Најпрво поздрав до вас и една голема честитка за досегашното успешно работење. Се надевам ќе продолжите со истото темпо на работа. Почнувам со пофалби: последниот број беше меѓу најдобрите, шемата за генератор на слика беше нешто кое одамна ми фалеше (колку пати при поправка на ТВ сум ставал жица за антена), посебно брат ми се израдува за брошурата WINDOWS 95, како и ESR-метарот кој одамна го барав. Сега би почнал со прашањата:
1. Во бројот 2/98 ја објавивте шемата за дигитален термометар и ме интересира како би можело да му се прошири опсегот, да речеме до 1000 степени целзиусови па и повеќе (1200°C) ако како сонда употребам NiCh_Ni термопар или евентуално да објавите шема со ICL7117.
2. Во биојонизаторот од бројот 3/98 пишува дека треба да се користат феритни лончиња - дали може да употребам друг тип на јадро, на пр. феритна антена, и дали тогаш ќе треба да се смени и бројот на намотки.
3. Во шемата на мелодично ѕвонче од ЕМИТЕР 4/99 се употребува UM3482, меѓутоа во продавниците се продава M3482. Дали колата се идентични меѓу себе?
Гоце Гичевски од Скопје

Голема благодарност за пофалните зборови. Задоволство ни е што ЕМИТЕР ги задоволува Вашите интереси. Еве одговор на поставените прашања.
1. Мерењето температура со термопар во основа воопшто не е едноставно. Се работи за мошне прецизен сензор, кога еднаш ќе ја компензирате закривеноста на карактеристиката која ја поседува термопарот. Во основа отстапувањата од идеалната права се од 2 до 5%, но во некои апликации ова може да е голем проблем. За правилно отчитување на напонот кој го дава термопарот треба да ги компензирате паразитните термопарови кои се јавуваат на споевите. Исто така треба да ја компензирате собната температура на инструментот, бидејќи излезниот напон на термопарот е одраз на температурната разлика помеѓу инструментот и мерното место, и да го нагодите напонскиот офсет за покажувањето на дисплејот да е соодветно на температурата која се мери. Во пракса исполнувањето на сите овие барања одеднаш се манифестира како мошне сложен констукторски проблем, но со употреба на специјализирани интегрирани кола решението може да се поедностави. Овде ќе напоменам дека единствената разлика помеѓу ICL7107CPL и ICL7117CPL е во тоа што второто има и функција да го задржи последното мерење на екранот сè додека има сигнал на изводот посебно наменет за тоа. Заради ова употребата на ова коло воопшто не ни помага во остварувањето на целта. Употребата на второто може само да го направи инструментот пофункционален. Во овој момент сè што можам да Ви ветам е дека во некој од следните броеви ќе објавиме коло за приклучување на термопар, како температурен сензор, на ICL7107CPL. Оваа одлука доаѓа од таму што колото во најмала рака припаѓа на рубриката апликации, односно бара пошироко објаснување и повеќе време за подготовка. Се надевам дека ќе бидете стрпливи за да добиете исцрпен одговор кој ќе ги задоволи потребите на поголем број читатели.
2. Феритна антена или друг феритен материјал не може да се користи во био-јонизаторот. Енергијата која може да се трансформира со таков вид на јадро не е доволна за правилна работа на јонизаторот. Феритното лонче може да пренесе поголемо количество на енерегија заради своите ВФ карактеристики и затвореноста на електромагнетните силови линии, одредено со неговата геометрија и физичка големина.
Со друг тип на јадро навистина ќе се добие некој трансформиран напон, но се разбира дека постои потреба од промена во бројот на намотките. Експериментирањето со такви несоодветни материјали е само изгубено време и не вродува со никаков плод наспроти залудно вложениот труд. Замислете си како би било феритно лонче да користите како антена за АМ подрачје?! Да резимирам – потрудете се да најдете соодветно феритно лонче, само така ќе обезбедите сигурна работа на биојонизаторот од Е3/98.
3. Добро сте забележале дека интегралните кола што сте ги користеле не се исти. Оригиналот е UM3482 (со симбол на глобус), додека M3482 (без никаков симбол) во основа е пинкомпатибилен на претходниот, но бара мала преправка на конструкцијата. Ова го добив со експеримент откако набавив M3482. Проблемот е најверојатно во тактната фреквенција која за поевтиниот M3482 треба да биде доста повисока. За M3482 не се знае ни производителот ниту пак има некои податоци. Во малопродажната мрежа се декларира како UM3482. Целата работа може да се спаси со намалување на вредноста на R6 од 820k на 33k, а P1, P2 да се постават во средна положба.
К. Карпузовски, П. Аврамовски и Д. Јовановски


Би ве замолил ако сте во можност да ми испратите шема на свртница за парот звучници Simsonik SW820 (8”/120W/8Ω) и YDQG 5-2 (100W/8Ω) и ЕМИТЕР-от во кој се дадени параметрите на сите звучници од Simsonik.
Однапред благодарам!
Љупчо Мирјаноски

Проектот за звучникот Techno 8 во кој се употребени тие компоненти е објавен во ЕМИТЕР 10/96. Ви препорачувам да го прочитате написот "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96. Параметрите на Simsonik звучниците не се објавувани во ЕМИТЕР, но ако Ви се потребни, погледнете во "Малите огласи".
Владимир Филевски


Здраво почитуван ЕМИТЕР,
Ви пишувам по втор пат, бидејќи имам голем проблем - многу време губам барајќи на интернет страници со шеми од електроника но попусто, па ако можете да ми кажете некој веб страници со шеми од електроника, а се интересирам и дали имате готова плочка за КОЏАК сирената?
Ви благодарам однапред, и очекувам да ми одговорите што побрзо.
Бојан С. преку e-mail

Веќе една година во ЕМИТЕР постои рубрика "Електрониката на интернет" во која нашиот соработник Александар Арсов дава информации за веб страници чија содржина е од областа на електрониката. Погледнете ги тие написи и сурфајте на наведените страници.
Проект за универзална сирена која може да го имитира и звукот на т.н. коџак сирена е објавен во ЕМИТЕР 3/99. ППК за овој проект (Шифра 990305) имаме и можете да ја порачате од нашиот ППК сервис.
Слободан Таневски

Долгото мачење во потрага по веб страници кои имаат шеми ми беше залудно...
Ве молам да ми кажете барем една интернет адреса која што има шеми за коџак сирени, или такви некои работи - ќе ми бидете од голема корист.
Поздрав до сите во Емитер,
Бојан С. преку e-mail

Рубриката во која пишуваме за интересни интернет страници од областа на електрониката во ЕМИТЕР е застапена во секој број почнувајќи од бројот 6/99. Уште во бројот 7-8/99 посочивме неколку страници на кои можат да се најдат шеми за разни електронски уреди, како на пример http://ftp.ee.ualberta.ca/pub/cookbook/index.html, http://www.world-net.net/~muldowne/schems.html, http://www.darkportal.com/cc/index2.htm ... Не знаеме дали на некоја од овие или на некоја друга веб страница ја има шемата што Ви треба - тоа ќе треба самите да го проверите. Сепак сакам да Ве предупредам дека на интернет тешко ќе најдете некоја точна и практично проверена шема со детални упатства за самоградба. Причина за ова е што на интернет најчесто бесплатно се нудат шеми од страна на разни ентузијасти и аматери, а многу поретко зад тоа стои некоја реномирана фирма или издавачка куќа, но во тој случај скоро секогаш таквата услуга се плаќа. Впрочем, она што е квалитетно и проверено секогаш треба и да се плати независно од тоа дали бараното ќе го добиете во електронска или печатена форма (книга или списание) - интернет во тој поглед не е никаков исклучок, баш напротив.
Шемата што ја барате, како што Ви кажав и во претходното писмо, е објавена во ЕМИТЕР број 3/99 кој можете да го порачате од редакцијата. Освен таа шема, за 100 денари ќе добиете уште 50-тина страници во кои ќе најдете и други интересни шеми и написи од разни области на електрониката. Зарем до сега не сте потрошиле многу повеќе пари и време барајќи го на интернет она што го има на чекор од Вас?
Слободан Таневски


Почитувана редакцијо,
И јас би сакал да се придружам кон многубројните пофалби од читателите за вашето и наше списание од оваа сè поинтересна област за младите луѓе. Со ова писмо ќе се потрудам да ги искажам моите размислувања, а воедно и да ви предложам некои идеи за ваша понатамошна работа.
Јас како наставник во О.У. "Стив Наумов" од Скопје веќе трета година редовно го користам ЕМИТЕР во мојата работа со секцијата по електроника и, веднаш да ви кажам, предизвика голем интерес меѓу учениците, а и мене многу ми помага. Со појавата на ЕМИТЕР секоја учебна година заинтересираноста е сè поголема така што оваа учебна година во мојата секција членуваат над триесет ученика. Од ЕМИТЕР ги користам само поедноставните склопови кои благодарение на вас се со помалку грешки и што се вели проработуваат од прва. Сето тоа предизвикува кај моите ученици голема радост кога склопот ќе проработи од прва, а и воедно големо разочарување ако не проработи, што кажува дека ние не сме професионалци за да можеме самите да ги најдеме грешките. За среќа тоа многу ретко се случува во вашето списание.
Искажувам голема благодарност на вашиот уредник Слободан Таневски за серијата прилози "Почетен курс по практична електроника" од каде моите ученици и јас многу научивме. Добро би било таа серија да продолжи и понатаму и ако е можно сето тоа да го споите и објавите во една книга. Кога сум тука би го предложил следново: Списаниево ви е во голема мерка професионално, мислам наменето за средните училишта и понатаму. Тоа е добро, меѓутоа ако сакате да навлезете и во основните училишта (има заинтересираност на дечиња уште од петто одделение) одвојте барем две страници и симнете се на пониско ниво со поедноставни и поевтини склопови, кои ќе проработат од прва, бидејќи до сега вашите склопови можеа да ги изработат само ученици од осмо и многу ретко од седмо одделение. За помалите кои за среќа се позаинтересирани, се снаоѓам со трепкачи, индикатори и сл. Тие помалите многу се радуваат на склопови со звучни или светлосни ефекти – пр. краткодометни ФМ предаватели, приемници. Ми носат такви исти од Бугарија, минијатурни и доста интересни. Сигурно и вие можете да направите такви.
Голем поздрав и благодарност од електронската секција и мене.
Симо Костовски,
наставник по ТО во ОУ "Стив Наумов", Скопје

Вашето писмо особено ме израдува, не толку заради упатените пофалби, колку за информацијата дека во Вашето училиште постои голема секција по електроника. Уште порадосен факт е дека заинтересираноста за членување во таа секција е сè поголема благодарение на ЕМИТЕР. Баш поради тоа, како награда за овој ентузијазам и поттик за натамошната работата на Вашата секција, Ви испраќаме десетина плочки со печатени кола и исто толку примероци од постарите броеви на ЕМИТЕР.
Се сложувам дека во ЕМИТЕР има малку написи кои се прилагодени за учениците од основните училишта, па затоа ќе вложиме напори тоа во иднина да не биде така, односно, како што велите и Вие, во секој број да има по нешто и за најмладите електроничари.
Поздрав и голема благодарност до Вас и Вашите млади електроничари.
Слободан Таневски


Здраво!
Најпрвин да ви се заблагодарам што ми одговоривте на првото писмо во врска со еквилајзерот за гитарскиот засилувач. Го послушав вашиот совет и многу сум задоволен од добиените резултати. Имам две прашања:
1. Правам бас-рефлекс звучна кутија, според ЕМИТЕР 6/98, но никаде не сретнав информации за местоположбата на звучникот и на бас-рефлекс цевката. Звучната кутија е со надворешни димензии 589x415x748 mm, а користам звучник Eminence Beta 12 LTA, наменет за гитарски звучник. Пожелно би било бас-рефлекс цевката да биде поставена од предната страна.
2. Го разгледав проектот "Уред за комуникација преку 220 волтна мрежа" од ЕМИТЕР 2/2k и би сакал подетално да ги опишете намотките од Tr2 на предавателот и приемникот, димензиите на феритните лончиња и вредноста на индуктивитетот на намотките. Во иднина пожелно е во проектите каде што се употребуваат намотки да биде даден и нивниот индуктивитет, за попрецизно изработување.
Однапред ви се заблагодарувам,
Мирослав Петроски
од Тетово

Нè радува што нашите совети довеле до резултати со кои сте задоволни.
1. Како што пишува во каталогот на Eminence, широкопојасниот звучник Eminence Beta 12 LT е проектиран и наменет за PA системи, а не за гитарски засилувачи. Иако тој може добро да послужи и за гитара, сепак најдобро е за таа намена да се употреби звучник кој е специјално конструиран како гитарски звучник – на пример одличниот Eminence LE 12-50 (или Eminence LE 12-35), но веројатно овие звучници се поскапи. Бидејќи веќе сте го купиле Eminence Beta 12 LTA (буквата A на крајот означува верзија од 8Ω), еве некои совети како би можеле што подобро да го искористите. Ако имате бас-гитара, тогаш звучната кутија што сте ја направиле е со коректен внатрешен волумен (околу 149 литри). Но ако имате соло гитара, тогаш кутијата е непотребно голема. Најнискиот тон што го дава соло гитарата е околу 80 Hz, така што ни звучната кутија нема потреба да дава пониски тонови од 80 Hz – затоа направете нова бас-рефлекс звучна кутија со внатрешен волумен од 62 литри (62 dm3), а резонантната фреквенција fb наместете ја на 49 Hz. Бас-рефлекс цевката слободно поставете ја на предната страна.
Како што веќе напишав во серијата "Бас-рефлекс звучни кутии" (ЕМИТЕР 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98), проектирањето на ваков тип звучни кутии е обременето со многу проблеми, кои само делумно можев да ги набројам – со оглед на малиот простор. Проектирањето и конструирањето на бас-рефлекс звучни кутии не го препорачувам на аматери, бидејќи е неопходна мерна опрема и големо знаење. Резонантната фреквенција fb секогаш мора да се провери со мерење, и тоа не само минимумот на движење на мембраната на бас-звучникот, туку исто така и максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката. Во пракса многу често се случува максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката да не се поклопува со минимумот на движење на мембраната, што значи дека нема да се добие рамна амплитудно-фереквентна карактеристика. Обликот на амплитудно-фреквентната карактеристика на зрачењето на бас-рефлекс цевката исто така е непредвидлив и треба внимателно да се вкомпонира со менување на резонантната фреквенција.
Местоположбата на бас-рефлекс цевката има некое влијание (како што веќе напишав во ЕМИТЕР 4/98), но тоа е скоро невозможно теоретски да се предвиди, па повторно е неопходно мерење. Единствена олеснителна околност е тоа што местоположбата на бас-звучникот во кутијата нема некое големо значење.
Со оглед на наведените (и ненаведените) проблеми, можам само да Ви пожелам многу среќа во конструирањето на Вашите бас-рефлекс звучни кутии.
2. Замерката што ја давате дека не е наведена индуктивната вредност на намотките на Tr2 во предавателот и приемникот во случајов не ,,држи" , затоа што улогата што ја врши Tr2 како во предавателот, така и во приемникот, е улога на трансформатор, а не на пригушница. Затоа индуктивноста не е важна, а важни се бројот на навивки и типот на јадрото. Конкретните феритни лонци што се употребени во проектот се производство на ,,SIEMENS“ сочинети од по две идентични половини со надворешен пречник од 15 милиметри, височина 10 милиметри, а пречникот на внатрешниот столб изнесува 6 милиметри. Истите се со ознака 1100 163.
Како што и беше наведено во текстот, феритните лонци се извадени од стари растурени уреди. Уредите беа со дата на производство од 1971 година. Затоа било каков феритен лонец да набавите уредот ќе работи, а со малку експериментирање во бројот на намотките веројатно би го извлекле максимумот од феритниот лонец што сте успеале да го набавите.
В. Филевски и Д. Јовановски