Водата како бесплатно гориво (Емитер 6/2008)

Почитувани,
Ви пишувам во врска со написот за можноста водата да гори кога ќе се третира под одредени радиобранови (ЕМИТЕР 4/08).
Ме заинтригира вашето ценето мислење дека ова технологија не може да биде применлива. Според тоа што го читам на интернет, ова навистина може да биде замена за скапите и при крај фосилни горива, нормално доколку дозволуваат светските моќници, не мислам на тие политички туку тие финансиски. А друга опасност според мене на добивање на бесплатна енергија е и тоа што оној кој ја има енергијата во моментот има и моќ. Тоа се според мене причините, а не нешто друго.
Поздрав
Арбен Саити
Оддeление за Системско Инженерство, Министерство за Одбрана на РМ

Благодариме на Вашето јавување во врска со написот "Вода во пламен".
Вашето размислување за проблемите од примена на технологијата наведена во написот за продукција на гориво како замена на скапите и веќе речиси исцрпени ресурси на фосилните горива е логично. Навистина, на интернет има мноштво статии кои укажуваат на можноста водата да се користи како евтино или бесплатно гориво. Во спомнатиот текст ние пренесовме научна потврда на едно од можните решенија објавено во неколку странски научни списанија. За жал, оваа метода е неефикасна и тоа го изјавува самиот автор (John Kanzious, а тоа што Вие сте го прочитале на интернет, "дека водата може да биде замена за скапите фосилни горива", сигурно се однесува на продукција на гориво по некоја друга метода, што не беше тема на наведениот напис.
Со почит,
Петар Лагудин


Термометар со сензор LM35 (Емитер 6/2008)

Здраво ЕМИТЕР,
Јас сум ваш редовен читател и имам едно прашање до вас. Го имам изработено дигиталниот термометар од Е 2/98, па ме интересира дали може да се преправи, наместо силициумски транзистор како сензор да се користи температурниот сензор LM35CZ или друг, а нагодувањето да се сведе на само еден тример.
Еве и една препорака. Не објавувајте проекти за испитувачи на далечински управувачи. Денес речиси секој електроничар има мобилен со каква таква камера. IR-светлината е невидлива за човечкото око, ама е видлива за камерата. Мобилниот телефон со камера е наједноставен испитувач на далечински :).
Благој Минчев

Изработката на термометар со LM35 не претставува проблем, затоа што самиот сензор "генерира" напон којшто е пропорционален со температурата на која е загреан. Овој сензор генерира излезен напон според следнава формула:
Uout = Tc • 10 [mV]
Така, ако сензорот е загреан на температура Tc=50oC на излез ќе има напон од 500mV. Овој напон се води на волтметар изработен со ICL7106 или ICL7107, на пример, како на дадената шема. На оваа шема напонот од сензорот се засилува за 10 пати за да се подобри стабилноста на прикажаниот напон и за да се приспособи кон влезната карактеристика на ICL7106/7.
Единствен недостаток на овој сензор е што не може да се користи за мерење на температури под нула. Ако имате потреба од мерење на температури под нула, треба да се употреби некој друг сензор, како, на пример LM335.
Благој Ќупев


Префлување на 35 GB на лаптоп (Емитер 6/2008)

Би сакал да ве прашам едно деликатно прашање на кое мислам дека вие можете да ми дадете одговор. Како може од PC да се префрлат поголем број податоци, околу 35 GB, на лаптоп?
Однапред благодарам,
Ненад Јакимовски

Начин број 1 (најпаметно!) - поврзете ги PC-то и лаптопот во мрежа.
Начин број 2 (ако имате искуство со "чачкање" хардвер) - извадете го хардот од лаптопот и поврзете го со компјутерот преку соодветен 5.25/3.5 адаптер (види Емитер 7-8/07), или ставете го во екстерно куќиште, па тоа куќиште поврзете го со компјутерот преку USB/FireWire. Истата операција важи и за вадење на хардот од компјутерот и негово поврзување на лаптопот.
Начин број 3 (тотално непрактичен, бавен и пипав) - преку USB стикче. Што поголемо стикче, помалку зезанции.
Поздрав,
Зоран Ивановски


Стабилизиран насочувач со регулација за струја и напон (Емитер 9/2008)

Здраво, јас сум ваш нов читател, бидејќи во последно време ми се јави голема желба за електрониката, а вашето списание е идеално за тоа. Нема многу што да ви кажувам за списанието и за вас, бидејќи и сами си знаете дека сте најдобри.
Читајќи по форуми, запознав еден ваш соработник, г. Петар Аврамовски. Тој ми даде доста добри совети како за почетник, а меѓу другото ми препорача да направам еден стабилизиран насочувач со регулација за струјата и напонот. Ми кажа дека во вашето списание во некој број имал опширен текст за негова самоградба. Се надевам дека ќе бидете љубезни и ќе ми кажете во кој број (броеви) се наоѓа таа тема и по која цена ќе може да го набавам списанието.
П.С.: Дали во некој број имате опфатено нешто НАЈосновно за почетниците, затоа што немам некои големи познавања од оваа тема (но затоа имам многу голема желба, која се надевам дека ќе ми се оствари).
Се надевам дека би можеле да ми помогнете, ви благодарам многу.
Петар Чурлинов

Ви посакувам добредојде во ЕМИТЕР и во светот на електрониката.
Стабилизираниот извор на напон е третиот основен уред во секоја електроничарска работилница (покрај лемилото и мултиметарот). За самоградба на таков уред во ЕМИТЕР имало повеќе написи од кои за почеток би ви го препорачал проектот од бројот 1/08. Секако, пожелно е да ги разгледате и другите написи на таа тема.
Во врска со Вашата желба за почетна едукација од електрониката, може да ви ги препорачам написите од рубриката "Школа за електроника" која е застапена во секој број почнувајќи од бројот 11/05, како и серијата написи "Почетен курс по практична електроника" која излегуваше од бројот 1/98 до 4/2000 (скрипта со сите написи од оваа серија плус уште некои други можете да нарачате од редакцијата по цена од 300 денари).
Во атачмент ви испраќам и еден текст документ со содржините на сите претходни броеви на ЕМИТЕР во кои ќе можете да лоцирате и други теми кои ќе ве интересираат. Претходните броеви на ЕМИТЕР можете да ги нарачате/набавите од Редакцијата или во продавниците на "ГАЦ електроника" и "ЕиП електроника".
Слободан Таневски


Полнач за МП4 плеер (Емитер 9/2008)

Здраво Емитер,
Имам MP4 плеер чија батерија се полни преку мини USB приклучок. Имате ли шема како да направам полнач кој би го заменил напонот од USB-то?
Ви благодарам однапред.
Аце ??? преку e-mail.

Добро прашање! Обично сите прашуваат како да го искористат напонот на USB приклучокот. Но, се разбира, понекогаш кога сме далеку од нашиот персонален сметач, потребен ни е уред кој ќе ги напојува или полни нашите "USB" уреди.
USB приклучокот дава 5 V (± 5%) еднонасочен напон, односно напон кој може да варира од 4,75 до 5,25 волти. Максималната струја која може да се црпи од USB приклучокот е 100 mA. Повеќето комерцијални "адаптери" ќе задоволат во поглед на максималата струја, но нема да задоволат во поглед на стабилноста на напонот. Затоа, за оваа намена треба да употребиме еден дополнителен модул кој ќе го стабилизира напонот во потребните граници. Тоа многу лесно се постигнува со уред како на шемата, кој е составен од само 3 евтини електронски компоненти кои можат да бидат сместени во кутијата на самиот адаптер. Модулот многу лесно можат да го реализираат дури и оние што имаат многу малку познавања од електрониката, треба само да внимаваат на поларитетот кај USB приклучоците, како и на поларитетот на електролитскиот кондензатор. Секоја грешка во тој поглед може да резултира со прегорување на модулот или (да не даде господ) на уредот кој се напојува од USB приклучокот. Значи, пред да приклучувате што било на овој модул, проверете го напонот кој го дава на своите излезни приклучоци, се разбира дека тој треба да биде од 4,9 до 5,1 волти.
Емилијан Иљоски


Програма за рекламниот движечки текст (Емитер 9/2008)

Здраво.
Дали ќе можете малку да ми помогнете за еден ваш проект од Емитер 2 и 3/05 - Рекламен движечки текст. Го склопив целиот проект, но имам проблем со PIC-от. Имено, се решив да го програмирам сам бидејќи веќе имам програматор дома, меѓутоа тешко ми оди.
Благодарам однапред,
Никола Бурчевски,
преку е-пошта

Не разбирам во што е проблемот? Според нашата евиденција вие од нас немате порачано HEX- фајл, ниту пак испрограмиран микроконтролер. Дали самите пишувате програма за тој уред или користите некоја друга готова програма различна од нашата?
Слободан Таневски

Од кај вас ги купив печатените плочки, но не и испрограмираниот микроконтролер бидејќи ми беше скап. Имам една книга за програмирање PIC-ови од Небојша Матиќ и со нејзина помош решив сам да ја напишам програмата, меѓутоа тешко ми оди. А само уште програмата за микроконтролерот ми фали и проектот ќе биде комлпетиран. Дали вие ја имате напишано програмата за тој проект?
Никола Бурчевски

Книгата што ја спомнувате е доста добра, па ако внимателно ја читате и практично ја применувате успехот нема да изостане. Во меѓувреме и ние издадовме една мала брошура "Микроконтролери за почетници 1", а за наесен планираме да ја објавиме и втората. Со овие две брошури и со програматорот и развојниот систем кои ќе бидат дел од овој проект очекуваме многу повеќе македонски електроничари да навлезат во светот на микроконтролерите.
Инаку, програмата за движечкиот рекламен текст е комплетно дело на нашиот соработник Благој Ќупев. Заради сложеноста на таа програма и потрошеното време за нејзина изработка, како и заради комерцијалниот потенцијал на тој проект програмата не може да ја дадеме бесплатно (како што правиме за останатите проекти од ЕМИТЕР). Но, цената за испрограмиран PIC од 2200 денари (1100 ден. со купон за попуст) е навистина ниска цена за таков програм, особено што само празниот PIC во продавниците чини околу 600 ден. Затоа, ако сакате брзо да го завршите проектот најдобро е да купите испрограмиран PIC од нас, но ако имате време и сакате да го изучувате програмирањето на PIC-овите тогаш најдобро е самите да си пишувате своја програма.
Слободан Таневски


Самоградба на UPS? (Емитер 10/2008)

Здраво!
Проблемите со ел мрежа ми наложуваат потреба од набавка на UPS off-line, со цел заштита на ново купениот PC. Поради многу скромните финансиски средства (како и повеќето студенти), ме интересира, како ваш долгогодишен читател дали би можеле да ми обезбедите шема за изработка на таков уред, со солидни перформанси со излез 230V 50Hz.
Однапред ви благодарам,
Дејановски Александар

Нов UPS со скромни можности може да најдете на автопазар за цена од 1500 денари. Веројатно толку се и по продавниците. За таа цена нема да можете да го набавите ниту трансформаторот потребен за изработка на истиот. Затоа, не губете време во потрага по шема за UPS, туку земете си еден готов. Сиромавиот некогаш не мора двапати да плаќа ако послуша вистински совет :-).
Кирил Крстевски

Веројатно најевтино решение е да си купите готов уред кој ќе биде поевтин од тоа што може да се изработи за ист квалитет. Ако ви е скапо да купите UPS, моја препорака е да си купите продолжен кабел со добар филтер за заштита од пренапон. Не сум убеден дека евтините UPS уреди имаат добра пренапонска заштита, како што има продолжен кабел со добра пренапонска заштита. Значи, јас "гласам" за добра пренапонска заштита.
Благој Ќупев


"Смотан" фотоконкурс и интересни проекти без завршница (Емитер 10/2008)

Фотоконкурс??? Многу смотана работа, зошто не е електронски конкурс, на пример, за некоја нова работа која е полезна за општеството? Сликањето може да е полезно само ако се сликаат свадби, голи жени за Плејбој итн.
Јас имам еден проект за возилата на плин. Се работи за октан коректор или, ако е полесно, timing advanse procesor. Со него се приспособува моторот на плин, бидејќи кривата на палење не е иста со кривата на бензините. Со ова моторот забрзува подобро отколку на бензин, ама бидејќи на вас не ви се потребни шеми кои ги имате и така премногу (засилувачи и полначи) не ви ја праќам.
Поздрав.
Марјан Николовски

Тоа што вас не ве интересира фотографијата апсолутно не значи дека е таа бесполезна и "смотана". Но, очигледно вие сте еден од оние што сакаат само електроника и ништо друго. Меѓутоа, како што сакате во ЕМИТЕР да прочитате за работи од електрониката кои вас ве интересираат, тоа го сакаат и другите. Затоа, кога веќе сте напреднале во електрониката, немојте само да ни давате предлози и да ни нудите шеми - седнете и подгответе напис за некој проект кој сте го изработиле и споделете ги своите сознанија со останатите читатели.
Мислам дека ова е добра прилика да ја започнете соработката со ЕМИТЕР. Дали конечно ќе преминете од зборови (предлози и критики) на конкретни дела - проекти и написи во ЕМИТЕР?
Поздрав,
Слободан Таневски

Здраво. Бев иритиран од Фотоконкурсот и затоа така напишав. Мали се наградите, ако ме разбирате, ама во секој случај фотографијата е поевтина од електрониката. Кај нас сè застанува кога е во прашање кутијата, напојувањето, монтажата. Затоа, мој предлог е да се најдат соработници столари, бравари, електровинклери и др., кои за читателите на ЕМИТЕР ќе даваат услуги со некој попуст. Сакам да кажам да се заангажираат умовите повеќе. Има многу интелигентни луѓе кај нас, ама се соочуваат со проблеми од ваков тип – многу работи кај нас ги нема, а ако ги има се скапи. Затоа јас 50 % од материјалите ги порачувам од Канада, од Дигикеј.
Инаку, го сакам ЕМИТЕР, го купувам од првиот број и сите ги чувам. Електрониката ја сакам само ако носи пари или заштедува од домашниот буџет, сè друго што може да се купи поевтино отколку да се изработи е бесмислено. Инаку, не сум подготвен да напишам некој напис или проект за објавување во ЕМИТЕР. Не знам како да го осмислам во целина, а немам ни дигитална камера за да ги сликам работите кои сакам да ви ги покажам.
Сега за домашни услови правам ветерница за електрична енергија и имам проблем. Ја осмислив со делови од машина за перење и алтернатор, ама тој треба да се превинклува и никој во Скопје не знае тоа да го пресмета и да го превинклува за да добијам повеќе вртежи. Механичкото зголемување на вртежите не ми се допаѓа, затоа што ќе има многу загуби во ременици и ремени. Ако познавате некој кој ќе го реши овој проблем, тогаш бинго. Инаку, перките (елисата) ги изработив од пластична одводна цевка, така што целиот овој проект е доста евтин.
Марјан Николовски

Навистина нема потреба да бидете иритирани од Фотоконкурсот и од другите неелектроничарски теми. Како што вам електрониката ви е хоби, така на други тоа им е фотографијата. Затоа дозволете и другите читатели кои имаат други интереси, различни од вашите, да имаат што да прочитаат во ЕМИТЕР и да се занимаваат со своето хоби. Како многу пати до сега пак ќе повторам: во Македонија не е можно комерцијално да егзистира списание кое ќе биде САМО за електроника. И уште нешто - токму постоењето на другите рубрики во ЕМИТЕР привлекува и други читатели и спонзори со што се овозможува натамошно излегување на списанието, а со тоа и опстанок на рубриката "електроника". Затоа наместо со лутина треба да гледате со благодарност кон другите теми и читатели.
А проблемите во врска со набавка на делови и изработка на кутии ги имаме и ние. За жал, и покрај разговорите со неколку електровинклерски, лимарски и пластичарски работилници, никој од нив не беше заинтересиран за соработка на тоа поле. Слична ситуација е и со електроничарските продавници - освен ретки исклуоци, повеќето од нив ниту се рекламираат во ЕМИТЕР, ниту, пак, се заинтересирани да набават одредени делови за проектите кои сакаме да ги подготвиме и објавиме во списанието. Токму затоа многу интересни проекти останале необјавени во ЕМИТЕР. За жал, ЕМИТЕР нема моќ да "убеди" некоја фирма да увезува или да изработува некои делови и уреди кои се од интерес на читателите - тие сметаат дека нема доволен пазар за таков ангажман и затоа не ги прифаќаат нашите предлози. А веројатно во голема мера се во право, бидејќи само малкумина читатели (нивни потенцијални муштерии) се занимаваат со изработка на електронски или електрични/машински и слични уреди. Главна причина за ова е што денешните луѓе с# помалку имаат време и пари за личен ангажман во изработка на уреди, но и тоа што денес е исплативо само малку уреди да се изработуваат во домашна режија кога ист или сличен уред го има во продавниците или на тезгите за "багателна" цена. Сепак, не треба да се гледа на електрониката само како на начин да се заштеди со самоградба, туку и како на поле за лична наобразба или за креативна занимација (хоби). Во таков случај цената на изработениот уред паѓа во втор план. Меѓутоа, во денешно време ни ова не може да дојде до израз, бидејќи за повеќето луѓе (особено помладите) има многу полесни начини за разонода, на пример, компјутерите, многуте ТВ-канали, видеоигрите и слично.
Токму поради овие причини секој напреден електроничар и секој друг напреден самоградител и хобист треба да се труди своето хоби и своето знаење да го прошири на што повеќе луѓе. Еден од начините тоа да се направи е да се објавуваат написи во ЕМИТЕР. Доколку вие не сте во можност самите да подготвите некој напис, тоа може да го направиме заеднички: некој од нашите соработници ќе го подготви написот според стандардите на ЕМИТЕР, но за тоа да биде квалитетно и без грешки потребно е ваше активно учество во насока да ни ја доставите целокупната документација од проектот, ако е потребно да дадете некои дополнителни објаснувања и евентуално да ни го отстапите уредот на проба неколку дена. А ако немате фотографии од уредот, нив лесно ќе ги направиме ние. На тој начин секој ваш проект може да се најде на страниците на ЕМИТЕР и да биде од полза за многумина други читатели.
Доколку сте заинтересирани за ваква соработка, јавете се или дојдете во редакцијата на разговор. Истиот овој повик го упатувам и до сите останати читатели кои имаат интересни проекти, а немаат време или се чувствуваат несигурни самостојно да подготват написи за објавување во ЕМИТЕР.
Слободан Таневски


Напојување за кодирана брава и програматор (Емитер 10/2008)

Повторно јас со уште неколку куси прашања:
1. Колкава струја троши проектот кодирана брава од брошурата за микроконтролери и дали напојувањето може да биде со адаптер од 12 V DC напон?
2. Видов една електрична брава и сакам да ве прашам дали тие работат (отвораат) на еднонасочен или наизменичен напон?
3. Кој е најдобриот начин да обезбедам напојување за PIC програматорот од 17V DC објавен во брошурата (дали ќе треба да го правам проектот стабилизиран исправувач од 3 до 30 V во ЕМИТЕР 1/08). Ако одговорот е, дали тој ќе обезбеди точно 17 VDC и ако е не дали има некој поедноставен начин?
Поздрав и благодарам однапред,
Н. Стефанов преку е-пошта

1) Проектот кодирана брава има потрошувачка од max. 20 mA, при вклучени релеи. Ова е со компонентите што се употребени во прототипот. Зависно од релеите што ќе ги употребите, потрошувачката може да биде малку поголема или помала. Согласно на оваа мала потрошувачка, може да употребите адаптер од 12V, бидејќи и најслабите од нив можат да дадат 100mA струја на својот излез.
2) Електричните брави коишто се поставуваат во денешно време на вратите, обично се напојуваат со еднонасочен напон од 12V. Комбинациите за напојување може да се најразлични, зависно од намените.
3) За програматорот за микроконтролери објавен во брошурата, потребниот напон за напојување може да биде од 17 до 25 V и можете да го добиете од каков било прост извор на еднонасочен напон. Наједноставно е доколку имате трансформатор кој на својот излез дава 15V, тој напон да го исправите со грец (или диоди) и да го исфилтрирате со електролитски кондензатор од 2200 до 4700µF. Посебни, т.е. специјални извори за напојување не се потребни.
Благодарам за вашиот интерес и добра работа.
Добре Блажевски-Доц


Краток спој во гитарскиот засилувач (Емитер 10/2008)

Почитувана Редакцијо!
Во проектот "100W-ен ГИТАРСКИ ЗАСИЛУВАЧ" објавен во броевите на ЕМИТЕР 01/07; 02/07 и 03/07 има некоја грешка и ве молам да ми помогнете да го решам проблемот. Се јавува краток спој со шасијата од кутијата, односно при вклучување на засилувачот на мрежата прегорува осигурувачот F1. Искусен мајстор направи тест, тој допре светилка со кутијата при тоа таа интензивно светеше.
Бранко Марјановиќ, преку e-mail

Нашиот изработен прототип на овој Гитарски засилувач при првото пуштање во пробна работа одлично работеше, а и сега одлично работи без никакви проблеми. Од ова што вие го наведувате, очигледно се работи за краток спој со шасијата од кутијата во која сте го монтирале засилувачот. За да го решите и да го отстраните проблемот направете ги следните проверки:
1. Одлемете го секундарот од трансформаторот од филтерскиот блок, потоа трансформаторот поврзете го на градската мрежа, ако прегори осигурувачот F1, тоа значи дека проблемот е во трансформаторот, а ако сè е во ред повторно поврзете го со филтерскиот блок.
2. Засилувачот исклучете го од напојувањето (филтерскиот блок), а потоа напојувањето приклучете го на мрежата, ако прегори осигурувачот значи проблемот е во филтерскиот дел, отстранете го! Ако сè е во ред, значи проблемот е во засилувачот. Најнапред причината барајте ја во излезните транзистори - проверете да не имаат краток спој со ладилникот (не се добро изолирани од ладилникот) или во краен случај се прегорени, ако сè е во ред проблемот барајте го понатаму.
3. На крај, проверете го заземјувањето во вашиот дом, дали е исправно, проверката нека ја направи мајсторот со светилката !?
Славко Стојковски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.