги пратите .hex фајловите од проектот Далечинска контрола за радиокомандувани модели од ЕМИТЕР 7-8/04.
Фала за вашето одвоено време.
Поздрав од ваш верен читател,
Бојан Јаневски.
1. Вашата констатација е во ред, програматорот може да го напојувате со напон поголем од 17V. За влезен напон до 25V нема да има потреба од ладилник на стабилизаторот.
2. Претпоставувам дека додатокот што го споменувате се однесува на можноста за програмирање на PIC со повеќе пинови. При реализацијата на брошурата ги разгледувавме можностите за надградба на првообјавениот програматор со помош на модули, т.е. додатоци, но од практични причини решивме сето тоа да биде поставено на една иста ППК, како што е објавено во брошурата. Но, доколку сакате, додатоците можете сами да си ги направите со помош на дополнителна мала ППК, по ваш избор.
3. За баферите е пишувано во бројот 9/06, а делумно и во 10/08 и 11/08.
4. Поврзувањето на два влеза и на два излеза од IC3 е направено со цел да се овозможи соодветно доволно напојување на предвидените мали моторчиња, а во исто време и одвојување на PIC од моторите.
5. Не мора да го употребите IC3, но го препорачувам за да има одвојување на PIC од моторите, без оглед како тие мотори ќе ги поврзете и какви се.
6. Програмата може да ја пишувате во кој било текст едитор. Битен е преведувачот, или ако сакате компајлерот. Ние во второто продолжение на брошурата ќе работиме со MPLAB, а вие по ваш избор може да изберете која било програма што ги задоволува вашите потреби.
7. Според најновиот развој на настаните, брошурата "Микроконтролери 2" ќе ја издадеме есенва.
Во прилог се бараните програми.
Добре Блажевски
Почитувани,
Во многу книги е објаснета струјата со елементарни честици, односно со електрони и со јони. Дали можете во ЕМИТЕР да објасните, со помош на електрони, јони и атоми, што е електричен напон, односно електричен потенцијал на краеви на мотор, генератор, диода, транзистор, отпорник, калем, кондензатор, трансформатор, батерија, акумулатор, спроводник... Во кои точки/делови на гореспоменатите склопови се создава електричен напон? Што е позитивен, а што негативен напон? Што е точка на повисок потенцијал, а што на понизок? Што е точка на позитивен потенцијал, а што на негативен?
Без горенаведените објаснувања не можат да се разберат електричните и електронските појави, односно работата на електричните и електронските склопови.
Ако не сте во можност одговорот на ова писмо да го објавите во списанието "Емитер", би ве замолил да го испратите на домашна адреса.
Вашиот читател,
Владимир од Скопје
За овие теми имаме објавено неколку статии во претходните броеви на ЕМИТЕР. Ќе ги посочам следните:
- Почетен курс по практична електроника (1. дел), во бројот 1/98;
- Основи на електрицитетот, во бројот 3/06;
- Батерија – основни поими, во бројот 11/06 и
- Електронска или техничка насока на струјата, во бројот 12/06.
Спомнатите броеви можете да ги нарачате од Редакцијата. Ќе се потрудиме во некој следен број да објавиме нов напис во кој ќе бидат обработени наведените теми, на начин соодветен за електроничарите – почетници.
Слободан Таневски
Изработив стереоверзија од МОСФЕТ засилувачот од ЕМИТЕР 7-8/09, има квалитетен звук но е релативно слаб и нема повеќе од 100W/4Ω (rms). За напојување користам солидно напојување со торусен трансформатор (за стереоверзија) од 400VA со DC-напон Us=±48V. Но, засилувачот е слаб и не ги исполнува карактеристиките што ги имате наведено во проектот околу моќноста.
Моќноста не сум ја измерил, ама не ми е прв засилувач и знам како изгледаат 270W /4Ω (RMS), а ова е една третина од тоа. Затоа ме интересира дали можеби има некоја грешка во шемата или нагодувањата и дали ќе се добие плус на моќност со додавање на уште еден пар на мосфет транзистори на излез?
Мацко МК преку е-пошта
Шемата на засилувачот сигурно е точна. Синусната излезна моќност на спомнатиот засилувач (со квалитетно напојување од ±50V) сигурно изнесува 270W/4Ω, во случај да се користат транзисторите 2SK1530/2SJ201, а 230W/4Ω, кога излезните транзистори се IRFP240/IRFP9240. И во двата случаја музичката (врвна, "пик") излезна моќност е 400 W.
Тоа што вашиот засилувач (субјективно) има помала моќност може да се должи на неколку фактори:
1. Малата моќност на употребениот трансформатор – вие користите трансформатор од 400 VA за стереоизведба, а потребен ви е од најмалку 600 VA (како што е наведено во проектот)! При максимална излезна моќност на засилувачот, вашиот трансформатор со моќност од 400 VA на секундарот ќе даде помал напон, а со тоа и засилувачот нема да може да ја постигне декларираната моќност. Понатаму, во филтерскиот дел во секоја гранка треба да имате кондензатори од најмалку 20000µF/63V.
2. Грешка во изработката или неисправност на некој елемент.
3. Недоволна побуда – можеби изворот на аудиосигнал има мал излезен напон?
4. Неефикасни звучници или звучници кои имаат импеданса повисока од 4 оми.
Елиминирајте ги наведените причини и пробајте повторно. Но, препорачувам овој пат тоа да не биде "од око" (т.е. "од уво"), туку со мерење. Разликата помеѓу 200W и 100W е <b>само 3 dB</b> и таа разлика не може да се забележи со слушање ако не се спроведе А-Б слушен тест (наизменично споредбено слушање на двата засилувача, со претходно <b>идентично нагодување на нивната осетливост</b>).
Што се однесува до додавање на уште еден пар на излезни транзистори, тоа нема значително да ја зголеми излезната моќност на засилувачот, ако се задржи истото оптоварување од 4 оми. Но, со додавање на уште еден пар излезни транзистори се зголемува максималната излезна струја што може да ја даде засилувачот (можност за работа со импеданси пониски од 4 оми) и се зголемува работниот век на транзисторите поради нивното помало загревање (во ваков случај низ секој транзистор ќе тече помала струја).
Славко Стојковски
Здраво Редакцијо.
Имам едно прашање до Вас. Го изработив диференцијалниот термостат од ЕМИТЕР 7-8/2007. Но, имам проблем, некако многу висока треба да биде температурната разлика помеѓу NTC отпорниците, па да се активира релејот. Дали е тоа затоа што имам употребено NTC од 27 K (не можев да најдам NTC од 47k)?
Исто така, нешто ми е нејасно во описот на уредот. Пишува дека кога лизгачот ќе биде во горна положба, ќе има напон од 4,65 V. Како е можно да се надмине 4 V, кога во максимална горна положба отпорот кон +8V ќе биде секогаш поголем од оној кон маса? Тоа и практично го измерив на мојот уред. Максималниот горен напон беше 3,86 V. Кажете ми како треба да биде правилно??
Мартин Јанковски
Малку е нејасна реченицата "висока температурна разлика помеѓу NTC отпорниците"….. Ако користите NTC отпорници со иста вредност а различна од оние во шемата, не би требало да има голем проблем, иако дадените вредности се најдобри за склопот во целина. Ако добро сте го прочитале текстот, сте забележале дека пишува "измерени вредности на конкретниот уред", не теоретски – што значи дека толеранцијата на одредени елементи си го одиграла своето. Значи, кога с# би било идеално напонот на лизгачот во горна положба би требало да биде малку под половината од 8 волти, а тоа значи дека минималната разлика на температурата ќе биде околу два волта (во крајна долна положба на лизгачот).
Проверете ги добро вредностите на елементите и евентуалното погрешно поставување на NTC1 и NTC2, отпорниците R1, R2, R3, R4 и R5, P1, како и на зенер диодата.
Драган Јовановски
Здраво,
Најнапред сакам да ја поздравам Вашата акција "ЕМИТЕР на подарок со Нова Македонија" и покрај тоа што се работи за стари броеви. Јас во почетокот на Вашето творење бев редовен читател и корисник на кит-комплетите, па сега ми е навистина мило што имам прилика повторно да се потсетам на тоа дружење.
Имам еден проблем и барам помош од Ваша страна. Се работи за изработка на "автомат за скалично светло" (временски прекинувач) во кој тастерот ќе се користи преку нулата а не преку фазата. Не е битно дали тој ќе биде со релеј или електронски, важно ми е да е стабилен бидејќи сите кои до сега го користев се со краток век на траење. Се надевам дека ова нема да претставува проблем за Вас и Вашата екипа.
Однапред благодарам,
Илија Спировски
Автоматот за скалично светло SLC-11 објавен во ЕМИТЕР пред точно десет години (Е 6/98) е токму таков, со тастери и светилки врзани на нултиот спроводник. Во глобала, моето искуство со овој автомат е позитивно. Единствено на почетокот имав проблеми и тоа поради светилки кои прават куса врска кога прегоруваат. Секогаш кога ќе прегореше некоја светилка гореше и осигурувачот во автоматот, а замена на минијатурен стаклен осигурувач може да биде голем проблем во една станбена зграда. На крај, стаклениот осигурувач во автоматот го исфрлив, а во серија со светилките поставив брз автоматски осигурувач.
Ако се решите за изработка на автоматот SLC-11, би сакал да ви предложам нешто. За префрлување помеѓу трите интензитети на светлината, во автоматот се користи моностабилен мултивибратор. Нагодувањето на овој моностабилен мултивибратор можеби не е тешко, но е ризично затоа што автоматот е на напон на градската мрежа. Ако моностабилниот мултивибратор го замените со делител на фреквенција, каков што е употребен во проектот "Трепкач" (Е 1/04), ќе добиете автомат кој не треба да се нагодува. Сметам дека предлогот има смисла, затоа што ППК сервисот на ЕМИТЕР веќе не ја произведува плочката за автоматот SLC-11, а ако веќе треба сами да ја изработите плочката со печатено коло би можеле да се обидете и да го подобрите дизајнот на колото.
Сега малку за вториот дел од вашето писмо во кој велите "бидејки сите досега користени се со краток век на траење". Претпоставувам дека во сите автомати што досега сте ги користеле настрадале контактите на релејот поради големо ударно или трајно оптоварување (можеби двете). Тоа е чест проблем со автоматите во станбените згради. Можете да го решите со додавање на една склопка. Внимавајте, не релеј за голема номинална струја, туку склопка. Склопките се димензионирани да издржат многу поголеми стартни струи од моќните релеи за иста номинална струја. Автоматот и склопката поврзете ги така што автоматот ќе ја вклучува склопката, а склопката светилките. Ако дизајнирањето електронски кола и правењето плочки со печатено коло не ви оди од рака, ова е начин на кој сигурно ќе го решите проблемот. Изборот на склопката препуштете го на искусен електричар.
Георги Ефтимов
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.