Кутија од скенер за УВ осветлувачот (Емитер 12/2008)

Здраво Редакцијо.
Имам едно прашање во врска со осветлувачот на плочки (од Е 7-8/08) и сакам да знам дали може матрицата од УВ-диодите да се стави во кутијата на скенер, дали стаклото ќе пукне или така не е добро. И дали знаете некој кој изработува кутии по мерка за осветлувачот, бидејќи сите мајстори што ги знам се електроничари :) .
Поздрав, Стефан.

Ако длабочината на скенерот (неговата внатрешна висина) изнесува приближно околу 8cm, матрицата од УВ-лед диодите може да се стави во внатрешноста на скенерот. Поради разликите во оптичко - геометриските перформанси, ако дистанцата значително се разликува, матрицата треба да се преправи со менување на меѓусебното растојание помеѓу УВ-лед диодите. Тоа е со цел да не се промени значително времето на осветлување и да се зачува хомогеноста во осветлувањето на плочката. Стаклото на скенерот сигурно нема да се распука, затоа што лед диодите како извор на "ладно" светло немаат толкава топлинска енергија за да го прегреат и да го оштетат стаклото. Иста, идентична кутија како таа од прототипот може според нацртите да изградат сите кои се занимаваат со дрводелски работи или да се обратите кај вредните мајсторчиња што ја изградија кутијата за мене и Емитер. Телефонот е во редакцијата.
Петар Аврамовски


Совети за купување лаптоп (Емитер 12/2008)

Здраво Емитер!
Како што знаете сега е период кога многу студенти ќе купуваат компјутери со ваучерите од Владата (и јас сум ден од нив) па сакав да ве прашам нешто. Бидејќи има една многу добра понуда за Asus X59SR ме интересира дали Асус е добра марка за лаптопи, дали навистина АМД процесорите за лаптопи повеќе загревале од оние на Интел, кои марки се добар избор (слушам во последно време речиси сите производители ги склопуваат лаптопите во Кина или други земји од тој регион), дали вреди за се дадат плус пари за графичка и уште нешто, ако ви текне и вам.
Вие сте луѓе со искуство, па се надевам да ќе ми разјасните некои работи. Го очекувам вашиот одговор побрзо пошто во текот на овие недели треба да се подновам со нов лаптоп.
Поздрав од Слободан Паризоски - студент на ЕТФ

Пред сè, каков и да купите лаптоп, со среќа да си го користите. А сега да разјасниме некои ваши дилеми.
АСУС е добра марка за лаптопови. АМД процесорите не греат толку многу повеќе од Интеловите, така што тоа не треба да ви биде репер. Порано, АМД процесорите важеа за "шпорети", потоа Интел го презеде епитетот на "рингла" со оглед колку се грееја процесорите со Prescott јадро. Сега, ниту едните ниту другите немаат проблеми со преголемо загревање.
За мобилни платформи Интел од секогаш бил и ќе остане Број 1, барем уште долго време. АМД едноставно нема соодветна платформа со која може да му парира. Не дека не чинат лаптоповите со АМД, но сепак Интел е далеку подобар во тој поглед. Секако, ова е само мое видување…. но знам дека мнозинство се сложува со мене.
И за крај, склопувањето. Што прави разлика ако е склопен во Кина? Тоа можеби е направено поради поефтина работна сила, што во глобала ги намалува трошоците и крајната цена. Еве на пример, две фирми кај нас склопуваат свои лаптопови. Едните се со Бренд име, другите со некој сомнителен бренд. Значи ли тоа дека се полоши или послаби? Мене тоа не ми е битно, битно ми е што има внатре во лаптоповите. Брендот е прва класа, но и погоре спомнатиот сомнителен бренд пријатно ме изненадил кога го тестирав.
Плус пари за графика вреди да се даде доколку сакате да играте игри со тој лаптоп. Според мене играњето игри на лаптоп нема многу смисол – за да се добијат врвни перформанси, треба да вгради скапа графичка и да се има соодветна платформа. А тоа "бааги" ја крева и онака високата стартна цена на лаптоповите. Кога ќе видите каков десктоп систем може да се купи со тие пари, и тоа осетно помоќен од лаптопот, ќе сватите и самите дали таа и таква инвестиција се исплати. Башка на тоа, за вистинско уживање во игрите потребен е монитор од најмалку 19 инчи, а такви лаптопови не само што се ретки, туку се и прескапи.
А ако лаптопот не ви е за игри, или сакате понекогаш да поиграте понекоја лесна игричка која нема големи графички побарувања (од типот на ЗУМА), тогаш и основната, интегрирана графика е повеќе од доволна.
Па, со среќа. Драго ми е ако ви помогнав.
Зоран Ивановски


Нацрти на плочките и повеќе електроника (Емитер 12/2008)

Почитуван г-дин Таневски,
Сакам само да ви предложам, ако е можно, печатените кола да ги објавувате/печатите прописно, како што е тоа случај во сите списанија за електроника, дали од соседите или светски, бидејќи нема резон читателите да се мачат да цртаат плочки за проекти кои веќе сте решиле да ги објавите. Ако погледнете во кое било списание, сличен на Емитер, ќе забележите дека печатените кола (сите од тековниот број) дури и се печатат на посебна страница. Оној што решил да набави плочка преку вашиот ППК сервис, тој секако ќе набави, додека оние кои имаат услови сами да изработат, секако сами ќе изработат, па макар и да треба сами да ја компонираат според шемата, само што непотребно им создавате дополнителна работа.
Се надевам дека горенаведеното ќе има некакво влијание во понатамошните броеви на Емитер. Инаку, ве следам уште од првиот број на Емитер и ми е навистина криво што електрониката сè помалку и помалку ја има
Со почит,
Владимир Георгиев, дипл.ел.инж.

За овие прашања/предлози имаме пишувано во ЕМИТЕР во повеќе наврати и вам како редовен читател би требало да ви се познати тие текстови.
Еве copy-paste одговор за плочките, оригинално објавен во бројот 1/07:
"Нацртите на плочките за печатено коло (ППК) не ги објавуваме, од проста причина што ние продаваме професионално изработени ППК и тоа по цена приближно еднаква на празна плочка!!! Сигурно ќе се сложите дека нема никаква логика некој да се мачи да изработува плочка, кога таа ППК може веднаш да ја добие веќе изработена, речиси за истата цена како и празна, ненагризена плочка! Понатаму, со необјавувањето на нацртите на ППК се заштедува простор во списанието за нови проекти, што за една година се акумулира во толкав простор, доволен за уште два или три нови проекти! Верувам ќе се сложите дека тоа е во интерес на повеќето читатели".
Да напоменам и дека светски познатото списание за електроника Електор од пред повеќе од една година не ги објавува цртежите на своите плочки, најверојатно заради истите причини – заштеда на простор и продажба на готови плочки.
А за тоа дека во сегашниот ЕМИТЕР има помалку електроника отколку во старите броеви не сте во право, што можете лесно да го проверите самите со пребројување на страниците во последните броеви кои се исполнети со содржини од електроника/информатика/аудио/видео/телекомуникации и страниците на старите броеви (пред 2001г) кои целите беа посветени на овие рубрики. Еве, во последниот број (11/08) има околу 36 страници со овие теми, а толку изнесувал просекот на страници со содржини на броевите од 2000 година, додека, пак, броевите од 1995 до 1999 имале помал просек (29 до 35 активни страници). Поопширен одоговор на оваа тема ќе најдете во уводникот од ЕМИТЕР 9/03.
Со почит,
Слободан Таневски
главен уредник

Проблемот е во тоа што плочките кои ги продава Емитер се многу далеку од професионални (имам набавено неколку пати), што е уште една причина повеќе да бидат објавувани нацртите на плочките… Но како и да е, ваше е да правите како мислите, а наше е дали ќе продолжиме да го следиме Емитер и понатаму.
Поздрав,
Владимир Георгиев.

За да се направи професионална плочка не е доволен цртежот на бакарниот слој на ППК, туку е неопходен фајлот од цртежот на плочката (изработен во Протел, на пример). Со помош на цртежот на ППК во најдобар случај можете да направите само онакви плочки какви што се од нашиот ППК сервис (но со полош квалитет). За цената по која ги нудиме, нашите плочки се одлични. Самите проценете дали ви се исплати да потрошите неколку саати време плус материјалот (празна плочка, фотоспреј, киселина и средства за чистење) наместо да купите готова за 30 - 100 денари, колку што во просек чинат нашите нагризени плочки. Патем, ние можеме да направиме и најпрофесионални плочки (со сите заштити, солдер, сито печат, метализирани премини и сл), но сметавме дека тоа не е потребно за аматерски и полупрофесионални уреди (какви што се објавените во ЕМИТЕР), бидејќи таквите плочки би чинеле неколку пати повеќе од сегашните, а со тоа би биле неприфатливи за најголем број од читателите.
Нема тука голема филозофија - го правиме она што е во интерес на најголем дел од читателите, но и она што е неопходно за да може списанието да опстојува. А ова, колку што е во наш интерес уште повеќе е во ваш и во интерес на сите читатели.
А секако, ако не ви се допаѓа преку ЕМИТЕР да добивате околу 36 страници од електроника (и сродните дисциплини) + уште 30 страници од други научно-технички дисциплини за 130 денари и плочки за 30 - 100 денари по парче, тогаш како подобра варијанта ви го препорачувам британското списание Електор (со околу 50-60 страници содржини од електрониката) за 650 денари по број и нивните професионални плочки за 3 - 20 фунти (230 - 1500 денари) по парче.
Патем, доколку вие имате потреба за професионални плочки од нашите проекти, слободно обратете ни се и ќе ви доставиме понуда за истите.
Слободан Таневски


Полнач на акумулатори од PC напојување (Емитер 12/2008)

Здраво ЕМИТЕР.
Ми треба еден совет во врска со полнењето на акумулатори. Во повеќе написи во ЕМИТЕР имате пишувано за оваа проблематика, но од друга страна на пазарот гледам полначи кои се обични исправувачи.
Јас направив еден едноставен полнач кој даде некои резултати ама не знам колку е добар за акумулаторот. Се работи за доста евтин полнач направен од напојување за PC, каде што на 12-волтната линија го подигнав напонот на 13,8 волти со промена на соодветните отпорници во повратната врска. Дали е добро на овој начин да полнам акумулатор, и дали би можело нешто да се додаде (некој вид на заштита) за подобро да функционира? Инаку напојувањето го купив за 50 ден. од "бувљак".
Мартин Јанковски

Полначот е сосема во ред, на акумулаторот нема да му биде ништо и ќе се полни нормално, но ќе му треба повеќе време за да се наполни. Имено, главниот дел од моќноста компјутерското напојување ја испорачува на 5-волтниот и 3,3-волтниот излез, а не на излезот за +12V, па така само мал дел од моќноста која може да ја даде напојувањето ќе оди на полнење.
Кирил Крстевски


Две прашања (Емитер 5/2009)

Имам две прашања за вас...
1. Дали има некоја грешка во написот "Колку вати е трансформаторот?" од ЕМИТЕР 1/09, бидејќи за жица со дијаметар од 0,3 mm формулата за I1 дава многу голема вредност (можеби грешката е во J дека е на многу голем степен)?
2. На LM723 за струјното ограничување потребно е помеѓу пиновите 2 и 3 да има напон од 0,6 V. Дали кога ќе се достигне тој напон помеѓу тие два пина напонот на излез ќе падне на 0 или нема да се намали до 0 туку на некоја друга вредност?
Бојан Јаневски

1. Изразите за оценка на моќноста на трансформатор се коректни и проверени во повеќе наврати. Уште повеќе во следниот број (од оној во којшто е написот) во рамки на еден друг напис од областа на информатиката ("Ch резултати сега и веднаш") е даден програм кој е тестиран за повеќе конкретни трансформатори со познати параметри. Резултатите кои ги даваат овие изрази се со мали отстапувања во однос на номиналните параметри на трансформаторите дадени од производителот.
Можеби вие грешите во едниците мерки? Во изрази од областа на физиката каде што се среќаваат повеќе физички големини најдобро е сите единици да се сведуваат на основните едниници во Si-системот. На пример, ако во изразот фигурира 0,3 mm, тогаш ова напишете го како 0,3•10^-3 m, затоа што основна единица за должина во Si-системот е m (метар), а не mm (милиметар).
Втор пример: Ако се сретнува, на пример, 2,5 A/mm^2, тогаш ова ќе биде 2,5 A/((10^-3 m)^2) = 2,5•10^-6 A/m. A (ампер) и m (метар) се основни единици во Si-системот.
2. Напонот кој се генерира на излезот од стабилизатор реализиран со интегралното коло LM723 ќе зависи од карактерот на потрошувачот. Тој ќе биде точно толкав колку што е потребен да се одржува максималната струја на куса врска кај овој стабилизатор која е определена со следната релација Imax = 0,6V/Rs, кадешто Rs е отпорник кој се вметнува на излезот од стабилизаторот со LM723 во серија со потрошувачот. Значи, ако оваа струја решиме да биде, на пример, 5A, а на излез од стабилизаторот имаме приклучено омски отпорник од 1 ом, тогаш на излез од стабилизаторот ќе се појави напон од 1Ω•5A = 5V без оглед на тоа колкав ќе биде напонот на стабилизаторот за нормално оптоварување. На пример, тоа може да биде 12V.
Кирил Крстевски


Евиденција на возила на паркинг (Емитер 5/2009)

Здраво Емитер!
Како нарачан се покажа написот за безжичните сензорски мрежи во ЕМИТЕР бр. 12/08. Имено, на факултет (ЕТФ) имаме за задача да изработиме проект за факултетскиот паркинг. Тоа вклучува определување на места за поставување рампи, броење на слободни/зафатени места, контрола на пристап со картички итн. Ме интересира дали безжичните сензорски мрежи, кои беа спомнати во тој број на Емитер, може да се искористат, на пример, за броење на зафатените места на паркингот и таа информацијаа да се испрати до управувачкиот центар или, пак, директно до некој дисплеј (бројач) поставен во близина на рампата за влез/излез за да можат оние што сакаат да влезат на паркингот да имаат информација за тоа дали има слободно место или не.
Ве молам за побрз одговор и однапред Ви благодарам.
Слободан Паризоски

Конкретно за броење на слободните паркинг-места, безжичните сензорски мрежи и не се најдоброто решение. Најдобро решение за тоа е со сензор на влезната/излезната рампа кој би ги броел возилата кои влегуваат/излегуваат. Меѓутоа, доколку сакате да имате информација и точно кое паркинг-место е слободно, тогаш безжичните сензорски мрежи би можеле да ви бидат од корист. Сепак, употребата на БСМ во еден ваков систем не е многу практична, а дали е финансиски изводлива оценете сами. Јас, сепак, би се држел до решение со по еден сензор на влез/излез кој би ги броел возилата кои поминуваат.
Костадин Солаков


Дополнителни информации во врска со проектот "Дигитален топломер" од Е2/09 (Емитер 5/2009)

Почитувани,
Ве молам да ми објасните некои работи од проектот "Дигитален топломер", односно подетално да објасните во врска со потопувањето на сензор-диодата D1 во вода со мраз и во зовриена вода? Како ќе се потопи телото на диодата ? Што ќе биде со приклучните водови? Дали и тие нема да се потопат?
Поздрав,
Душко Савески

За сензорот од овој проект формиран со диодата D1 да може да се потопи во вода со мраз и во зовриена вода, тој треба да е комплетно изолиран и водоотпорен. За да биде сè појасно на слика 1 е прикажан начин на сместување на сензор-диодата D1 во бакарно или алуминиумско цевче, а цевчето може да биде и од друг метал кој е отпорен на корозија. Диодата D1 најпрво се леми на аудиокабел и нејзините краеви се изолираат со термички изолаторски цревца (овие изолаторски цревца ги користат винклерите кои винклуваат електромотори). По оваа постапка диодата D1 заедно со аудиокабелот треба да ја протнете во металното цевче со должина од околу 80…100mm (види слика 1), при тоа внимавајте со цевчето да не направите краток спој. По ова, металното цевче треба да го исполните со силиконски кит кој може да поднесе повисока температура од 120°C. Откако силиконот ќе се исуши, уште еднаш со унимер проверете да не имате направено краток спој со цевчето, ако сè е во ред, краевите од аудиокабелот спојте ги на конекторот K1 од ППК (слика 2 од проектот). При спојувањето водете сметка на точното поврзување, односно на поларитетот. По сето ова, топломерот е подготвен за нагодување, односно баждарење.
Славко Стојковски


Проблеми со звучна картичка (Емитер 5/2009)

Здраво почитувани,
Вашето списание го следам одамна и многу ми се допаѓа.
Имам еден проблем со звучната картичка на десктоп компјутерот. Се работи за внатрешна PCI звучна картичка E-MU Creative 1212m (со DSP процесор на неа), која е поставена на два слота меѓу себе поврзани со кабел налик на IDE. На главниот слот се аналогните I/O (по два големи моно банана конектори) и MIDI I/O, а на помошниот слот има S/PDIF и ADAT I/O.
Проблемот е следен: во неправилни временски интервали често се слушаат кратки еднократни пуцкања со висока фреквенција на звукот. Пуцкањето се случува доста често (кога има пуштено каква било програма која произведува звук како Winamp, BS Player и сл.), па дури и кога нема пуштено ништо. Ова се случуваше и додека живеев во Прилеп во приватна куќа, а и сега во Скопје во зграда. Картичката поддржува и балансирани кабли, а моментално користам обични кабли кои ги поврзувам на AKAI засилувач. Имам пробано и на друг засилувач, и на два потполно различни компјутери, со различни кабли, со или без вклучен инструмент на влезовите. Дигиталниот излез го немам испробано, бидејќи немам засилувач со S/PDIF влез. Би ве замолил ако можете да ми помогнете со совет за да го спречам ова пуцкање, бидејќи поради тоа не ја користам картичката за слушање музика, туку само кога ми треба да продуцирам музика.
Однапред благодарам,
Владимир Митрески.

За вакви специфични прашања многу е тешко да се даде конкретен одговор. Сепак, ако пуцкањето се јавува и на други компјутери, тогаш најверојатно проблемот е во картичката, а не во останатиот хардвер или софтвер. Според мене, за овој тип на проблеми најдобро е да се контактира директно производителот или некој форум кој е специјализиран за компјутерски хардвер и/или музичка продукција.
Дејан Трпески

Сум имал сличен проблем уште со AWE32 на Sound Blaster, во времето кога јас создавав музика. Каблите имаат битна улога. Исто е многу битно, преку кои делови од компјутерот поминуваат. Работата на хард дискот исто така многу влијае на нивото на шум на звучните картички наменети за обработка на музика. Неквалитетните хард дискови создаваат шум којшто се пренесува до многу компоненти. Денешните компјутери користат големи фреквенции за да се зголеми протокот на податоци. Тоа исто така многу влијае на внес на шумот.
Затоа, доколку не е софтверски проблем, или нешто со самата картичка, предлагам да се почне со каблите. Добри кабли, пократки, подалеку од изворите на зрачење.
Добре Блажевски

Благодарам на брзиот одговор. Се надевам дека не е проблемот до картичката, бидејќи е купена од Германија и многу ќе биде тешко да ја пратам на сервис. Контактирав со производителот, тие алудираа дека е софтверски проблем, но се испостави дека не е. Се сомневав дека е можно проблемот да е до заземјувањето, бидејќи звукот личи на оној што се создава кога ќе се приклучи на напон некој уред кој повеќе троши струја (акумулациона печка и сл.). Дали нешто би се сменило кога би користел балансирани кабли (не сум запознат со таа технологија)?
Во секој случај благодарам што се потрудивте да ми одговорите.
Владимир Митрески

Балансирани кабли можат да помогнат само ако сите уреди кои се приклучуваат на картичката имаат балансирани конектори (влезови и излези)! Ако засилувачот нема балансиран влез - ништо од бизнисот! Но, постои едно решение кое вреди да се испроба - тоа е изолациски аудиотрансформатор 600:600 ома, кој треба да се приклучи меѓу излезот од картичката и влезот на засилувачот. Постојат чисто електронски варијанти на вакви раздвојни трансформатори, таканаречените direct box, кои се поевтини, но прво треба да се испроба со класичен аудиотрансформатор. Ако и вака го покаже истиот симптом, тогаш проблемот дефинитивно е во хардверот на самата картичка. Нормално, произведителот на картичката секогаш ќе ги обвини за проблемот сите други софтвери и хардвери приклучени на картичката, само не неговиот производ.
Владимир Филевски

Според она што го има на сајтот за картичката, во вашиов случај ќе мора да употребите кабли за балансиран влез/излез (оклопен кабел со две жици, т.е. вкупно три). Од друга страна, картичката ќе мора да ја приклучите на уред (миксета, засилувач, итн.) со балансиран влез/излез. Во спротивно, ќе имате проблем со аудиото. Или, доколку вашиот уред на којшто ја приклучувате картичката нема балансиран влез/излез, тогаш ќе мора да направите уред (приспособник) којшто тоа ќе ви го овозможи. Доколку имате некој таков случај, обратете се до редакцијата да ви посочат во кој број постои објавен напис за таков уред.
Добре Блажевски

Проблемите и грешките кои се поврзани со заземјувањето на уредите по правило внесуваат пречки (брум) со фреквенција од 50 и 100 Hz, што значи на ниски фреквенции. Со оглед на тоа што во вашиот случај пречките се на високи фреквенции, и со оглед на тоа дека истото се случува кога компјутерот е на друга локација, малку е веројатно дека проблемот е во заземјувањето.
Пречките на високи фреквенции можат да бидат резултат на интерференција со некој друг уред во близина на картичката, а најверојатно во самиот компјутер. Сепак, за мене и тоа е малку веројатно, бидејќи како што велите истото се случува и на други компјутери.
Овој тип на проблеми понекогаш се јавува кај цела серија на картички, како резултат на некоја "фабричка грешка". Не велам дека е тоа случај и со вашата картичка, но не треба да се отфрли и таа можност.
Балансираните приклучоци на картичката можат да бидат од полза само доколку и надворешните уреди кои се поврзуваат со неа имаат исто така балансирани влезови, односно излези.
Јас би ви препорачал, вашата картичка да ја дадете на некој ваш пријател да ја монтира во својот компјутер и да го инсталира софтверот без вас и без ваши сугестии, а за поврзување со надворешните уреди да користи свои кабли. Ако и во тој случај картичката се однесува исто, според мене, голема е веројатноста проблемот да е во картичката.
Дејан Трпески


Микроконтролер на USB порта (Емитер 5/2009)

Здраво Емитер.
Имам едно прашање до вас. Во многу претходни броеви вашето списание има објавено проекти на уреди кои на некој начин комуницираат со компјутер. Сите тие комуникации се одвиваат преку RS232. Истото се случува и со програматорот за микроконтролери. Сакам да ве прашам дали е возможно и како јас да вклучам таков уред на мојот компјутер, бидејќи имам матична плоча P35 Platinum која ја зедов пред 1 година, а таа нема сериски порт. Дали некако може да се приклучат овие уреди на USB, бидејќи и тој порт е со сериска комуникација?
За секој одговор однапред благодарам.
Жарко Костадиновски,
од Велес

USB комуникацијата е сложена сериска комуникација која покрај електричните спецификации дефинира и многу сложен протокол за комуникација кој тешко се имплементира во уреди со едноставни микроконтролери. Затоа оваа сериска комуникација не е популарна во уредите со мали и евтини микроконтролери. Покрај сложеноста за изработка на уред, USB комуникацијата најчесто треба да се поддржи и од специјален драјвер за PC за вашиот уред кој траба вие да го изработите. Изработката на специјален USB драјвер за PC дополнително ја усложнува работата.
Моја препорака е да си набавите USB→RS232 конвертор кој одлично ќе си ја заврши работата и ќе добиете RS232 сериска порта на вашиот компјутер. Цената на ваков конвертор е околу 600 денари и мислам дека е прифатлива.
Благој Ќупев


Функциски генератор со 8038ACP (Емитер 4/2009)

На интернет најдов шема за функциски генератор. Сакам да го направам бидејќи е прилично едноставен, а освен тоа, може да најде место во мојата аматерска работилница. Ја нацртав плочката ама кога го побарав интегралецот 8038PCD во продавниците за електроника немаа таков, па купив 8038ACP произведен од фирмата EXAR. Моето прашање е дали може да се искористи тој интегралец без да се прават промени во шемата или, пак, ќе треба да се користи сосема друга шема.
Поздрав од вашиот верен читател,
Бојан Јаневски

Се работи за истото коло само од друг производител. Тоа значи дека колото што сте го купиле можете да употребите во вашиот проект. Вообичаено, при означувањето на интегрираните кола префиксот (буквите пред бројот) го покажува производителот, додека суфиксот (буквите после бројот) го означува типот на куќиштето, температурниот опсег на работа и намената.
Само како мало потсетување да спомнам дека во претходните броеви на ЕМИТЕР во два наврати е објавен проект на функциски генератор и тоа во ЕМИТЕР 9/97 и ЕМИТЕР 11 и 12/2002. Во првиот проект се користи токму ICL8038, додека во вториот XR2206. Јас ви препорачувам добро да ги проучите и двете статии бидејќи во нив се содржани многу корисни информации кои ќе ви помогнат успешно да го реализирате вашиот проект.

Дејан Трпески


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.